По Студената војна, повеќе демократии настрадале не од генерали и војска туку од самите избрани власти. Урнисувањето на демократијата започнува кај гласачката кутија. Кај класичен државен удар како оној на Пиноче во Чиле, смртта на демократијата е отсечна и видлива за секого. Гори претседателската палата. Претседателот е убиен, затворен или избеган во некој егзил. Уставот е суспендиран и ставен вон сила.
На изборна победа не се случува ништо од тоа. Нема тенкови на улиците. Уставот и номинално демократските институции остануваат во функција. Луѓето одат на гласање. Избраните автократи остануваат кошулица на демократијата додека истата суштински ја еродираат.
Повеќето од владините напори за минирање на демократијата се „легални“, во смисла дека се изгласани од легислативата и одобрени од судовите. Неретко тие се портретираат како засилување на демократијата - ќе го направиме судството поефикасно, ќе го исчистиме изборниот закон и слично.
Медиуми постојат но со силна авто-цензура, не заради диктатурата на еден човек туку заради диктатурата на судските тужби и евентуалните обештетувања кои можат да ги згаснат. Меѓу две битки да се платат давачки, луѓето можат да ги критикуваат властите. Не им е најјасно што се случува. Многумина веруваат дека живеат во демократија.
Бидејќи не постои знак за старт - нема воен удар, нема државен удар, нема суспензија на уставот - по кој системот очигледно влегува во диктатура, нема ни што да ги разбуди социјалните аларми. Оние кои предупредуваат на тоа се споредуваат со она момче кое постојано дигало врева оку волкот. За повеќето луѓе, смртта на демократијата е невидлива и неопиплива.
Компаративен приказ јасно открива дека избраните автократи од разни делови на светот имаат слична шема за субверзија на демократските институции. Познато е дека екстремни демaгозо знаат да се појават и во здрави општества. САД и пред Трамп имале луѓе со такви амбиции - Џон Форд, Џозеф Мекарти и слични. Но здравите општества и нивните елити умеат таквите ликови да ги спречат да дојдат на власт (Богољуб Кариќ беше ампутиран од српскиот политички систем откако партиите видеа дека со голи пари им купува пратеници).
Стивен Левицки и Даниел Заблат за Гардијан пишуваат дека иако американските уставни фундаменти се посилни од оние во Венецуела, Турција или Унгарија, актуелниот страв е оправдан.
„Нашиот систем на 'check and balances' трае цели два века. Тој ја преживеа граѓанската војна, големата економска криза, Студената војна и Вотергејт. Па сигурно ќе успее да преживее и еден Трамп? Не сме толку сигурни“, пишуваат тие.
По нив, првата пукнатина се појави кога Републиканците не успеаа да го зауздаат актуелниот демагог од Белата куќа да добие нивна изборна номинација.
Повеќе од пишаните правила, демократијата некогаш посилно ја чуваат непишаните. Во американскиот случај тоа се две непишани правила на политичката игра: заедничката толеранција на политичките постави, односно ставот дека конкурентната партија е легитимен ривал како и идејата дека политичката елита на власт треба да се воздржи во партизирање на институциите и актуелната контрола врз нив да ја искористи за максимизирање на партиската предност.
Избраните автократи ја минираат демократијата со претворање на судовите и другите неутрални агенции во свое оружје, купувајќи ги или заплашувајќи медиумите и приватниот сектор и менувајќи ги правилата на политиката за да се дотепа противникот.
„Трагичниот парадокс на изборниот пат од демократија кон автократија е во тоа што атентаторите на демократијата ги користат самите институции на демократијата за постепено, неосетно и во крајна линија легално - да ја убијат“, пишуваат Левицки и Заблат.
****
Види и: