Почнувајќи од 1 јануари 2027 година, аматерските трагачи по богатство во Полска ќе можат да ги пријавуваат своите експедиции преку апликација на телефон наместо со недели да чекаат дозволи по канцеларии. Оние што ќе откријат предмети со археолошка вредност ќе можат да добијат награда од државата во износ до 222.000 злоти (нешто над 50.000 евра). Законот предвидува и уште повисоки парични награди во исклучителни случаи.
Според проценките на Министерството за култура, новите прописи би можеле да привлечат меѓу 100.000 и 200.000 аматерски трагачи по богатство. Од нив единствено се бара да бидат полнолетни, да ја наведат локацијата на која ќе пребаруваат и да имаат согласност од сопственикот на земјиштето. Ќе им биде забрането да копаат по веќе заштитени археолошки локалитети, гробишта и историски споменици.
Секој што ќе открие предмети за кои верува дека имаат археолошка вредност, ќе мора да го означи местото каде што ги пронашол и да го извести надлежниот орган за заштита на културното наследство.
Согласно Законот за културно наследство, предвидени се награди од 25 просечни плати за откритија од посебна историска, уметничка или научна вредност. Ако откриениот предмет има и материјална вредност – на пример ако е злато или скапоцени камења - наградата може да се зголеми и за 30 пати.

За предметите за кои ќе се утврди дека немаат посебна вредност, копачите ќе добијат само потврда.
Археолозите стравуваат дека финансиските стимулации ќе предизвикаат „златна треска“ и навала од копачи. Археологот Мачеј Трчински од Универзитетот во Вроцлав предупредува дека постари откритија би можеле ретроактивно да бидат претставени како новооткриени.
Никој не може со сигурност да утврди дали десет врвови од копја од Бронзената ера навистина биле откриени во 2027 година или дали некој со години ги чувал дома, вели Трчински.
Критичари предупредуваат дека новата мерка може да се покаже како голем трошок. Министерството за култура проценува дека паричните награди би можеле да достигнат до 760 милиони евра само во 2027 година. Уште околу 700 милиони евра би биле потребни за стручни проценки, конзервација и чување на артефактите. За споредба, планираниот буџет на Министерството за култура за 2027 година е околу 2 милијарди евра.