Што е “Сејф сити“?

Сејф сити е кога ќе ги поправите дупките на коловозите за да не возиме како слалом за да не ги искршиме колите. Сејф сити е кога улиците и тротоарите ќе “вриштат“ од обележана хоризонтална и вертикална сигнализација, не само на главните улици туку до најмало малско уличе. Сејф сити е кога ќе го осветлите секое уличе од градов а не само Партизанска и централното подрачје, за кога ќе се враќаат навечер нашите деца, внуци да се чувствуваат сигурно до дома а не да носат бибер спрејови и разни свирчиња за помош.

Го поддржувам проектов Safe city и се надевам парите од казните (милионски суми, да се разбереме) ќе завршат во државните и општинските каси (а не во џебовите на политичарите ) и ќе се наменат во прави цели за подобрување на стандардот и безбедноста на нас граѓаните.

Тоа со 51, 53 км/ч (што ги револтира граѓаните) ќе се реши, ќе се казнува како во другите земји, со толеранција од 10 % во градска вожња и 5 % на отворено. Е сега, мислите дека со ова градот ќе биде “сејф“ ?

Што е “Сејф сити“?

Сејф сити е кога ќе ги поправите дупките на коловозите за да не возиме како слалом за да не ги искршиме колите.

Сејф сити е кога улиците и тротоарите ќе “вриштат“ од обележана хоризонтална и вертикална сигнализација, не само на главните улици туку до најмало малско уличе.

Сејф сити е кога народните пратеници ќе одат на работа со сопствен или градски превоз како останатите граѓани (така е во Европа), затоа што кога пратениците од “свирипичино, сулдурци и незнамкаде“ со својата ергела возила, шофери и телохранители одат на работа да стигнат во 9 на време го блокираат пола Скопје и четврт Македонија како да врви енглеската кралица - илјадници граѓани доцнат на работа, им се закануваат со откази и намалување на платата, и затоа се потоа нервозни и брзаат да стигнат на своето одредиште ( да не кажам дека ви пцујат мајки шајки, држава и ве колнат до трето колено).

Сејф сити е кога ќе ги превоспитате полицајците кога се на терен на отворен пат да не седат в кола и да буљат во мобилните туку да ја следат состојбата на патот кај што ги распоредиле.

Сејф сити е да ги образувате полицајците да не бидат арогантни кога ќе запрат возило и да не се однесуваат како да го ослободиле градот.

Сејф сити е кога ќе им ги покачите платите на полицајците да не се чувствуваат мизерно, за кога ќе ме запре контрола и ќе му отворам прозорец од колата да ме пречека со насмевка, за да се почувствувам сигурен, а не да ги истура своите фрустрации и да се ижувува врз мене и да ми го уништи денот, пошто потоа јас станувам агресивен возач.

Сејф сити е кога нема да им се заканувате на полицајците “Денес ќе казниш 20мина како знаеш и умееш инаку нема да земеш плата месецов“.

Сејф сити е кога ќе ги испоапсите комисиите за возачки испит што подаруваат и продаваат возачки дозволи затоа што произведуваат потенцијални убијци.

Сејф сити е кога ќе го осветлите секое уличе од градов а не само Партизанска и централното подрачје, за кога ќе се враќаат навечер нашите деца, внуци да се чувствуваат сигурно до дома а не да носат бибер спрејови, разни свирчиња за помош и што уште не.

Сејф сити е кога ќе има полицајци позорникари 24 часа во сите критични и небезбедни маала, и на другата страна на Вардар, како би се спречиле грабежи за граѓаните да се чувствуваат сигурно во секој дел на градот. Законот да важи сегде исто!

Сејф сити е кога ќе го исчистите градов од ѓубре и ќе го одржувате чист, да не испоцркаме од некоја зараза.

Сејф сити е кога ќе ги пломбирате загадувачите како Усје и пријателчињата.

Сејф сити е кога ќе ги уапсите сите учесници во проектите со увоз и горење на ЕУ отпадот во земјава, да не дишеме отрови, го зголемивте процентот на белодробни заболувања и канцер за 1500 %

Сејф сити е згрижување на уличните животни(Не труење или еутаназија) туку воспоставување центар-стационар со добри услови за грижа каде ќе се отворат и нови работни позиции за љубителите на животни. Да се обезбеди и социјална помош на питачите кои се на секој чекор во центар и по булеварите. Да се прекине со ситниот организиран криминал.

Можеме до утре да набројуваме што е Сејф сити.

Ненад Стефаноски

6 декември 2025 - 19:16