Основни закони на човечката глупост

Некое лице е глупаво исто како што некоја друга особа е црвенокоса. Веројатноста некоја личност да е глупава е независна од која било друга нејзина карактеристика и нема врска со никаква расна, класна или професионална припадност.

ПРВ ОСНОВЕН ЗАКОН

Првиот основен закон на човечката глупост недвосмислено го тврди следното:

Секогаш и неизбежно, сите го потценуваат бројот на глупаци кои се во оптек.

На прв поглед, тврдењето звучи тривијално, нејасно и немилосрдно. Поподробно испитување ја открива реалната вистинитост на ова тврдење. Без оглед на тоа колку се високи нечии проценки на човечката глупост, секогаш одново се изненадуваме од фактите:

- За некои лица кои своевремено биле проценети како рационални и интелигентни, се испоставува дека се прилично глупави;
- Ден за ден, поединецот е малтретиран од активности на глупите кои се појавуваат ненадејно и неочекувано, на најнезгодни места и во најненеверојатни моменти.

Првиот основен закон ме спречува да ја дефинирам нумеричката вредност на уделот на глупи луѓе во вкупната популација бидејќи секоја нумеричка проценка би се покажала како потценета. Затоа во понатамошниот текст, уделот на глупави луѓе во вкупната популација ќе го означувам со симболот σ.

ВТОР ОСНОВЕН ЗАКОН

Културните трендови, сега модерни на Запад, фаворизираат егалитарен пристап кон животот. За човечките битија сакаме да мислиме како за совршено проектирани машини од масoвно производство. Генетичарите и социолозите предничат во докажувањата дека сите луѓе се еднакви а во случај некои да се поеднакви од другите, тоа се припишува на воспитувањето, а не на природата.

Го издвојувам своето мислење од ова општо гледиште. Мое цврсто уверување, поддржано од години на посматрање и експериментирање, е дека луѓето не се еднакви, дека некои се глупави а други не се, и дека разликата е одредена од природата а не од културните фактори. Некое лице е глупаво исто како што некое друго лице е црвенокосо; поединец ѝ припаѓа на групацијата глупави исто како што некој припаѓа во некоја крвна група. Глупавиот човек се раѓа како глупав со акт на провидение.

Иако тврдам така, не сум реакционерен и немам намера да пропагирам класна или расна дискриминација. Цврсто верувам дека глупоста е неселективна привилегија на сите човечки групи и дека рамномерно се дистрибуира по константна пропорција. Овој факт се изразува како Втор основен закон кој тврди:

Веројатноста некоја личност да е глупава е независна од која било друга нејзина карактеристика.

Најзначајната карактеристика за фреквенцијата на глупоста е дека природата успева да го одржи σ уделот на глупавите луѓе независно од големината на групата. Ист процент глупи луѓе добиваме и кога разгледуваме бројно големи групи и кога се бавиме со мали групи.

Доказ дека образованието нема никаква врска со σ удeлот на глупавите е обезбеден со експерименти спроведени на голем број универзитети, на пет главни групи: работници, чиновници, студенти, раководители и професори. 

Ако кај работниците удeлот на глупави го објасните со сегрегација, сиромаштија и недостаток на образование, ќе се изненадите кога ќе дојдете кај професорите па и добитниците на Нобелова награда. Да, меѓу добитниците на Нобелова постои σ кој е глупав.

Му се допаѓал некому или не Вториот основен закон, неговите импликации се морничави: Законот имплицира дека без оглед дали сте меѓу угледните кругови или меѓу ловците на глави од Полинезија, дали сте се заклучиле во манастир или сте решиле животот да го минете во друштво со убави и раскалашени жени, ќе морате да се соочите со ист процент глупави луѓе а да потсетиме, тој процент (согласно Првиот основен закон) ќе ги надмине вашите очекувања.

