Европа не собра доволно пари за воена помош за Украина

Европските земји мошне веројатно нема да ја исполнат целта до крајот на оваа година да ѝ испратат воена поддршка на Украина од 70 милијарди евра. Им недостасуваат 7 милијарди. Се очекуваат дополнителни ветувања на новата рунда разговори идната недела, но дипломати во Брисел предупредуваат дека тие можеби нема да бидат доволно.

Ветувањето од 70 милијарди евра ги вклучува 30-те милијарди долари наменети за одбрана од заемот на ЕУ за Украина, како и билатералната воена помош од европските земји. Членките на Алијансата се согласија со годишната обврска во јули и ветија еквивалентна поддршка за 2027 година. Не е јасно точно во која категорија се појавила дупката од 7 милијарди евра.

Сојузниците продолжуваат да обезбедуваат суштинска воена поддршка за Украина и работат на одржување на помошта, изјави претставник на НАТО за Политико, без да потврди дека ќе биде пропуштена годишната цел. 

Вашингтон значително ја скрати воената помош за Украина откако Доналд Трамп се врати на претседателската функција, со што им го префрли товарот на европските сојузници на Киев. Тоа дојде во незгодно време, бидејќи европските земји веќе се соочуваат со зголемен притисок врз нивните буџети.

Дипломат од Брисел изјави за Политико дека најголемите донатори се заморени. Германија, Холандија и нордиските земји, кои долго време издвојуваат најмногу пари за Киев, постојано ги повикуваат другите земји да го зголемат својот удел.

Ограничувањата се протегаат и надвор од финансирањето. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус вели дека Берлин не може да заштеди повеќе системи „Патриот“ без да создаде неприфатливи празнини во сопствената одбрана. 

Дипломати велат дека поширокиот дефицит вклучува 1,9 милијарди долари за неплатени испораки преку приоритетната листа на барања на НАТО за Украина (PURL). Преку овој механизам сојузниците купуваат американско оружје за Украина, вклучувајќи ги и пресретнувачките ракети „Патриот“. 

Амбасадорката на Украина во НАТО, Аљона Хетманичук на состанок зад затворени врати побара од сојузниците да ја исполнат обврската преземена на Самитот во Анкара – да обезбедат 70 милијарди евра воена поддршка оваа година, објави украинската мисија во Алијансата.

Тоа го побара и генералниот секретар Марк Руте, кој забележа дека во пресрет на зимата Русија ги засили нападите врз украинската енергетска инфраструктура. 

9 ноември 2026 - 09:20