Известував од доволно боишта за да знам дека кога еднаш ќе се отвори Пандорината кутија, многуте зла кои се излеваат се надвор од чија било контрола. Војната го разгорува индустриското убивање. Колку подолго трае, која било војна, толку секоја инволвирана страна доаѓа се поблиску до самоуништување. Доколку не биде сопрена, посредната војна меѓу САД и Русија во Украина речиси гарантира директна конфронтација помеѓу „главните“, а со тоа и реална можност за нуклеарна војна.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој не секогаш делува како да е сигурен каде се наоѓа и што сака да каже, благодарение на групата бесни воени хушкачи кои повеќе од 20 години оркестрираат воени фијаска, е веќе фатен со Путин во костецот наречен „Јас сум поголем батка од тебе.“ На гореспоменатите им течат лиги само од идејата за војна со Русија, а потоа, ако остане “камен на камен“, и со Кина.
Навикнати да гледаат црно-бело на работите од време на Студената војна - каде секој дипломатски обид за де-ескалација на состојбите беше виден како попуштање - тие надмено го тераат човечкиот род во истребување. За наша несреќа, еден од овие тврдокорни верници во војување е и државниот секретар Ентони Блинкен.
„Путин тврди дека не блефира. Па, тој и не може да си дозволи блеф бидејќи не блефираат ни луѓето кои ја поддржуваат Украина, ЕУ, САД и НАТО“, предупреди шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. „Секој нуклеарен напад на Украина ќе повлече одговор, не нуклеарен, туку моќна воена интервенција која ќе ја уништи руската армија.“
У-ниш-ти. Дали се луѓево токму?
Кога Доналд Трамп станува глас на разумот, тогаш е јасно дека навистина сме во небрано.
„Мораме да бараме итни преговори за да ѝ ставиме крај на војната во Украина, или ќе се најдеме во трета светска војна. И од нашата планета нема да остане ништо - само затоа што глупавите немале појма. Тие не сфаќаат со што си имаат работа, со разорната сила на нуклеарната енергија,“ вели тој.
Како дописник за Њујорк тајмс од светот, имав работа со голем дел од овие идеолози - Дејвид Петреус, Елиот Абрамс, Роберт Каган, Викторија Нуланд.... Ако од градите им ги тргнете медалите и силните дипломи, ќе наидете на плитки мажиња и женчиња, стрвни кариеристи кои побожно ѝ служат на воената индустрија која пак им овозможува напредок, им ги спонзорира нивните тинк-тенкови и ги полни со пари како членови на одбори на воени компании.
Тие се макроа на војната. Ако пишувате за нив, како јас своевремено, нема мирно да спиете ноќе. Тие се доволно суетни и глупави да го разнесат светот многу пред ние да изумреме поради климатската криза, која исто така посветено ја продлабочуваат.
Ако Путин „не се шегува“ - како што му делува на Џо Бајден - околу употребата на нуклеарно оружје и ние ризикуваме нуклеарен „Армагедон“, зошто Бајден не е на телефон со Путин? Зашто не се угледа на Џон Кенеди, кој повеќепати комуницираше со Никита Хрушчов и преговараше за ставање крај на кубанската ракетна криза?
На Кенеди, кој за разлика од Бајден, има служено војска, му беше јасна тупавоста на генералите. Беше разумен на начин што му дозволуваше да го игнорира Куртис Лемај, началникот на штабот за воздухопловство и шеф на стратешката воздушна команда, и урнек за генералот Џек Д. Рипер од „Др. Стренџлав“, кој бараше да се бомбардираат кубанските ракети што веројатно ќе доведеше до нуклеарна војна.
Бајден не е правен од истиот мастраф.
Зошто Вашингтон праќа 50 милијарди долари во оружје и помош за одржување на конфликтот во Украина, и ветува уште милијарди „сè додека е потребно“? Зошто Вашингтон и Вајтхол го одвратија Зеленски, некогашниот стенд-ап комичар кого воените фанови магично го трансформираа во Винстон Черчил, од идејата да преговара со Москва во Турција? Зошто веруваат дека воено понижување на Путин, кого сакаат и да го срушат од власт, нема да го принуди да повлече некој ужасен очајнички потег?
