Време на уживање

Писменост

Да се биде писмен не значи само да се почитуваат правилата на граматиката и интерпункцијата; има такви досадни писатели.. Да се биде писмен значи да се биде во состојба прво да се смисли нешто паметно, па потоа тоа и да се напише така за другите да го разберат. Ако притоа читателите и уживаат - целта е постигната.

пишува: Милош Васиќ

Ако некој мисли дека темата е банална, се лаже: слушам дека 60% од населението на Србија е „функционално неписмено", значи умее да се потпише и на мобилен да прочита кој барал. Темата, значи, е повеќе некако елитистичка. Писменото лице од сопствената писменост извлекува поприлична доза суета, во недостаток на подобра причина, а уживањето во илузијата дека си подобар од својот ближен е мајка на секое уживање. Има, меѓутоа, и малку подлабоки причини за уживеање во писменоста - како во својата, така и во туѓата.

Пред сè, императивната потреба нешто да се забележи - затоа што зборовите летаат, а оние напишаните остануваат - пресудно придонела за развојот на човечкиот вид, внесувајќи ред и самодисциплина во умот, а и многу подобра координација во односите на мозокот, окото и раката. Истражувањата на американската војска од периодот на Втората светска војна покажуваат дека од писмените регрути излегуваат многу подобри стрелци отколку од оние неписмените. Станува збор токму за таа координација на окото и раката (мозокот тука не игра некоја значајна улога).

Но, многу е поважен социјалниот елемент: откако првиот Сумерец со стапче во влажна глинена плочка ги запишал своите хиероглифи, па до ден денешен - писменоста се цени. И не само тоа: меѓу писмените веднаш се појавиле разлики, затоа што може да се биде писмен, многу писмен и полуписмен, со сите можни нијанси помеѓу тоа; единствено не може да се биде најписмен затоа што јазикот (па и оној пишаниот) е жив организам кој расте и се развива.

Да се биде писмен не значи само да се почитуваат правилата на граматиката и интерпункцијата; има такви досадни писатели.. Да се биде писмен значи да се биде во состојба прво да се смисли нешто паметно, па потоа тоа и да се напише така за другите да го разберат. Ако притоа читателите и уживаат - целта е постигната. Тука веќе сме на едно ниво многу повисоко од она што го нарекуваат „функционална писменост". Имено, може човек да ужива и во добро втемелена кривична пријава, а уште повеќе во извесни правосилни пресуди кои лесно можеме да ги замислиме; но тоа сепак не е оној вид уживање како кога се чита последното поглавје на „Банкет во Блитва" на Крлежа, на пример. Лично мислам дека Крлежа повеќе уживал пишувајќи го тоа поглавје, отколку полицискиот инспектор и претседателот на Врховен суд од нашиот пример, иако тие двајца не мора нужно да се согласат со тоа.

Секако дека е најдобро да се биде многу писмен, иако тоа бара многу работа, размислување и самодисциплина. Токму плодовите на тие напори носат уживање во писменоста, како на оној кој пишува, така и на оние кои читаат. Зошто инаку луѓе би купувале книги, а писателите би добивале Нобелова награда? Има тука - освен парите - и нешто многу поважно; писменоста е вештина не помалку важна од музиката, сликањето, готвењето и слични многу ценети уметности. Практикувајќи ја таа вештина, писмениот човек е на пат да постигне душевен мир и рамнотежа во себе: тоа најдобро го докажува почитувањето кое древните Кинези и Јапонци им го укажувале на своите калиграфи.

Но, зад сето тоа и понатаму демне суетата, најголемиот човеков порок. Има ли посуетни и поразгалени чеда од писателите и поетите, од скрибоманите и колумнистите, кои живеат од писменоста? Ѓаволот демне токму тука, а единствениот спас е умереноста. Не умереноста во писменоста! Умереност во суетата. Кинескиот мудрец Јао Це Зе одамна предупредил: „Човекот е како вода - секогаш тече низбрдо и истекува и низ најмалата дупка". Писмениот човек понизно ѝ служи на Вештината на писменоста, а не обратно; тој е само алатка во рацете на Вештината, а не обратно. Во спротивно уживањето ќе исчезне, а писменоста ќе се изопачи во мака, раздразливост, завист и подлост. Имаме доволно примери околу себе за ова.

29 март 2014 - 13:16