ПОСАКУВАМ
Посакувам:
македонските режисери (по стотина
неуспешни обиди) да снимат успешен хорор филм
(не е лошо и некој домашен порно филм).
Сликарите да се испокараат со реалноста.
Поетите да пишуваат, зашто поевтино хоби нема.
Артистите да не учестуваат во политичкиот
сексуален акт, за да не бидат...
Тинејџерите да ги учат Битлси во школо;
и Хамсун, Селин, Буковски, Милер...
Различните да ни кажат што е инаквост
а нормалните да не се однесуваат ненормално.
Убавиците да изгледаат убаво, секаде.
Другите нека се смеат од сè срце
и ќе изгледаат сто пати поубаво.
Младите да не стареат а старите да не
умираат млади.
Пијаниците да не се трезнат, трезните да
не знаат што пропуштаат.
Набилданите да се помират со фактот
дека умните се посилни од нив.
Вљубените да бидат обележени со сјај во очите –
обележени да бидат сите.
Мирољубците да бидат активни,
војсководците пасивни.
Да нема облакодери на слепи улици
и да нема слепи архитекти.
Да не страда никој, никаде и никогаш
(тоа е невозможно, и затоа сакам да се
случи веднаш).
Лагата да ја има цената на нафтата
и да падне, веднаш.
Им посакувам:
на новинарите, водителите и спикерите
детектори за лаги,
на неправедните судии да им пресуди правдата.
Докторите да сфатат дека се само обични луѓе –
сите други се сегашни или идни пациенти,
па дури и они.
Академиците, дека се многу повеќе од акмаци.
Богатите да делат, сиромавите да споделат.
Во диско да играат сите, па дури и диџеите.
Музика да пуштаат сите, па дури и диџеите.
Сите да бидат насмеани, задоволни и весели
и никој да не посака да стане политичар.
Зашто, во земја каде што цути среќа
никој не ќарува на туѓа несреќа.
Јовица Ивановски
27.12.2012
Mузичка подлога: Ray Charles - Somewhere Over the Rainbow