Гледам на Фејсбук дека го сакаш својот клуб како своја земја и дека за мотори и пиштоли знаеш повеќе отколку за падежи и контрацепција. Читам и дека не си пичкица што се плаши од војна. Ако утре запука, прв ќе бидеш. Сигурен сум дека знаеш дека не си оригинален. И дека пред четвртина век, само без Фејсбук, твои врсници тргнуваа во војна како на натпревар во гости. Дозволи ми да ти кажам некои работи што ним тогаш не им ги кажав. Бидејќи тогаш не ги ни знаев.
Прво, војната трае подолго од филм. Би се осмелил да кажам, подолго од сите филмови што си ги гледал во животот, а во кои Рамбоидите ги ретчат негативците како плевел. Војната главно е здодевна, а храброста и нетрпението се губитна комбинација. Сцените во кои се замислуваш себеси се прилично ретки. Непријателот обично е попаметен од каскадерите што Рамбо ги коси со стрели, рафали, базуки и мачети. И дечките од другата страна ги гледале истите филмови. Поглуп си од нив ако тоа го заборавиш.
И тие како тебе носат панцир и шлем, секое нивно слабо место е и твое. Смртта во војна е слатка ако дојде како изненадување. Се сеќавам на еден закоп, немаше што да спуштиме во дупката, еден твој врсник го беше погодила тенковска граната во срце. Не се сеќавам дали носел панцир, ќе се согласиш, во некои прилики тоа е сеедно. Ни звукот во војна не е Долби како во кино. Обично ќе заглушиш, не слушаш ништо освен своите дамари. А меѓу тие празници на пиротехниката проаѓаат долги денови и уште подолги ноќи на чекања во смрдливи скривници, во кои, пригушени од ќебиња, се мешаат прдежите и бладањата во сон. Ниеден филм, ни сите заедно, ја немаат должината на еден ден во полска болница на пат од анестезија кон количката. Ниеден ја нема тежината на празниот ракав.
Иако ти не веруваш дека Рамбо може да загине, сепак пробај да ја замислиш својата могила на некои воени гробишта. Трева како на Вимблдон, вечен оган, вечна вода, знамиња, месинг и мермер, школски екскурзии и часови по историја, а потоа се менува власта, па сето тоа зараснува во троскот, потонува во калта, пука под мразот или полетува со динамит.
Може и некое школо ќе именуваат по тебе, нема врска што си се мачел со падежите, но тоа не трае долго, конкуренцијата е жестока, бројот на паднатите борци се зголемува многу побрзо од бројот на подигнатите училишта.
Ок, признавам, можеби те потценувам. Можеби ти сево ова го знаеш, па нема да те разочара баналноста на умирањето, со сите оние досадни ситници што засекогаш исчезнуваат на монтажа, ако воопшто го заслужиле вниманието на шминкерите и костимографите. Можеби твојот профил на Рамбо е само маска на деловен човек што во тој костум на заебан фраер ќе развие бизнис со дрога, алкохол, цигари, нафта, курви, оружје, муниција, заробеници...
Можеби јас сум само стар патетичен гњаватор што никако да признае дека војната е работа како и сите други, отпис и наплата на долгови, инвестиции на богатите во банкротот на сиромашните.
Гледаш, имам на Фејсбук неколку илјади пријатели, меѓу нив и девојки, маѓепсани од твојата мажевност. Си пресметувам колку од нив ќе останат без татковци и браќа, колку без пријатели и соседи, колку од нив ќе трчаат со крвави врзопи во раце, а колку ќе лежат на бетонот зад боцкавата жица, за утре ти да им се смешкаш од изборните плакати.