Неработна недела е само ловиште за популисти и демагози

Малку работи фатија, ама тие што ги фатија, брилијантно ги утнаа. Неработна недела е  уште една демагошка парола околу која лесно се сојузуваат политичари од спротивставени табори. Добро, ќе бидат ли и рампите на патарините дигнати во недела, зашто и тие работници се луѓе? Плус, така полесно ќе биде да се оставаат пари за шопинг во - Солун.

„По забраната за работа во недела, 80 работници добија отказ во најголемиот подгорички шопинг мол“, гласи веста за уште една лесна победа на овдешниот накараден палео-капитализам над килавите балкански државички при што први и најмногу страдаат оние кои официјалната демагогија наводно сака да ги заштити.

Недела да е неработна затоа што газдите ги експлоатираат работниците! - ќе речат некои во одбрана на ваквото решение иако знаат дека државата ги има сите ресурси и механизми да спречи каква било незаконска експлоатација. Ако газдите можат да ги експлоатираат во недела, значи дека можат непречено да ги експлоатираат и во понеделник, вторник, среда... на што укажа една тролачка хрватска петиција за 4 дневна забрана за работа што би било само прв чекор до конечната елиминација на експлоатацијата - апсолутната забрана за работа. 

Забраната за работа во некои трговски објекти не е само кршење на правата за работа туку и на уставната категорија за рамноправност. Граѓаните не се еднакви пред законот. Зошто на продавачи во бутик и е забрането да работат а не и на продавачи на карти за кино или театар?

Иницијативата за прогласување на недела за неработен ден во Хрватска траеше со децении и нејзин главен промотер беше католичката црква. Како што знаете, црквите не трпат конкуренција, особено во прајм-тајм каков што за нив е недела. 

„В недела црквата има најмногу заработувачка а трговските центри ѝ се директна конкуренција,“ пишува тамошниот либерал Марио Накиќ.

Македонија оди спротивно од глобалниот тренд, на пример оној во западните земји. Додека Европа со децении сведочи на либерализација на трудот олабавувајќи ги законските бариери над слободниот договор меѓу работодавците и работниците, Македонија постојано ги усложнува со дополнителни законски ограничувања и забрани.

Ама видете го напредниот свет, секаде недела е забранета за работа па не пропаднаа тие земји! - ќе речат други (или истите, сеедно), повикувајќи се на Германија, Австрија, Швајцарија. Само што, ниедна од тие земји нема баш таков закон на национално ниво каков што овде се носи.

61% од Германците сакаат укинување на ограничувањата

Германија има најрестриктивни прописи за работа во недела во западниот свет, но е на пат кон потполна либерализација. Германија ја има воведено забраната за работа во недела уште во 1919 година, со максимално работно време од 7 до 19 часот. Во 1956 година, во Западна Германија стапува на сила закон со кој на повеќето дејности се забранува работа после 18 часот во работни денови, после 12 часот во сабота и во недела комплет. Во 1996 година тој закон се либерализира и се остава можност за работа до 21 односно 16 часот. Десет години подоцна, во 2006 година, Бундестагот ја пренесува регулацијата на работното време на покраините. 

Според една голема анкета која Шпигел ја објави лани, 61% од Германците сметаат дека на дуќаните треба да им биде дозволено да отвораат и затвораат кога мислат дека треба, а како што наведуваат други германски извори, низ цела Германија сè повеќе се отвораат  мали дуќани  (наречени "Spätkaufstellen" или "Spätis" бидејќи отвораат врати навечер и во недела) во кои работат самовработени или членови на семејството на сопственикот кои не се опфатени со рестрикциите.

Луѓето од Виена одат во шопинг во Братислава

Австрија го има регулирано максималниот број на работни часови неделно (50 часа) и минимално траење на неделен одмор (во едно парче), но на национално ниво државата не регулира кои денови мораат да бидат слободни. Со други зборови, Австрија ја нема забрането работата во недела. Таму таква можност има само локалната самоуправа. Со оглед на култирата и силното влијание на католичката црква, во повеќето австриски градови и места, со исклучок на туристичките, дуќаните во недела не работат. па многу луѓе од Виена патуваат во Братислава која им е на саат време возење, што е добредојдено за економијата, ама онаа словачката.

Швајцарија има рестрикции, но...

Во Швајцарија, работата ноќе и во недела е генерално забранет со исклучок „доколку работникот не даде согласност да работи во недела, да е платен барем 50% повеќе и да биде слободен идниот ден.“

Теофил Панчиќ потсетува дека во недела некој работи за вие или некој ваш близок да има здравствена нега, или да имате струја и вода бидејќи ни струјата ни водата не доаѓаат сами до штекерот или чешмата.

„Постои мит за „светата недела во социјализмот. Не знам како било во времето кога Сталин одеше по земјата или додека Хрушчов маваше со кондура по говорницата на ОН, но во социјализмот кој јас сосема добро и јасно го паметам, самопослугите работеа и в недела, иако нешто пократко. Излегуваа и весници па работеа и трафики. А луѓето сакаа и нешто свежо и домашно, па работеа и пазари. Се разбира, немаше шопинг молови како денес и воопшто, животот беше потесен и поскромен. Веројатно и помирен и потопол но секако и посив и поедноличен. Времеплов да ве врати таму, не би ви се толку бендисал како што му се присторува на вашиот оптимизам на сеќавањата.

И тогаш, неделата како неработен ден за дуќани и и слични дејности  беше утопија на раб на одржливост. Во денешниот свет, многу посложен и поамбициозен, кој на повеќето луѓе не им остава многу слободно време  - па ни она за посериозно купување - во текот на работната седмица, неработната недела е само ловиште за штетници и демагози. Некаде црковни, некаде синдикални а секаде популистички.

Неделниот труд, како и секој труд, треба да се плати. Но, не треба да се укинува и ограничува, како што ни самиот живот не треба да се укинува и ограничува, да се кастри по мерка на утописти и демагози. Него во таа тесна рамка не може да го напикате а да не го осакатите“, пишува колумнистот на белградско Време.

**********

п.с. Оваа статија на Офф.нет е пишувана во недела од страна на работник во компанијата, а по желба и инсистирање на сопственикот на истата. Синдикалниот спор е малку комплициран зашто се работи за ист човек.

8 ноември 2020 - 10:37