Книгата која Западот одбива да ја прочита

Си Џинпинг, во книга достапна и на англиски, отворено и јасно го опишува владеењето со Кина, историските причини за тоа, предизвиците со кои е соочена Партијата, специфичниот развој наместо имитирање на туѓите модели... Ако ѕирнат во неа, читатели на Западот би ја разбрале Кина, но и би се загрижиле зошто нивните власти не можат да ги препознаат болестите на системот.

Книгата „Управување со Кина“ (The Governance of China), прилично обемна, со речиси 700 страници, не е мемоарско дело ниту политичка расправа, туку внимателно составена збирка од говори што Си ги одржал по 2022 година пред Националниот конгрес, сесии на Политбирото и пленуми на Партијата. Си не ѝ ја објаснува Кина на странската публика туку на Кинезите. А токму тоа ја прави уште поинтересна.

Првиот и последниот дел - целта и дисциплината – заедно ја доловуваат суштината на кинеското владеење. Во говорот посветен на „Националната преродба преку модернизација“, лидерот детално ја образложува теоријата за развој на земјата пред луѓето кои се задолжени за нејзино спроведување.

Си објаснува дека поради политиката за „национална изолација“ за време на династијата Минг, Кина ги пропуштила можностите од Индустриската револуција и бранот на научна и технолошка револуција. Западот го искористил тоа за да ја претвори Кина во „полуколонијално и полуфеудално општество, нанесувајќи им ужасни страдања на луѓето“. Си притоа не го обвинува Западот за „векот на понижување“, туку ја обвинува Кина!

Не можете да го разберете денешното однесување на Кина ако не го разберете ова. Целта не е одмазда за понижувањето, туку да се осигура дека такво нешто нема повторно да се случи. Оттука произлегуваат и многу од клучните кинески иницијативи: речиси светиот статус на политиката на „реформи и отворање“, постојаниот фокус на науката и технологијата, како и инсистирањето на интегрирање во глобалната економија, наместо повлекување, забележува Арно Бертран.

Самокритиката не запира на изолацијата. Си Џинпинг го посочува кинескиот феудален систем – кој „опстојувал илјадници години“ – како фундаментална пречка што морала да биде отстранета, заедно со неуспешните обиди за модернизација пред основањето на Комунистичката партија.

Друг важен аспект од говорите на Си е трасирање „посебен пат кон модернизација, прилагоден на реалноста во Кина“, наместо слепо имитирање на западните модели, како што направија некои земји во развој. Токму тоа е карактеристичниот аспект на кинескиот проект, кој на Западот му е најтешко да го прифати: модернизацијата не мора да значи и „западизација“. 

Си притоа истакнува дека кинеската модернизација ќе се оствари преку мирен развој – а не преку „крвави злосторства, војна, ропство, колонизација и грабеж“ што ја карактеризирале западната модернизација и од кои страдала и самата Кина. Додава дека Кина „никогаш нема да угнетува други народи, ниту пак во каква било форма ќе го ограбува богатството и ресурсите на други земји“, туку, напротив, „секогаш ќе се залага за мир, развој, соработка и заедничка корист“.

Последната тема е соочување со кревкоста и слабостите на Комунистичката партија, на начин кој странските читатели веројатно не го очекуваат. Со методична деталност ги набројува начините на кои Партијата може да го прекине циклусот што ја уништил секоја кинеска династија.

Нашата партија владее со децении, а земјата ужива во долг период на мир. Во отсуство на егзистенцијални закани и сериозни предизвици во сурова средина, голем број партиски членови и функционери почнуваат да го губат својот претприемачки дух, препуштајќи се на удобноста и уживањата. Како резултат на тоа, тие можат да станат деморализирани и да западнат во збунетост, па дури и во паника, кога ќе се соочат со бројните нови предизвици што ги носи големата борба, пишува Си.

Лидерот всушност ги предупредува партиските функционери дека стануваат декадентни, деморализирани и неспособни да си ја вршат работата.

Ова отвора вознемирувачки прашања за западните читатели: Каде е нашата доктрина за самореформирање? Каде е нашиот институционален речник за именување на болестите што ги наведува Си – самозадоволство, неспособност, отуѓеност од народот? Ние спроведуваме избори. Но, изборите се механизам за одредување кој ќе владее, а не гаранција дека владеењето ќе биде добро. Што, всушност, претставува легитимитетот на владеењето? Можеби тој помалку зависи од тоа како е структуриран еден систем, а повеќе од тоа дали тој постојано ја преиспитува сопствената соодветност. Ниту еден систем не е совршен, но можеби подобрите системи се оние што ја институционализираат токму свеста за сопствената несовршеност.

Оваа книга пред сè е производ на систем кој сериозно ја сфаќа сопствената кревкост. Откако ќе ја завршите, неизбежно се поставува прашањето: дали истото може да се каже и за нас?

Арно Бертран

19 октомври 2026 - 16:22