За вас сите велат дека сте добар човек.
Не е точно. Апсолутно не е точно. Во мене има зло барем колку и во другите луѓе. Она за што себе би си дал извесно признание, тоа е ригорозната одлука, односно способноста да се контролирам себе и сопственото зло. Во мене вријат љубомора, завист, подлост, порив за одмазда, проблесоци на лута омраза. Да не ги контролирам, би имале работа со еден од најлошите луѓе на светот кои сте ги запознале. Контрола, тоа е клучниот збор.
Па зарем тоа не е одлика на добриот човек, да го надгледува и контролира своето зло?
Можеби е, но ако веќе зборуваме за мене, тоа не можам јас да го кажам, тоа може само некој друг. Јас во себе носам некои други идеи. Добриот човек не постои, тоа е заблуда на лошите луѓе. Добриот човек е вештачка творба, резултат на тешка внатрешна борба со самиот себе. Кога таа сомнителна појава, која ја нарекувате добар човек, барем малку би го отворила пенџерето на својот внатрешен свет, би виделе дека во сите нас внатре е горе долу истата кал, направена од исти слични неквалитети.
Затоа наместо за добар, попрво би зборувал за паметен човек. Биди паметен за да не бидеш лош. Паметниот човек везден треби по себе, ги отстранува своите лошотии и во еден момент ќе сфати дека никогаш не е доста од тоа требење, дека лошиот карактер е нашиот душевен троскот; ти го плевиш, тој се измолкнува, расте ли расте. Не се давате ни тој ни вие во тоа плевење без крај.
Никогаш не можеш да ги отстраниш своите мани ама никогаш и не смееш да престанеш да ги таманиш. А ако си упорен, ако не се предаваш, после децении самопрегорен труд може да ти се случи во огледалото да го видиш насмеаниот и смирен себе. И тука можеби е клучот. Ако потепаш доволно свои зла, ако некако ги туриш под контрола, од под сите нив избива ведрина. Се појавува насмевка. Ќе ги растегнеш своите таралки од уво до уво и ќе си кажеш себе си: "Па да му ебам пиперот, може и не испаднав толку лош...."
А работата, помага ли таа човек да стане подобар?
Јас прво би oдвоил две работи: работа и тешка работа. Јас сум голем противник на тешката работа. Никој не би требало да работи тешко. Праведното општество на луѓето треба да им ја олесни работата па автоматски ќе им го олесни и животот. Кој и да вика дека тешката работа збогатува и облагородува, тој лаже.
Тешката работа само исцрпува. Можеби ни ги полни бисагите, заради тоа и работиме, но ни ги прaзнат мозочните бразди, целото тело, ни ја пие крвта и ведрината и живоста и сето она добро што го има во нас. Тешкиот труд всушност е казна, а не награда. Работата би требало да биде лагодна, убава, полна со задоволства а без секирации. А тоа човек може полесно да го обезбеди сам отколку со други. Затоа некако најбезгрижни се уметниците, тие не зависат од шефови и претпријатија.
После тешка работа можеш само да се напиеш, а за мнозинството луѓе алкохолот е исто што и тешката работа - гајле кое ги уништува. Друго сме ние мераклиите. Нè уништува и нас, ама тоа сме го одбрале. Постои и делува само еден лек против тешката работа - бегството. Јас цел живот бегам, во патувања, во патеписи, во сликарство и читање. А бегам и во алкохолот, не го кријам тоа. Јас сум во таа работа прославен бегач. Бегам и го славам бегството и бегањето. Затоа ја имаме измислено уметноста, да имаме каде да се засолниме од тешкиот живот и уште потешката работа.
Значи, сепак постои излез?
Кога ќе пројде тоа аргатување без смисла и цел, нè дочекува убав живот. Зошто овој јаден човек малку и да не ужива? И тоа - еве одма исправка на претходната реченица - не малку и скржаво, туку обилно и трајно.
И како тоа изгледа?
Можеби позади сè се крие ова: да се има време за читање. Ете ја клучната карактеристика на убавиот и добар живот. Бидејќи да се има време за читање значи да се има време и за сè друго што човека го интересира. Таа благодат, да имаш време, тоа е најубавата работа во приказната за убавиот и лагоден живот.
Затоа на почетокот јас бев малку распнат. Сакам книги ама сакам и ракија. Па за да не се судираат, за ракијата да не ми удира на животот и на книгите, одамна сфатив дека нејзе и е време во акшам (на зајдисонце - н.з.). Преку ден работиш а кога сонцето ќе почне да паѓа, тогаш се опушташ. Кога ќе пројде ТВ дневникот ( во тоа време дневникот завршуваше околу 20 часот - н.з.), дури тогаш земаш парче сирење, малку добар леб и ракија. Ако не очекуваш многу од животот, ќе добиеш сè што ти треба па и нешто повеќе од тоа....