Со импулсивните максималистички барања до Иран, Трамп всушност ја прикрива слабоста на својата преговарачка позиција и покрај јасната воена доминација на САД. Операцијата Епски бес се покажа успешна во постигнувањето на воените цели. САД и Израел погодија околу 15.000 цели во првите две недели од војната и ликвидираа десетици ирански лидери.
Одбранбено-индустриската база на Иран е драматично намалена, изјави државниот секретар Марко Рубио пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот.
Но, Техеран го преживеа нападот и се постави во доминантна позиција со блокирањето и контролата на Ормускиот теснец, спречувајќи го Трамп да го претвори тактичкиот успех на бојното поле во какво било трајно дипломатско или политичко достигнување. Тој не исполни ниту една од неговите цели, а притисокот за бркање мировен договор сега е поголем за Трамп отколку за Иран, со оглед на непопуларноста на војната меѓу Американците и претстојните избори за Конгресот.
Еден од обидите на Трамп да се извлече беше предлогот да го спои мировниот договор со Иран Абрахамовите договори – проширување на бројот на арапските земји што би го признале Израел и би ги нормализирале односите. Тоа не привлече никакви реакции.
Еден лидер ја нарекол идејата „интересна“, но потоа настапила тишина. За време на 90-минутниот разговор, Трамп неколку пати прашал: „Здраво? Здраво? Има ли некој таму?“, изјавил за Атлантик анонимен функционер од Белата куќа.
Оваа приказна објаснува зошто има толку многу изјави на Трамп за договор со Иран, а практично ништо не се случило. Трамп наводно бил иритиран од коментарите дека секој договор што досега го предложил е послаб со споредба со оној што во 2015 година го постигна Барак Обама. Иран сега ја повлече својата црвена линија многу подалеку.
Трамп со години тврдеше дека Обама испраќал пакети со долари во Иран, иако парите на кои алудира не беа американски, туку ирански, замрзнати поради санкциите од Вашингтон.
Тој упорно инсистира Иран да ги предаде своите резерви на нуклеарен материјал и да престане да збогатува ураниум. Тоа на некој начин веќе го договори Обама пред повеќе од една деценија, а Трамп го поништи во првиот мандат.
Трамп понуди решение за деблокирање на Ормускиот проток и за постепено враќање на комерцијалниот превоз на нафта и стоки на вообичаеното ниво. Протокот беше сосема слободен пред да му објави војна на Иран на 28 февруари.
Единствено што Трамп реално успеа да направи е да постигне договор за прекин на огнот. И тоа повеќе не важи. Иран во понеделникот се откажа од мировните разговори и повторно го бомбардираше Кувајт, како реакција на израелската офанзива во Либан.
Трамп очајно бара излез, но повеќе сака да чека безволно отколку да склучи договор што би бил полош од оној што веќе постоел - и кој не дошол по цена на животите на 13 американски војници и на најмалку 1.700 ирански цивили, десетици милијарди долари, исцрпување на американските резерви на муниција и глобална енергетска криза, забележува Atlantic.