Заговор како да се запре АфД

Германскиот естаблишмент, кој постојано им држи лекции на другите земји за владеењето на правото, покажува дека демократијата се толерира само додека дава резултати што се сметаат за прифатливи. Кога демократските процеси водат до непожелна влада се бараат начини таа да се обезвредни или да се неутрализира, се разбира, во име на „одбраната на демократијата“.

Саксонија-Анхалт, која ја опишуваат како „ничија земја“ меѓу истокот и западот на Германија, тешко може да се нарече најважната сојузна покраина. Таа учествува со само мал дел во федералниот БДП и има население од едвај 2 милиона луѓе – колку половина Берлин. Сепак, Саксонија-Анхалт е на пат да стане мегдан на една од најголемите политички битки во поновата германска историја.

На покраинските избори в недела се очекува убедлива победа на партијата Алтернатива за Германија (АфД). Според анкетите, има поддршка од 43% и е на добар пат да освои апсолутно мнозинство пратенички места, во зависност дали партиите што се блиску до изборниот праг од 5% (пред сè Зелените) ќе успеат да влезат во парламентот. Само неколку гласа би можеле да го сменат исходот, што би им овозможило на традиционалните партии да ја задржат АфД надвор од власта, како што тоа го направија во Тирингија, Саксонија и Бранденбург – било преку коалиција од типот „сите против АфД“ (што може да биде аритметички тешко изводливо) или преку малцинска влада.

Накратко, исходот е крајно неизвесен, па не чуди што германскиот политички естаблишмент е во паника. Евентуалното освојување апсолутно мнозинство од страна на АфД би претставувало историски триумф и би го означило дефинитивниот колапс на „заштитниот ѕид“ што беше подигнат околу партијата во последниве години. Тоа не само што би било првпат партијата да преземе власт во некоја покраина, туку и не би морала да ја дели таа власт со никого – подвиг што досега го постигнале само двете главни партии – конзервативците од ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите.

Во меѓувреме, популарноста на АфД расте речиси насекаде – вклучително и во Берлин, каде што партијата ја дуплирала поддршката по 2023 година и сега е израмнета со ЦДУ, веднаш зад левичарско-прогресивната Линке. Изборите во Берлин се одржуваат две недели подоцна, како и во источната покраина Мекленбург-Западна Померанија, каде што АфД води според анкетите. Тоа ја прави Саксонија-Анхалт уште поважна, бидејќи победата таму би можела да ѝ даде залет на партијата и во другите две изборни трки.

Поради начинот на кој е поставена германската федерална структура, доколку АфД преземе контрола врз некоја сојузна покраина, неизбежно ќе мора да се смета на неа и на национално ниво. „Заштитниот ѕид“ беше дизајниран да го спречи тоа по секоја цена.

Како покраински премиер, една од првите одговорности на кандидатот на АфД, Улрих Зигмунд, би била преземањето на ротирачкото едногодишно претседавање со состаноците на премиерите на 16-те германски покраини. Оваа функција вообичаено подразбира заедничко појавување пред медиумите со канцеларот.

За да се добие претстава за паниката што го зафати германскиот политички естаблишмент, а особено неговото метрополитенско, социјално-либерално крило, доволно е да се погледне нивното гласило, списанието Der Spiegel, кое неодамна на насловната страница објави илустрација на Зигмунд на полициска фотографија, со натпис: „Најопасниот човек во Германија“. Претераната и апсурдна насловна страница поттикна критики дури и од мејнстрим медиумите. Улф Пошард, поранешниот главен уредник на Die Welt, предупреди дека ваквите дрски и карикатурални напади ad hominem всушност ѝ одат во прилог на наративот на AfD: дека тие се борат против политичко-медиумска елита отцепена од реалноста, која за „закана за демократијата“ го смета секој што е надвор од нејзиниот тесен политичко-идеолошки спектар.

Откако естаблишментот ја изгуби контролата врз наративот, сега разгледува арсенал од вонредни мерки, чија цел е да ја спречат евентуалната покраинска влада предводена од АфД да го спроведе својот мандат.

Првото сценарио предвидува исклучување на претставниците на Саксонија-Анхалт од состаноците за чувствителни прашања, потврдија извори на Политико. Според еден професор по уставно право, оваа идеја е „целосно изводлива“, иако може да биде оспорена пред федералните судови.

Второто сценарио е подигнување „ѕид“ во заедничките информациски системи. Аргументот е дека на АфД, со оглед на нејзината наводна „блискост“ со Русија, не може да ѝ се доверат чувствителни досиеја. Идејата дека АфД би била канал за пренос на доверливи информации до Москва е прилично апсурдна – макар и само затоа што тоа би значело политичко самоубиство. Без пристап до досиеја клучни за националната безбедност, АфД практично би била неспособна да владее. И за овој случај се тврди дека е „правно возможен“.

Третото и најдрастично сценарио би било финансиско исцрпување на сојузната држава. Саксонија-Анхалт добива речиси 3 милијарди евра годишно преку системот за федерално фискално израмнување, што е една петтина од нејзиниот буџет. „Нуклеарната“ мерка на федерално принуда е возможна според Уставот, но никогаш не била применета од 1949 година наваму.

Она што е влог во Саксонија-Анхалт на 6 септември не е всушност владата на една мала сојузна држава. Прашањето е дали германскиот естаблишмент тивко заклучил дека не може да победи на изборите и затоа мора да победи со други средства. Секоја мерка што сега се разгледува и анализира во Берлин претставува признавање на втората можност. И секоја од нив, доколку се спроведе, би ѝ го дала на АфД аргументот што партијата го изнесува веќе една деценија: дека со Германија владее каста која на гласачкото тело гледа како на проблем со кој треба да се управува и која е подготвена да го погази и најосновниот принцип на „нивната“ толку фалена либерална демократија, пишува Томас Фази.

4 септември 2026 - 16:09