Aртур Конан Дојл преку приказните за Шерлок Холмс го истражувал машкото ментално здравје

Артур Конан Дојл не бил само голем писател на криминалистички приказни, туку и прогресивен автор кој се осмелувал да отвора тешки и табу теми. Една од тие теми била машката ранливост и менталното здравје – нешто што за него имало и лично значење.

Како дете, Артур Конан Дојл, славниот креатор на ликот на Шерлок Холмс, растел во тешки семејни услови: неговиот татко Чарлс бил алкохоличар и семејството имало финансиски проблеми. Во 1881 година Чарлс бил хоспитализиран во санаториум, каде останал следните дванаесет години. Таа животна ситуација го поттикнала Дојл да се заинтересира за ранливоста и менталните состојби на мажите.

Шерлок Холмс, неговиот најпознат лик, е пример за машка ранливост која не се изедначува со слабост. Холмс не е претставен како непогрешлив: тој се соочува со зависност од дрога, чувство на осаменост и депресија. Дел од неговата генијалност произлегува токму од тие слабости.

Во многу приказни, Дојл прикажува машки ликови кои се наоѓаат во емоционални кризи, доживуваат предавства или морални дилеми. Во расказите „Човекот со искривената уста“, „Авантурите на инженерскиот палец“ и „Берзанскиот службеник“, клиентите на Холмс се мажи со сериозни емоционални и егзистенцијални проблеми.

Во „Човекот со искривената уста“, Невил Сент Клер води двоен живот: пред семејството се претставува како успешен трговец, а всушност проси на улица. Тоа го прави од срам и страв поради долговите. Тој вели: „Долга беше битката помеѓу мојата гордост и парите – но на крај победија парите.“ Сент Клер дури размислува дека би поднел и затвор или смртна казна, само за да не ја посрами својата фамилија – што покажува колку биле силни општествените очекувања за „машка чест“ во Викторијанската епоха.

Во „Берзанскиот службеник“ се појавува и тема на машко самоубиство, како и стравови поврзани со економска и професионална несигурност. Кога Холмс ги разобличува делата на лик под име Хари Пинер, тој се обидува да си го одземе животот за да избегне затвор.

Младиот инженер Виктор во „Инженерскиот палец“ е физички повреден и ментално потресен. Вотсон го лекува неговото тело, а Холмс неговиот ум. Холмс му нуди да се одмори, да јаде и да земе стимуланс (веројатно бренди), создавајќи чувство на безбедност и згриженост. Со тоа што детективот истовремено нуди практична помош и психолошка поддршка, Дојл покажува дека менталното здравје кај мажите е сериозно прашање кое бара внимание – нешто што било речиси табу во тоа време.

Холмс бил исклучително популарен лик, а неговите чудни навики и чудните, често „проблематични“ клиенти, тогашните читатели ги разбирале како дел од неговата генијалност. Денес, пак, тие детали ни даваат увид во тешкотиите и менталните борби на Викторијанските мажи и создаваат мост помеѓу проблемите на минатото и оние на современите читатели.

извор

27 ноември 2025 - 18:51