Питер Георгеску има интересна биографија: по потекло Романец, тој на само десет години бил уапсен и однесен во работен логор како уцена за неговиот татко кој се нашол во Њујорк по падот на железната завеса да шпиунира за романските комунисти. Завршил на Принстон, иако во САД дошол без да знае збор англиски и со завршено второ одделение. Се пензионирал како извршен директор на една од најуспешните рекламни агенции во земјата. Сега пишува книга за смртта на средната класа. Сите проблеми, вели тој, произлегуваат од нееднаквоста во приходите и алчноста на компаниите.
пишува: Питер Георгеску
"Се плашам. Милијардерот основач на инвестициски фондови Пол Тудор Џонс се плаши. Мојот пријател Кен Лангон, основач на Home Depot, е исплашен. Такви се и голем број други извршни директори. Не од Ал Каеда, или од некаква злокобна исламска држава или од друга радикална група од Блискиот Исток, Африка или Азија. Се плашиме каде ќе води нееднаквоста во приходите.
За 20 проценти Американци на врвот, животот е прилично добар.
Но 40% се без пари. Секоја година тие трошат повеќе отколку што имаат.
Додека толку голем број луѓе се мачи да врзе крај со крај, дури и на оние во повисоката средна класа им останува многу малку откако ќе ги платат сметките: во просек околу 1300 долари месечно. Еден протечен покрив, и тие имаат проблем.
Ако не се преземе нешто во врска со нееднаквоста, јазот ќе се разреши на еден од овие два начини: преку големи социјални немири или преку опресивни даноци, на пример 80 проценти данок на секој приход над 500,000 долари, сугериран од Томас Пикети, француски економист и автор на бестселерот „Капиталот во 21 век" (за кого претходно пишувавме тука)
Создаваме кастински систем од којшто е речиси невозможно да се избега, освен за малкумина со исклучителни умови, атлетски вештини или со неверојатно среќа. Затоа ми е страв. Ризикуваме да ја загубиме капиталистичката машинерија која ни донесе големи економски успеси и наш начин на живот.
И јас и Кен Лангон сме многу благодарни на оваа земја, и се среќаваме со голем број извршни директори, обидувајќи се да сториме нешто во врска со нееднаквоста.
Оваа земја ми има дадено значајни можности. Јас сум имигрант дојден од Романија како тинејџер во 1954 со брод. Ме разделија од родителите кога имав 7 години затоа што тие заминаа за САД и не можеа да се вратат во Романија кога во неа влезе СССР. Кога имав 10 години ме ставија во работен логор заедно со мојот 15-годишен брат. Со помош на Американците и интервенцијата на претседателот Двајт Ајзенхауер, бевме споени со нашите родители по 5 години во кампот. Љубезно и со сочувство бев поканет од страна на директорот на Академијата Филипс Ексетер да посетувам училиште. Од таму отидов на Принстон и на бизнис школата во Станфорд.
Во текот на повеќе од 50 години во бизнисот со маркетинг, рекламирање и односи со јавноста, голем број луѓе ми помогнаа да го остварам американскиот сон.
Кен Лангон беше прв во неговото семејство кој завршил средно училиште и заминал на факултет. Неговиот дедо заработувал во Италија со сопствените раце. Кен беше успешен бизнисмен и филантроп. Универзитетската болница во Њујорк стана Њујоршки Лангон медицински центар.
Дали младите луѓе како мене и Кен сега би ги добиле истите шанси? Не верувам.
Кој ќе биде доволно храбар да ја поттурне топката? Најочигледен избор е нашата влада. Но моментално Конгресот е парализиран.
Ние, бизнис лидерите, знаеме што да правиме. Но дали имаме волја за тоа? Дали сакаме да ја контролираме прекумерната алчност којашто е толку доминантна во нашата култура денес, и да издвоиме ресурси за подобро образование и создавање на повеќе можности?
Бизнисот најмногу може да добие од здрава Америка, а најмногу може да загуби од социјални немири или прекумерно одданочување. Бизнисот може да го започне процесот во два чекори. Прво, инвестирање во оние кои вистински создаваат вредност - вработените. Со фер компензации, приход кој им овозможува зголемување на продуктивноста и иновирање.
Факт e дека реалните плати се на исто ниво со децении додека продуктивноста е зголемена за 80%. Пред раните 1970-ти платите и продуктивноста растеа подеднакво. Сега поголемиот дел од добивката од продуктивноста оди кај акционерите, а не кај вработените.
Второ, бизнисите мора агресивно да инвестираат во нивните сопствени операции, насочувајќи го профитот во продуктивност и иновации за да се поттикнува реалниот бизнис перформанс. Денес, премногу корпорации го намалуваат инвестирањето во истражување и развој и градење на бренд. Како резултат на тоа гледаме генерално намалување на вредноста на нивните брендови и на другиот нивен имот. За да надоместат за ова намалување и за анемичните приходи, бизнисите си ја откупуваат сопствената роба (сега на рекордни нивоа) и оттаму вештачки ја зголемуваат заработката по акција.
Некој мора да го скрши мразот, некој мора да води. Компаниите како Home Depot, Costco Wholesale, Whole Foods, Publix, Qualcomm, Starbuck и Gravity Payments прават мали чекори и повеќе ги исплаќаат вработените. Ова се мерките кои ни се потребни. Слични промени мора да се направат од страна на голем број други бизниси.
Кога јас и Кен зборуваме со бизнис лидерите и се обидуваме да добиеме поддршка за нашата кауза, забележуваме речиси едногласно одобрување во врска со природата на проблемот и итната потреба за решенија. Тоа се добри вести. Нашата загриженост се однесува на дејствувањето. Извршните директори ни велат дека за да ги исплатат нивните вработени поправично им треба поддршка од нивните бордови, од истакнати бизнис водачи, од медиумите па и од владата, за да излезат на крај со интензивниот пазарен притисок за максимизирање на краткорочните исплати на акционерите.
Така, додека ги славиме оние кои влечат исправни потези, како можеме да влијаеме врз оние кои се уште не преземаат акција? Навистина не сакаме да ни се случат социјални немири или 80 данок за да почнеме да дејствуваме.
Има начин да се почне - Владите можат да обезбедат даночни олеснувања за бизнисите кои би плаќале повеќе на вработените кои заработуваат 80,000 долари или помалку годишно. Програмата би можела да трае три до пет години и потоа да се процени нејзината ефикасност.
Благодетите би биле огромни. Луѓето би имале повеќе пари за трошење, и многумина веќе нема да имаат потреба од владина помош. Тоа би значело намалување на ваквиот вид трошоци.
Конечно, таа друга Америка, онаа која до сега не беше во можност да излезе од долгови, ќе знае дека помошта доаѓа - не во вид на зголемување на владината поткрепа, туку како поправичен начин да се сподели тешката работа и растечката вредност која ја создава бизнисот. Како што е потврдено повеќе пати, акционерите исто така добиваат, затоа што задоволните вработени даваат подобри резултати.
Дали е ова само луда идеја? Не баш. Сенаторот Марк Р. Ворен, демократ од Вирџинија, работи на сличен план за да го претстави во Конгресот. Не знам колку тој би чинел. Но неправењето ништо би било многу поскапо. Итноста е јасна. Еден фер и одговорен систем на слободно претприемаштво се уште е најдобриот начин кој е измислен за создавање можности и повисок животен стандард.