Ацо Поповски сака да биде запишано

Ми пишува на Вајбер Ацо Поповски, од Истанбул. Вика: "Брат ми (така се викаме, откако некој стварно помислил дека сме браќа), сакам да ти пуштам еден текст, ти види дали е за објавување кај тебе". И ми го пушта текстот. И текстот - не е за објавување кај мене. Ама, го имате.... 

За политика е, за избори, за изјаснување, за Стево Пендаровски.... Како што знаат нашите читателите, оффнет бега од македонски политики (оние кои ги имате по телевизии и портали и фејсбуци на кило) како Рамонс од молови. Не што ни е некаква фуфка, како што мислат некои едноклеточни политички организми, туку затоа што целиот тој феномен главно не прави сјебани, отприлика како кога Џони Штулиќ поразено заклучи: "Немам ни с ким, ни против кога". А не дека па со Ацо мислиме исто на тие теми. Последен пат пред пар недели се расправавме за тоа и нормално, пак до никаде не дојдовме.

Ама, АМА, јебеш све ако на пријател кој ем го сакам ем го рачунам за фиљан човек не му дадам простор да каже што мисли.

Затоа, одиме со целото писмо на Ацо Поповски а него го чекам да се врати од Истанбул и да ја продолжиме расправијата за тоа кој уствари ја прееба Македонија и уште побитно, можеме ли ние некако да ја оправиме...

САКАМ ДА БИДЕ ЗАПИШАНО

Ова писмо го пишувам, за да имам мирна совест кога утре ќе се навратиме за тоа кој што можел да направи, а не направил; кој што можел да каже, а не кажал; и на крајот кој што направил и кажал. Го правам ова првенствено и заради себе, затоа што неговата победа ќе значи и моја победа. Ќе значи дека има шанса за таквите како мене, за кои знам дека ги има уште. Знам дека постојат луѓе, кои првенствено себе си се доживуваат како индивидуи. Мислам дека Македонија е земја на луѓе кои покрај тоа што се членови на партиски организации првенствено се луѓе со Име и Презиме. Затоа сметам дека имам обврска, уставно гарантираната тајност на мојот глас, да ја направам јавна. Го пишувам ова за да остане документ, затоа што утре ќе треба да се свртиме зад себе, затоа што утре ќе биде некое друго време. Време во кое ќе биде важно каков човек си бил и каков човек си.

Во драмата на Душан Јовановиќ – „ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ" има сцена во која тетката го тепа малиот затоа што краде. Драмата се случува за време на втората светска војна. Чичкото и вели да не го тепа – „не е страшно да се краде кога надвор е војна". Таа вели – „ама утре ќе биде мир. Каков човек ќе стане? ". Утре навистина ќе биде некое друго време, искрено верувам во тоа и искрено верувам дека треба да се потрудиме да бидеме подобри луѓе.

Затоа неговата победа може многу да промени.

Јавно и гласно кажувам за кого ќе гласам затоа што не мислам дека се сите исти. Можеби често така било, ама сега не е така. Овој пат, само заслепениот или партиски ослепениот може да тврди дека се сите исти. Ѓорги Иванов и Стево Пендаровски не се исти. По многу нешта се разликуваат, но она што најмногу ги разликува е индивидуалноста. Едниот стои сам зад секоја своја постапка и искажан збор. Другиот стои зад едни во одела кои му кажуваат кога да зборува. Таа разлика за мене е огромна. Стево доаѓа од една структура на луѓе за која одамна мислев дека исчезнала. Вртев би пеел вака – „...јас немам ништо повеќе од себе си, само срце кое чука вистински...". Одамна не сум слушнал некој да зборува толку искрено, без зад тоа да стојат скриени мисли, напишани говори, лажни вредности и еден тон лицемерие. Најмногу од сѐ ми се допаѓа искреноста во начинот на кој ја бара мојата поддршка. Не пред сѐ, туку за сѐ. Не победа по секоја цена, туку поддршка за вистински вредности. Поддршка за она што го говори, а не затоа што ќе нè присили. Поддршка за која секој од нас сам ќе одлучи. Не разбирам што може да натера човек ова да не го забележи и да се прави дека нешто друго е поважно.

