Од заедничкото освојување на светското злато во Атина во 1998-ма година каде што беа главни носители во репрезентацијата на СР Југославија, патиштата на Дејан Бодирога и Жељко Ребрача се вкрстија на сосема спротивни страни - во пратеничките клупи на Народното Собрание на Република Србија, пишува Канал 5.
На Светското првенство во Грција токму тие двајца беа најзаслужни за освојувањето на златниот медал. Бодирога беше официјално прогласен за МВП на целиот Мундијал, а во полуфиналето против домаќинот Грција блесна со 31 поен. Ребрача, пак, во големото финале против Русија јуначки постигна 16 поени со 11 скока и беше избран во идеалната петорка на турнирот. Со неговата клучна блокада и офанзиен скок во последните моменти од натпреварот, Југославија стигна до шампионската титула.

Нивната соработка продолжи на клупско ниво бидејќи во периодот од 1999 до 2001 го носеа дресот на грчки Панатинаикос предводен од Жељко Обрадовиќ кога освоија две шампионски титули во Евролига.
По крајот на кариерите, Дејан Бодирога се посвети на спортскиот менаџмент и стана директор на Евролига. Подоцна влезе во политичкиот живот на Србија и стана член на иницијативата „ПроГлас“. Ги поддржа студентските протести и котираше високо на нивната листа за пратеници. Жељко Ребрача кој имаше и НБА кариера во Детроит Пистонс, Атланта Хокс и Лос Анџелес Клиперс - беше претседател на клубот Војводина а политичкиот ангажман му е со Српската напредна странка. Тој во 2024-та имаше прв пратенички мандат а сега како 19-ти на листата на СНС доби и втор мандат.