МАГА 2.0: Ќе ја направиме Африка повторно голема?

Генералното собрание на ОН денеска треба да гласа за резолуција дали светот треба да се откаже од традиционалната Меркаторова карта на светот, на која Африка изгледа помала отколку што навистина е, а северните региони се преувеличено големи. За Африка ова е политички проблем, бидејќи сака повпечатлив израз за нејзините аспирации да има поголема улога во светот.

Во нацрт-резолуцијата се бара од владите, образовните институции, меѓународните организации и технолошките компании да ја усвојат проекцијата „Equal Earth“ со цел мапите со попрецизни пропорции да станат нов глобален стандард. Не се бара забрана на Меркаторовата проекција, која моментално се користи низ целиот свет.

Того, кој ја поднесе резолуцијата со поддршка од Африканската унија, се повикува на фактот дека Меркаторовата проекција создава поголеми изобличувања на регионите што се подалеку од екваторот. Оваа проекција всушност е прифатена како компромисно решение, бидејќи не постои практична и јасна дводимензионална карта на која може реално да биде пресликана земјината топка. 

Африка, која е од двете страни на екваторот, затоа изгледа релативно помала, додека Европа, Северна Америка, а особено Гренланд и Русија, изгледаат значително поголеми.

Во Африка би можеле да ги соберете САД, Кина, Индија, Јапонија, Мексико и поголемиот дел од Европа, и притоа да остане уште слободен простор, се наведува во петицијата за кампањата #CorrectTheMap.

Министерот за надворешни работи на Того, Робер Дисе истакна дека за Африка ова прашање ги надминува географските рамки.

Мапата никогаш не е неутрална. Таа ги обликува перцепциите, влијае врз тоа како се сфаќа местото на народите и континентите во светот и може од најраните училишни години да наметне претставите што не соодветствуваат со географската реалност. Африка не бара привилегиран третман, туку соодветно да се земат предвид нејзината реалност, аспирациите и придонесот кон меѓународниот систем, изјави Дисе.

Тој ги повика африканските делегации да ја прошират поддршката за резолуцијата пред гласањето, кое го опиша како „тест за способноста на континентот да настапува едногласно“. Како дел од тие напори, Того приреди прием за сите членки на ОН во пресрет на гласањето.

Историчари и географи одамна се согласуваат дека Меркаторовата карта ги одразува западните претстави за светот. Некои го користат терминот „картографски колонијализам“. Овој начин на прикажување бил воведен од фламанскиот картограф Жерардус Меркатор во 1569 година за да им помогне на морепловците во навигацијата. Речиси пет века подоцна, тој сè уште претставува глобален стандард.

Германскиот историчар Арно Петерс, еден од најистакнатите критичари на оваа проекција, во 1973 година претстави алтернативна карта заснована на проекцијата Гал-Петерс. Того ја промовира картата „Equal Earth“ од 2018 година, развиена од меѓународен тим картографи, за која поддржувачите велат дека нуди попрецизен приказ на големината на секој континент.

Највпечатлива е разликата во споредбата на површината со Гренланд на Меркаторовата карта и во реалноста.

 

4 септември 2026 - 12:03