Едни тврдат дека ја даваат својата поддршка поради тоа што претседателот им дошол во гардероба. Други затоа што слушал рок, а трети затоа што менувале дресови со него. Не го познавам тоа чувство. Мене никогаш сегашниот претседател не ми честитал, ниту ме гушнал. Не се сеќавам дека бил на моја претстава, ниту дека ми честитал на мојот труд. Можеби јас не заслужувам да бидам гушнат, но сѐ мислам дека тој претседател ги гушкал само оние кои требало да ги сака, оние за кои луѓето во одела му рекле дека треба да ги гушне. Нас останатите не нè гушкал. Меѓусебното гушкање на помала група или членови на исто семејство во медицината е позната како недобро, како погрешно. Кога сите ќе имаме право подеднакво да бидеме гушнати и да гушнеме, тоа тогаш ќе се вика лубов. Јас верувам дека и ние можеме да бидеме гушнати, дека и ние заслужуваме љубов. Јас сакам претседател на кого нема да му бидат важни епитетите пред и по нашето име. Луѓето на оваа земја сакаат да бидат гушнати, без разлика на која вера, националност, полово определување, партиска матрица, куќен совет му припаѓаат.

Неговата победа може многу да нè промени.

Не е само тој кој што стои сам пред нас без да крие ништо. Имав среќа да ја гледам во живо неговата сопруга и да го слушам нејзиниот говор. Кога било кој од нас ќе собере храброст да го каже она што таа го изговори таа вечер, тогаш никој од нас нема да се плаши. Важно е никој од нас да не се плаши.

Неговата победа може да ни ја врати слободата.

Чудно колку е Македонецот поврзан со зборот слобода. Чудна е таа негова постојана потреба да ја освои и заведе слободата. Ја опеваме во приказните и митовите, правиме претстави, постојано ја глорифицираме. Пееме за слободата во нашата химна, а толку лесно се откажуваме од неа во нашето секојдневие. Знам дека на многу луѓе слободата им е насилно одземена, но знам дека многумина ја предаваат без за неа да се борат. И не се работи само за слободата гарантирана со уставот на ова земја. Ја губиме слободата на размислување, на конфронтирање, на битисување. Ја менуваме со страв. Не сакам да се плашам што ќе кажам, не сакам да мислам што зборувам или што правам. Сакам да сум постојано непослушен граѓанин и да ја славам слободата на свој начин. Сакам да гласам за некој кој слободата ми ја гарантира, кој нема да престане да се бори за неа, се додека не ја извојува. Не сакам да гласам за некој кој соучествува во одземањето на мојата слобода.

Во моментов работам во Истанбул. Сите приказни изминатава недела беа околу забраните и одземањето на слободата. Околу забраните на интернетот. Ме прашуваат зошто мојата влада ја поддржува нивната влада? Ги уверувам дека тоа не е мојот народ. Во петокот бев на концерт на рок група од Иран. Побегнале од Иран затоа што таму е забрането да се свири рок. Сега свират во Истанбул додека и тука не им забранат. Сите заедно се прашуваат зошто странците не реагираат? Не можам да верувам дека и овде луѓето чекаат некој однадвор да ги спаси. Но потоа ја слушам најубавата реченица. Луѓето за време на изборите, знаејќи дека владата и државата ќе ги лажираат изборите, се организираат и како волонтери и граѓани излегуваат да ја бранат демократијата и слободата од државата. Друго прашање е дали им успева да ја одбранат, но во нивните очи ја гледам надежта која многу ми недостасува. Тоа очигледно е борба која сите нас нè чека. Борбата за индивидуалната слобода.

Ние сега ќе избираме меѓу сопствената, индивидуална слобода и човечко достоинство и она што тоа не е. Ние сега ќе избираме меѓу нешто што свети и нешто што не! Наше е СЕГА да помогнеме да победи она што е подобро за ова земја... Секој со свое име и презиме.

Нека биде запишано, јас Александар Поповски ќе гласам за Стево Пендаровски.

10 април 2014 - 18:36