Томас Пикети е француски економист, професор на Високата школа за општествени науки во Париз и редовен колумнист на Liberation и Le Monde. Неговите ставови околу концентрацијата на богатството на светско ниво, и начините како да се надмине нееднаквоста во неговата распределба, станаа особено популарни по објавувањето на бестселерот „Капитал во 21. век" (2013).
Во книгата, на 700 страници, преку историски и статистички пристап, се разгледува односот на стапката на акумулација на капиталот споредена со економскиот раст во Европа и САД во тек на 250 години, од 18 век до денес. Притоа Пикети како извор користи и современи даночни досиеа на економската елита - документи кои до него ретко кој ги имал земено предвид во научно истражување. Централната теза е дека кога стапката на поврат на капиталот е поголема од стапката на економски развој, долгорочно резултатот е концентрација на богатството и негова нееднаква дистрибуција, што пак создава општествена и економска нестабилност. Пикети предлага глобален систем на прогресивно оданочување на богатството, со што би се намалила нееднаквоста и би се одбегнало огромен дел од богатството да е во рацете на многу мал број луѓе.
Голем број колеги се ставија на страната на Пикети, како нобеловецот Пол Кругман, кој ја нарече книгата „прекрасна медитација за нееднаквоста", иако имаше и такви теоретичари кои го критикуваа, меѓу другото заради изедначувањето на богатството со капиталот (кој подразбира пред сè средства за производство, но не и земја и природни ресурси кои Пикети наводно не ги зел предвид), или заради неговита „наивни, ако не и утописки идеи" како да се надминат нееднаквостите.
Истиот тој Пикети ден после прославата на Новата година одлучи да ја одбие највисоката државна награда на Франција, Легијата на честа. Неговото образложение: „Не мислам дека улогата на власта е да одлучува кој заслужува почести. Подобро е таа да се концентрира на поттикнување на економскиот раст во Франција и во Европа". Неговата реакција се толкува и како критика кон претседателот Франсоа Оланд (кого во времето на изборот Пикети со уште 42 француски интелектуалци го поддржа), кој неодамна изјави дека глобалното влијание на француските интелектуалци е доказ за нескршливата моќ на земјата.
И минатата година карикатуристот Жак Тарди исто така ја одби Легијата на честа, а пред него и Пол Сартр, Пјер и Марија Кири и Брижит Бардо. Наградата, воведена од страна на Наполеон во 1802, се доделува три пати годишно на цивили, на 1 јануари, на Велигден и на Денот на Бастиља, а два пати годишно на воен персонал. Покрај името на Пикети на списокот од 1 јануари се најдоа уште 691 (!?) истакнати поединци, како Патрик Модијано кој ја доби Нобеловата за книжевност во 2014, и уште еден економист, Жан Тирол, кој ја доби Нобеловата за економија.
Говор на Пикети на ТЕД од јуни 2014, во кој ги објаснува главните поенти на книгата и на неговите економски ставови. Нека не ве ремети неговиот акцент ко од „Ало-ало“, баш е сладок.