Москва отворено кажа дека би употребила нуклеарно оружје како одговор на „закана“ по нејзиниот „територијален интегритет“, а воените макроа ги замолчеа сите кои се загрижија дека може да се сториме пепел, етикетирајќи ги како предавници што ја тенчат одлучноста на Украина и Западниот свет.
Омамени од руските порази на боиштата, тие сè пожестоко ја бодат руската мечка. Пентагон го помагаше планирањето на најновата украинска контра-офанзива, а ЦИА даде разузнавачки информации. САД полека лизга- како што беше случај и во Виетнам - од советување, наоружување, финансирање и поддршка до учество во војната.
Воопшто не е од помош препораката на Зеленски дека НАТО треба „превентивно да удри“ како би ја спречил употребата на нуклеарно оружје од страна на Русија.
„Чекаат прво Русија да фрли нуклеарка, па дури потоа „да им покажат убаво.“ Не! Постои потреба да се преиспита начинот на кој се врши притисок,“ изјави тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека тие изјави, кои Зеленски подоцна се обиде да ги повлече, не се „ништо друго освен повик на отпочнување светска војна.“
Западот веќе со децении ја мами Москва. Известував од источна Европа на крајот од Студената војна. Ги гледав овие милитаристи кои фатија да градат нешто кое го нарекуваа униполарен свет - свет во кој единствено тие владеат.
Прво, го прекршија ветувањето дека НАТО нема да да се шири надвор од границите на обединета Германија. Потоа, го прекршија и ветувањето дека нема „трајно да стационираат значајни воени сили“ во новите земји-членки на НАТО од источна и централна Европа. Потоа, го прекршија и ветувањето дека нема да поставуваат ракетни системи долж руската граница. Потоа, не го одржаа зборот дека нема да се мешаат во внатрешните работи на погранични земји како Украина, оркестрирајќи пуч во 2014-та што ја урна владата на Виктор Јанукович, а на нејзино место донесоа антируска - фашистички настроена - влада, која пак резултираше со осумгодишна граѓанска војна затоа што источните региони населени со руско население бараа независност од Киев.
После пучот, НАТО ја наоружа Украина и обучи 100.000 украински војници. Потоа ги регрутираа неутралните Финска и Шведска. Сега од САД се бара да испратат напредни ракетни системи во Украина, што според Русите би ги направило „директни учесници во конфликтот.“ Но, заслепени од надменост и геополитичка неписменост, нè воведуваат нас, како оние несреќни генерали на австро-унгарската империја, во катастрофа.
Западот повикува на голема победа. Русија анектира четири украински покраини. „Запад ја помага Украина“ го бомбардира Кримски мост. Русија ракетира украински градови. Западот ѝ дава на Украина софистицирани системи за противвоздушна одбрана. Западот се сити на руските загуби. Русија воведува воен рок. Сега Русија изведува напади со дронови и ракети со долг домет на електроенергетски објекти, канализации и водоводи. Каде е крајот?
“Дали САД се обидуваат да помогнат во ставање крај на овој конфликт, преку решение кое би овозможило суверена Украина и некаков однос помеѓу САД и Русија?“ прашува Њујорк тајмс. “Или САД се обидуваат трајно да ја ослабат Русија? Дали целта на оваа администрација стана дестабилизација на Путин или негова смена? Дали САД го смета Путин за воен злосторник? Или е цел да се избегне поширока војна - ама ако е така, како тогаш обезбедувањето разузнавачки податоци за убивање Руси и потонување на еден од нивните бродови одат во прилог на тоа?
Никој нема одговори.
Едиторијалот во Њујорк тајмс се потсмева со глупоста на идејата да се врати цела украинска територија, посебно онаа населена со етнички Руси.
„Одлучна воена победа на Украина над Русија, во која Украина ја враќа целата своја територија што Русија ја зазела од 2014-та година, не е реалистична цел. Иако руското војување се покажа трапаво, Русија и понатаму е пресилна, а Путин вложи премногу од личниот углед за сега да отстапи.“
Но, здравиот разум, исто како и реалистичните воени цели и правичниот мир, е надвладеан од опојноста на војната.
