Агент со години ја лажел ЦИА и ѝ украл 40 милиони долари

Во домот на поранешен висок службеник на ЦИА се откриени златни прачки и кеш во вкупна вредност од 40 милиони долари. Но крадењето не е најголемиот проблем. Типот 20 години лажел за своето минато, за дипломите и воената служба. Врвната агенција за разузнавање не го проверила и му дала пристап до строго доверливи информации за националната безбедност.

При претрес на домот на Дејвид Раш, поранешен висок службеник во ЦИА, биле откриени 303 златни прачки, 2 милиона долари во кеш и 35 скапи часовници. Обвинет е дека ги украл од разузнавачката агенција, во која бил на служба 17 години.

Поради чувствителноста на случајот, многу детали остануваат доверливи. Се води истрага како тој успеал да ги убеди своите претпоставени да му доверат десетици милиони долари во злато и големи количини на странска валута.

Сведочејќи пред Окружниот суд во Вирџинија, Раш изјавил дека парите и златото биле наменети за „трошоци поврзани со работата“.

Поранешен американски функционер изјави за Вашингтон пост дека Раш работел за Дирекцијата за наука и технологија на ЦИА, која развива високотехнолошки алатки за шпионските мисии на агенцијата.

Во периодот од ноември до март Раш поднел неколку барања за пристап до злато и кеш. Претрес во неговата владина канцеларија открил само дел од парите, но не и златните прачки. Побарана била асистенција од ФБИ, која на 18 мај извршила претрес во домот на Раш и го пронашла украденото.

По проширената истрага на ФБИ, Раш сега се товари и поради тоа што ги довел во заблуда своите претпоставени во врска со завршеното образование и воената служба кога се пријавил за работа во ЦИА во 2009 година. Му успеало од третиот пат.

Раш прво лажно тврдел дека има факултетска диплома од Универзитетот Клемсон, а потоа и магистратура од Политехничкиот институт Ренселаер. Бил примен откако поднесол лажна пријава дека бил пилот во резервниот состав на американската морнарица, за што добил и надомест за воен одмор од 77.000 долари.

Истрагата на ФБИ не пронашла никакви записи дека Раш некогаш посетувал некој од наведените факултети. Во 2015 година бил почесно отпуштен од морнарицата, но не бил пилот.

Службениците во главната американската разузнавачка агенција вообичаено се подложени на ригорозни проверки на биографијата - нивното образование, претходните вработувања, патувањата и личните врски. И по вработувањето, владата продолжува да ги следи нивните финансиски активности, патувањата, кредитни евиденции и други информации преку автоматизирани проверки за да се осигури дека не се подложни на уцени.

28 мај 2026 - 09:11