Филмот се вика Дау а режисер и младиот Илја Кржановски кој пред ова имал снимено само еден филм. Филмот се занимава со животот на еден советски научник од 50-тите години.
Продукцијата и целиот сет била толку опресивна и тоталитарна што луѓето се враќале дома со класичен поствоен стрес синдром.
Лудилото е во тоа што режисерот инсистирал целата филмска екипа буквално да живее во филмскиот град, и тоа најавтентично, исто како во 50-тите години.
За тоа сведочи еден новинар кој успеал да издејствува неколку дневна посета на снимањето. За да може да влезе на сетот, морало да биде пресоблечен и да добие нова тоест винтажна фризура. Сериозна дебата имало и околу тоа дали да го задржи својот стар часовник од 1958, бидејќи во градот "траела" 1952-ра година.
За она што го видел, помислил дека се филмски кулиси за подоцна шокирано да сфати дека е тоа вистински град, со продавници и берберници кои навистина работат, со функционални апартмани, со плоштад, споменици па дури и вистински стадион.
Лудата педантерија на режисерот одела дотаму што му покажал дека сите казанчиња во изградените згради работат, ама не само тоа - тој инсистирал канализационата мрежа да биде изградена со стари цевки бидејќи новите цевки му давале поинаков звук.
И само уште еден детал, во фрижидерите на луѓето кои учествувале во филмот имало храна обележани со рок на траење соодветен на филмското дејствие.
Класична опрема немало бидејќи секоја просторија во тој чудесен град била озвучена и имала дупки низ кои може да се снима. Ако некој спомнел термин кој не одговара на 50-тите години, бргу бил казнуван бидејќи сите разговори биле слушани и снимани.