Прашањето за ретките минерали ги оптоварува односите меѓу САД и Кина уште од април 2025 година, кога Трамп воведе казнени царини за голем дел од светот. Кина возврати со ограничувања во трговијата со ретки минерали, со што издејствува преговори на кои двете страни договорија едногодишно трговско примирје. Рокот на примирјето истекува во ноември.
Додека извозот на Кина флуктуираше низ месеците, администрацијата на Трамп водеше агресивна кампања за намалување на зависноста на Вашингтон од овие минерали. Трговскиот претставник Џејмисон Грир изјави дека Кина добива само „преодна оценка“ за нејзиниот извоз на ретки земји. Падот на кинеските испораки на магнети во август ја истакна ранливоста на Вашингтон.
САД не се задоволни од текот на испораките на ретки земји, но истовремено се загрижени дека каква било акција би можела да доведе до нивен прекин, изјави Џенифер Велч, поранешна директорка за Кина и Тајван во Советот за национална безбедност (NSC) во администрациите на Бајден и Трамп.
Спроти самитот, аналитичари очекуваат дека Трамп и Си ќе го продолжат примирјето, затоа што е во интерес на двете земји. Тоа значи дека Пекинг ќе ја задржи доминацијата на светскиот пазар на ретки минерали за да влијае врз трговските односи со САД во годините што доаѓаат. Експерти од Bloomberg Economics проценуваат дека Кина најмалку до 2030 година ќе продолжи да доминира во синџирите на снабдување со ретки земји, почнувајќи од ископувањето, па сè до фазите на сепарација и производство на магнети.
И покрај сите инвестиции што администрацијата на Трамп ги објави од минатиот април, дури и ако сите најавени проекти се реализираат според предвидениот распоред, зависноста ќе остане, вели Крис Кенеди, поранешен директор за меѓународна економија во NSC.

Пристапот до магнети е клучен за американската воена индустрија, која поради војната со Иран ги исцрпи резервите на прецизна муниција. Во јули, Трамп побара од одбранбената индустрија да ги зголеми капацитетите и да го забрза производството на оружје. Притоа им наметна и ограничувања да престанат да набавуваат ретки минерали од Кина по 1 јануари и да обезбедат суровини од други извори.
Но, САД практично немаат алтернативи затоа што Кина е присутна во сите синџири за снабдување со ретки метали. Јапонската индустрија на магнети, на пример, се потпира на кинески суровини и технологија.
Покрај трговијата, Трамп и Си ќе разговараат и за трката за развој на вештачката интелигенција и за геополитичките тензии што произлегуваат од војната во Иран и безбедносните прашања поврзани со Тајван.