Битолскиот клуб објави фотографии од реновираната јужна трибина на која стоеа гостинските навивачи кои залепиле неколку налепници, демолирале или запалиле пар седишта.
Поради тоа, но и поради тоа што управата на Вардар се шетала по ВИП ложата на стадионот со вооружено обезбедување, сега Пелистер соопшти дека веќе не се добродојдени.

„ФК Пелистер ја известува јавноста дека дел од столчињата и трибинскиот простор на јужната трибина, каде што се наоѓаа навивачите на Вардар на натпреварот Пелистер - Вардар на 5 ноември се оштетени и сквернавени. Заради заштита на нашиот стадион во иднина нема да дозволиме присуство на гостински навивачи на стадионот „Петар Милошевски“.
Исто така сакаме да ги апострофираме некоректните изјави на одредени медиуми и постови на социјалните мрежи на високи претставници на ФК Вардар, кои иницираат омраза и инциденти. Ако на ова го додадеме присуството на големо обезбедување на извршниот директор на Вардар, минатата година и наоружано, во свечената ложа на стадионот Петар Милошевски, одлучивме да ги прекинеме институционалните односи со ФК Вардар.
Ваквиот принцип не е наш принцип и не сакаме да бидеме дел од ваков однос и соработка. За оваа управа на ФК Вардар нема повеќе место на нашиот стадион, во нашата свечена ложа, во нашиот ВИП простор. Пелистер ќе го почитува секој оној што ќе покажи почит кон Пелистер.
Во случај на промени и поставување на соодветни лица, достојно за имиџот и традицијата на ФК Вардар, спремни сме да подадеме рака на соработка“, стои во соопштението на пелистерци.
Вардар по дванаесет кола во ПМФЛ е прв на табелата со 30 бода, додека Пелистер е 10-ти со само осум освоени бода.