ТРЕТ ОСНОВЕН ЗАКОН

Глупавото лице е лице кое предизвикува штети кај друго лице или група, а притоа за себе не добива никаква корист, дури и самото трпи загуби.

Кога првпат се соочуваат со Третиот основен закон, рационални луѓе инстинктивно реагираат со скептицизам и неверување. Разумните луѓе тешко го конципираат и разбираат неразумното однесување.

Нашиот живот во голем дел се состои од случаи кога губиме пари и/или време, и/или енергија и/или апетит, расположение и добро здравје заради делување на некое бесмислено суштество кое нема што да добие и навистина не добива ништо, нанесувајќи ни само срам, потешкотии и штети. Никој не знае, не разбира или не може да објасни зошто тоа бесмислено суштество го прави тоа што го прави.

А постои објаснување, всушност постои само едно објаснување: се работи за глупав човек.

Силата на глупоста

Во суштина, глупавите луѓе се опасни и штетни затоа што разумните луѓе тешко го замислуваат и сфаќаат неразумното однесување. Интелигентно лице може да ја разбере логиката на разбојникот бидејќи неговите акции следат образец на рационалност, одвратна рационалност ама сепак  рационалност. Апашот сака да биде во плус на својата сметка, а бидејќи не знае како да направи плус а ќе придонесе и за твој плус, ќе го направи својот плус така што тебе ќе ти направи минус. Сето ова е лошо но е рационално и ако си рационален, можеш тоа да го предвидиш, неговите потези и акции и да изградиш своја одбрана.

Со глупавиот сето наведено не е можно. Глупиот ќе те малтретира без причина, без корист, без никаков план и програм и на најневеројатни места и времиња. Не постои рационален начин да се прикаже кога, каде и зошто глупавиот човек ќе те нападне. Кога си конфронтиран со глупав човек, ти потполно си во негова милост.

ЧЕТВРТИ ОСНОВЕН ЗАКОН

Луѓето кои не се глупави секогаш ја потценуваат штетноста на глупавите лица. Не-глупавите луѓе особено забораваат дека соработката со глупите, во кој било момент, на кое било место и под кои било околности, секогаш се покажува како скапа грешка

Низ вековите и милениумите, како во јавноста така и во приватниот живот, неброено поединци не го земаа за сериозно четвртиот основен закон што резултираше со непроценливи загуби за човештвото.

ПЕТТИ ОСНОВЕН ЗАКОН

Глупавиот човек е најопасен тип на човек.

Последица на тој закон е дека глупиот е поопасен од разбојникот.

Кога би делувале само разбојници, би се направила редистрибуција на богатството. Кога ќе се вклучат глупавите, приказната станува сосема поинаква. Глупавите предизвикуваат загуби на други луѓе без соодветни добитоци на сопствената сметка. Таквото општество во целина осиромашува.

Тоа има импликации во перформансите на општеството. Според Вториот освен закон, уделот на глупавите луѓе е константа σ која не е под влијание на времето, просторот, расите, класите или која било друга општествено-културна варијабла.

Би била голема грешка ако веруваме дека бројот на глупави луѓе е поголем во општества во криза отколку во оние кои се развиваат. Двата типа општества се оптоварени со ист процент на глупави луѓе.

Разликата меѓу овие две општества е што во оние кои лошо функционираат, на глупавите луѓе останатите членови им дозволуваат да станат активни и повеќе да дејствуваат.

Во општества кои одат надолу, уделот на глупавите останува еднаков на σ, но во преостанатото население, меѓу оние кои се на власт алармантно се зголемува бројот на разбојници со елементи на глупост, проследено со загрижувачки пораст на беспомошни лица меѓу оние кои не се на власт. Таквата промена во составот на населението кое не е глупаво, неминовно ја засилува деструктивната моќ на глупавите и ја зголемува неизвесноста, а земјата лизга кон пропаст. 

Карлос М. Ципола, професор по економија, UC Berkeley
The Whole Earth Review, 1987 година.

31 јули 2019 - 16:11