Украина ќе биде долга, скапа и исцрпувачка битка, која ќе остави голем дел од Украина во урнатини а стотина илјади семејства за навек ќе завие во црно. Ако НАТО победи, а Путин увиди дека неговата власт е загрозена, што ќе го спречи да збесне и очајнички да нападне? Русија го има најголемиот светски арсенал на тактички нуклеарни бомби, оружја што може да убие десетици илјади луѓе. Поседува и скоро 6.000 нуклеарни боеви глави. Путин не сака да заврши како воен злосторник во Хаг - како неговите српски сојузници Слободан Милошевиќ и Ратко Младиќ - ниту сака да оди по стапките на Садам Хусеин и Моамер Гадафи. Што ќе го спречи да го зголеми влогот ако се најде во тесно?
Постои нешто морничаво кавалерски во тоа како политичките, воените и разузнавачките шефови, вклучително директорот на ЦИА, Вилијам Бернс, кој беше американски амбасадор во Москва, се сложуваат дека е опасно да се понижи и порази Путин.
„Со оглед на потенцијалниот очај кај претседателот Путин и руското раководство, со оглед на досегашните воени неуспеси, никој од нас не треба да ја потцени заканата што ја претставува потенцијалното посегање кон тактичко нуклеарно оружје или нуклеарно оружје со низок принос,“ рече Бернс во Атланта.
Според екс -директорот на ЦИА, Леон Панета, американските служби за разузнавање проценуваат дека шансите за нуклеарна војна се 1:4.
Директорката на Националната служба за разузнавање, Авирл Хејнс, уште еднаш го повтори ова предупредување, порачувајќи му на сенатскиот Комитет за вооружени сили дека Путин би можел да прибегне кон нуклеарно оружје, ако верува дека постои егзистенцијална закана над Русија.
„Колку оваа војна ќе ја ослабува руската конвенционална сила, Русија веројатно сè повеќе ќе се потпира на своите нуклеарни средства за одвраќање на Западот и ќе покажува сила пред домашната и странската публика,“ запиша генерал-потполковник Скот Берије, во проценката од закани на ООА, доставена до истиот тој Комитет за вооружени сили во април.
Зашто тогаш овие луѓе не заговараат итна дипломатска разврска со Русија за де-ескалација на нуклеарната тензија?
Оваа војна никогаш не требаше да се случи. САД беа свесни дека ги провоцираат Русите. Но, беа и пијани од сопствената моќ, посебно затоа што од Студената војна излегоа како единствена светска суперсила, а освен тоа, имаа и профит од продавањето оружје на новите членки на НАТО што се проценува во милијарди.
Во 2008-ма, кога Бернс бил амбасадор во Москва, и пратил допис на државната секретарка Кондолиза Рајс:
„Влезот на Украина во НАТО е најјасната од сите црвени линии за руската елита (не само за Путин.) Во повеќе од две ипол години разговарање со клучни руски играчи, од такви кои имаат пипци во темните ќошиња на Кремљ до најострите либерални критичари на Путин, сè уште не сум наишол на некој што може да го види влезот на Украина во НАТО како било што друго, освен како директна закана за руските интереси.“
66 членки на ОН, повеќето од југот, повикаа на дипломатско решавање на војната во Украина, како што налага и Повелбата. Но, мал број големи и моќни држави сакаа да слушнат.
Ако мислите дека нема шанси да дојде до нуклеарна војна, посетете ги Хирошима и Нагасаки. Овие јапонски градови немаа воена вредност. Тие се збришани затоа што повеќето јапонски градови веќе беа уништени од бомбардирање со заситен ураниум, во режија на гореспомнатиот Лемај. САД знаеја дека Јапонија е осакатена и готова да се предаде, но сакаа да пратат порака до Советскиот Сојуз дека со своето ново атомско оружје ќе завладеат со светот.
Видовме како излезе тоа.
Крис Хеџис
добитник на Пулицерова награда, долгогодишен дописник на Њујорк Тајмс како шеф на бироата за Блискиот исток и Балканот. Сега има подкаст “The Chris Hedges Report.”