Абдала Букарам, Еквадор
Избран сосема легално на изборите во 1996-та година, наспроти инаетливото инсистирање да си ги остави хитлеровските мустачиња. Комплетно го оправдува својот прекар "El Loco" (Лудиот") уште по изборната победа кога решава на сцена да го имитира Елвис Присли.
Иако станува прв човек на Еквадор, не го напушта желбата да биде поп ѕвезда па издава албум во текот на мандатот. Албумот редовно им го пушта на своите соработници за време на состаноците а примероци од албумот дели по меѓународни конференции.
Својот кабинет го полни со роднини и го става својот 18 годишен син за прв човек на царината. Само пет месеци по назначувањето, синчето прави огромна забава за многу званици. Повод на забавата? Првиот "заработен" милион долари.
Букарам на Диего Марадона му нуди милион долари за да одигра една утакмица со него а прави и забава во чест на Американката Лорена Бобит, позната по тоа што му го отфикари пенисот на својот партнер.
Во февруари 1997-ма година, еквадорскиот конгрес го отстранува од функцијата заради "ментална неспособност" да биде претседател. Заминува во Панама каде што се уште живее.
Жан Бедел Бокаса, Централна Африка
Владе со Централноафриканската република откако со пуч го свргнува својот роднина од тронот. Своите миленичиња алигаторите често ги храни со политички противници.
Крунисувањето на Бокаса, правено по углед на неговиот идол Наполеон, го сркнува годишниот БДП на државата. За таа цел, од Франција се увезуваат 240 тони храна, облекува 3.000 гардисти во раскошни униформи а дел од нив претходно праќа на обука во Франција за да научат да јаваат парадно. Само круната му чини 3 милиони долари. Во неговата земја, две третини од населението живеат со помалку од долар на ден.
Од 2.400 званици, се појавуват само 600. Бокаса ваквиот бојкот го објаснува елегантно: "Криво им е што јас сум цар а тие не се".
Во 1979-та е свргнат од француски специјалци. Осуден на смрт па помилуван. Умира спокојно во својот дом, убеден дека е 13-от апостол. Зад себе остава 62 деца.
Мариано Мелгарејо, Боливија
Морон од невидени пропорции. Неписмен, алкохоличар, еднаш прима жена која моли за животот на својот брат осуден на смртна казна, ја сослушува и решава да ја ожени а братот го прогласува за генерал.
За да возврати за убавите подароци добиени од Чиле, поставува Чилеанец за министер за трговија. Најмногу е одушевен од Бразилците кои му подаруваат коњ па им подарува цел регион. Коњот го носи на забави во претседателската палата, каде што го учи да пие пиво и да моча врз гостите. За да го вразуми, еден негов советник му ја кажува приказната за Калигула и неговиот коњ. Но, Мелгарејо се одушевува од приказната и на својот коњ му дава титула "генерал на Боливија".
Останува на власт 6 години кога бива свргнат и убиен од неговите генерали (криминалци како него). Ја остава Боливија толку беспомошна што подоцна Чиеланци влегуваат и им го одземаат брегот без никаква борба. Цели 100 години Боливија го моли Чиле да им го врати излезот на море.
Иди Амин, Уганда
Титулата која сам си ја става гласи: "Неговата екселенција, доживотен претседател, фелд-маршал и хаџи доктор, Иди Амин Дада, крал на сите животни на земјата и риби во морињата, освојувач на Британската империја во Африка општо а во Уганда посебно."
Дел од лудилото на Иди Амин е фино опишано во добриот филм "The Last King of Scotlaаnd". Претходно бил боксерски шампион кој цел живот е убеден дека му припаѓа тронот на Шкотска. Затоа ѝ предлага брак на англиската кралица Елизабета, за да се осватат и заедно да го водат Комонвелтот. Заради својата фасцинација со Шкотска, носи килт а и своите гардисти ги тера да носат тоа. Прави "Фонд за спас на Британија", одзема храна од изгладнетите селани и полни камиони храна ѝ нуди на Англија.
Откако Англија не му ја возвраќа љубовта, им се одмаздува на четворица англиски бизнисмени кои ги принудува да го носат на раце додека седи на тронот (а и деталот со чадорот е симпатичен).
Во 1978-ма година решава да ја нападне Танзанија. Ама Танзанија е пет пати поголема земја од Уганда па лесно го поразува. Бега во Саудиска Арабија.