Па сепак, не можам, а да не му оддадам признание на Љ.Д. Фрчкоски, кој (минатата недела) во една единствена реченица успеа да смести цел куп гадости: првин, јас и популизам, а богами и антилиберализам (!?); па етикета „глупирање“ за симболичниот протест против еколошкото варварство на новакот (минутата молчење за првите паднати дрвја во паркот); па некакви си тужби, за кои на човеков веднаш му е јасно дека „капиталистот“ (г. Костовски) бил во право согласно законите; надокрај, како напад на манијата да клевети - „капиталистот“ ми ја платил кампањата и ме направил тоа што сум во Скопје. Во реченицава има уште еден бисер (вардарски): ако, свесен за нечиј престап, напишете кривична пријава против него, вие автоматски користите јавна и евтина хајка за притисок врз јавното обвинителство (а сетне тоа, кутрото, „не знае што да прави“).
Ќе почнам од крајот! Постои решение на Заводот за заштита на спомениците на културата на Град Скопје (бр. 01-163/1 од 23.03.2004) со кое се утврдува дека „Кермес“ има својство на споменик на културата “заедно со паркот” и содржините наброени во него (споменикот на Гоце Делчев, бистите на повеќе значајни личности од културниот и општествениот живот на Македонија, фонтаната и архитектонските фрагменти, кои претставуваат амбиентална целина), заградени со бул. Илинден, ул. Наум Наумовски Борче, насипот на паркот и Зоолошката градина. За елементарно писмен правник под заштита на законот е секое одделно дрво во парков. Казнениот закон на земјава е повеќе од јасен: уништување добро ставено под заштита на законот е кривично дело (чл. 264 ст. 1 КЗ): колку дрва плус „Кермес“, толкав број дела во тек, сторени од страна на градоначалникот (и сосопственик на „Кермес“). Притоа, само на Љ.Д. Фрчкоски му е јасно како „капиталистот“, свесен дека тие дрвја и таа урнатина во паркот се заштитени со закон, може да биде „во право според законите“. Ако обвинителот во олку јасен случај не знае што да прави, најдобро да си побара друга работа, зашто за оваа не го бидува! Само јас немам толку бедно мислење за нашите обвинители. Повеќе би рекол дека познавањата на Љубомир по кривично право (од денот кога од мене ја доби онаа фамозна десетка) суштествено опаднале, што се виде, впрочем, и од некои негови тешки кривично-правни утки во Уставот.
Љ.Д. Фрчкоски во своите колумни изнакажа едночудо гадости (за неговиот пис речник и да не зборуваме): речиси да нема човек со кого се дружел, а подоцна да не се обидел да го оцрни! Кој не се сеќава на фамозните црномурести дами што г. Глигоров (според неговото сведочење) ги думкал на колена во Лисабон ли, каде ли. Едно време го беше зел на заб Борис Трајковски: ќе се фатеше човекот за микрофон ли, за калашников ли, и туку тоа во перверзната имагинација на Љ.Д. Фрчкоски ќе се претвореше во „фалусоиден предмет“. Борис (Бог да го прости!) виде со кого има работа, го именува за свој советник и овој веднаш ја смени плочата. Кога д-р Бучковски стана премиер, не можев да се изначудам чуму му се на Љ. Д. Фрчкоски сите оние гадости на сметка на младиот колега, кој сè уште не беше сторил ништо кога овој го зајаде како бесно куче. Заедно со неговите. Може затоа тие неодамна и му ја фрлија онаа имагинарна коска - да нè разграничува од Косово и да молчи барем до изборите!
Последна гадост на квадрат е тврдењето на Љ. Д. Фрчкоски дека „капиталистот“ ми ја платил кампањата и ме направил тоа што сум во Скопје. Да не почна човеков веќе да ветрее? Па токму дрвјата беа причина што си ја расипав калимерата со Пенов кога ги испосече прекрасните диви костени околу плоштадот за да го гради своето кич-сретсело. Тие дрвја (само сега во паркот), за Љ. Д. Фрчкоски очигледно без какво и да е значење, ме скараа и со газда Трифун, кого и јас и мојата партија искрено го поддржавме во битката за градоначалник, уверени дека човек кој видел како се обновува Варшава, џентлмен кој со години го дишел воздухот на Виена, нема да ги повторува грешките на Пенов. А особено не - позицијата да ја користи за својот бизнис. Признавам дека како партија му бевме и должник: две и пол години во „Утрински весник“, кој тогаш беше 56 отсто негов, излегуваше на четири страници (еднаш во месецот!) „Демократски форум“, гласилото на Лигата за демократија. Никогаш и не помисливме дека човекот тоа го прави со некаква задна намера, наивно убедени дека е демократ, кој сака да помогне една вистинска граѓанска партија („единствената од македонските партии што не ја формирала комунистичката Служба за државна безбедност“! - вака пред некој ден ми честиташе еден добар познавач на работите во нашата полиција). Точно е дека за време на кампањата за локалните избори г. Костовски „ни“ плати за две нешта: предизборниот флаер и еден коктел во хотел „Континентал“. Луксузниот флаер (во 20.000 примероци) со неговата и моја фотографија преку цела страница (и текстот дека Лигата за демократија го поддржува) беше изречна желба и потреба на кандидатот. Поскромен флаер во помал тираж (и само за наши потреби) можевме да си платиме и сами. Овој беше пред се' промоција на кандидатот за градоначалник, па беше сосема разбирливо тој и да си го плати. Како и промотивниот коктел во „Континентал“! Лигата за демократија денес не може ни да помисли за коктели во „Континентал“. (Неколку скромни коктели приредивме во Клубот на пратениците, главно со спонзорство на адвокатот Игнат Панчевски и со помош на дамите од Лигата кои ги збогатуваа со своите кулинарски ракоизделија.) Идејата за овој коктел беше на г. Костовски: тој си го одбра хотелот, тој - салата во него, тој - менито и пијачките и тој - како што е редот! - си го плати (или барем даде пари за да се плати). Така стојат работите! Лигата за демократија достојно му се оддолжи на г. Костовски: беше избран уште во првиот круг! Ние на тие избори учествувавме во девет изборни единици и освоиме седум советнички места без каква и да е финансиска помош на „капиталистот“ (двете места во Советот на Скопје си ги избори Лигата, а не г. Костовски).
Инаку, Љ. Д. Фрчкоски би требало да ја познава мојата приврзаност кон дрвјата (поради која во програмата на Лигата за демократија стои: „Проблемот на безработицата ќе се решава, меѓу другото, и со големи јавни работи што ќе се финансираат од буџетот: пошумување на огромните соголени пространства во Македонија“): пред многу години ме посети во кабинетот, зборувајќи ми да сум го баталел тогаш актуелниот „вербален деликт“ - човек од мој калибар веќе требало да има зад себе десетина книги! Мојот одговор беше: „И премногу ги сакам дрвјата за да се сечат заради непотребни книги“. Иако имам колумни за неколку книги, јас сум еден од ретките што не ги објавил (колку ли дрвја би требало да се жртвуваат за нив?).
Само, кому јас сево ова му го зборувам? Да имаше Љ. Д. Фрчкоски барем малу од онаа есенција што се нарекува „морал“, немаше да ги соли сите тие гадости за мене, а и за многумина други. Но, тука нема спас: човеков има конгенитална фалинка („морален далтонизам“), а неа медицината не ја лекува...
проф. др. Ѓорѓи Марјановиќ
Дневник, 2006