Политичките идеи и програми, демографијата, кампањите, убедливоста и идеологијата остануваат клучни фактори за одредување на политичките победници во САД, но, тоа не се единствените фактори, особено за малцинските групи.
Штотуку спроведениот изборен процес во рамките на таканаречениот Супер вторник се реалиираше под сенка на три сериозни процедурални проблеми: промените на законите за гласачка идентификација (види тука), одземањето на гласачкото право на осудени лица (види тука) и расни манипулации со изборните мапи односно цртањето на границите на изборните единици (види тука).
Четири држави кои минаа низ Супер вторникот се посебно проблематични: Алабама, Џорџија, Тексас и Вирџинија.
Алабама од 2014-та година бара гласачка идентификација со фотографија (возачка). А од тогаш затворила дузина канцеларии во кои се вадат таквите документи. Се разбира, огромен дел од затворените канцеларии се наоѓаа во црнечки квартови. Со ова се комплицира остварувањето на избирачкото право на околу 280.000 лица кои немаат соодветна идентификација. Тој закон е оспорен, но федералниот суд одби да го паузира за време на овие избори.
Истовремено, Алабама е една од десетината сојузни држави со најстроги изборни казни за лица кои биле осудени за некој престап. На оваа основа правото на глас им е одземено на околу 262.000 лица, повеќе од половината од нив Афро-Американци. А од 2012-та година имаат и нови изборни мапи кои се збунувачки за дел од населението кое е прераспоредено со новата изборна геометрија.
Џорџија е меѓу првите држави кои инсистира на документ со фотографија, но има и едеn понов проблем: од неодамна бараат доказ за државјанство за оние лица кои гласаат првпат. Групи за заштита на граѓански права се обидоа да ги блокираат ваквите пречки но федералниот суд ги остави на сила.
А Џорџија не им дава да гласаат ни на оние кои отслужиле затворска казна или пак се на условна казна. 275.000 лица се такви, од кои 160.000 се црни.
За Тексас Вашингтон Пост од 29 февруари пиша: "Преку половина милион регистрирани тексашани немаат соодветен документ за гласање"
Нивниот закон за гласачка идентификација е еден од најстрогите во земјата. А федерален судија во 2014 процени дека тексашките законодавци намерно дискриминирале црни и латино гласачи со новите изборни мапи. Тексас со децении работи да го отежни гласањето на обоените гласачи, пишува CityLab.
Веројатно само Северна Каролина може да ѝ парира на Вирџинија во степенот на правни компликации со кои се соочуваат црните гласачи. Во 2011 е донесен строг закон за легитимација, три години подоцна законот е дополнително заострен. На изборите во 2014-та, 197.000 илјади лица не можеле да гласаат заради непрописна документација. А оттогаш се издадени само 4.000 нови легитимации. На оваа бројка можат да се додадат и оние на кои им е одземено правото на глас заради прекршување на законот во минатото - 243.000 лица.
Само во наведените четири американски држави околу 700.000 регистрирани гласачи имаат проблеми да го остварат правото. Заедно со остатокот држави од Супер вторникот, тој број изнесува 900.000 гласачи.
Како е кај нас? Абер се нема. Информации на оваа тема се на ниво дека - се натегаат. И дека вкрстуваат. И после некој викенд ќе чекаме да ни кажат дали е добро или не е добро. И дец ит.