Сето она (што го знаеш за мене)
Невозможно е да се наброи Сето Тоа. Ова се само фрагменти од еден личен список, таложен со децении, подложен на постојано дополнување.
Последна тура пред фајронт - само што не е последна. Потоа тетеравење кон дома, а можеби ни до дома. Транзистор во хотелската соба. Портокалова светлина во станот карши. Правлив мирис после дожд (изумрено). Оргазмички водопад од тапани во Whole Lotta Love, ЛП верзија, 4.26 до 4.29. Целата таа песна впрочем: секс во чиста состојба. Пригушен Мајлс во „Лифт за губилиште". Непотребна цигара пред спиење. Воопшто, цигара. Воопшто, пред спиење.
Прошетка по Горен град, низ Камена порта, со чадор. Бурек за цел трамвај. Поглед од Варадин. Црвената зграда на аголот Јован Бошковиќ и Стеван Брановачки. Флерт од кој нема да биде ништо. Флерт од кој ќе биде сешто. Аромата на хашиш во носот. Очи кои те сакаат, во мракот. Очи кои ги сакаш, на светлина.
Првиот ред во Кинотека. Зеленилото на преносот на фудбалски натпревар, неважен, без тон. Нирванирање во двор, под липа, на тротоар. Његошевом улицом девојке иду. Книга која ќе ја пронајдеш по дваесет години. Дете кое ќе те разнежи, а проклето не сакаш деца. Погранична полициска русокоса, со коњско опавче. Воопшто, кршливи русокоси кои носат црно. Бринети кои воопшто нешто носат. Или не носат. Свакој благи осмех дам, дал је познам или не. Клопотарењето на тркалата по шините, вагон-ресторан, Nicht hinauslehnen, E pericoloso sporgersi, Ne pas se pencher au dehors. Вокалот на спикерката на главната железничка во Загреб. Станица Жабица, Флуме. Кломпестиот, бел сексапил на медицинските сестри. Студената елеганција на „Блоу ап". Цитроен ДС. Француски филмови од педесетите, шеесетите, седумдесетите. Британски филмови од педесетите, шеесетите, седумдесетите. Мерцедес 0302, толку јебозовен, со прекрасни облини, бел волан, 49 седишта. Друм, Балкан, осумдесетите, Реки, серпентини, синило.
Вино, сирење, пршута. Парче леб натопено со маслиново масло. Зелени пивски шишиња, стари ѕидарски и нови фенси. Чувство дека претеруваш. Желбата да не престанеш да претеруваш. Луто лаење на смешно куче, потреба да го гушнеш од што е смешно. Сеанса на опсесивно читање заради кое оставаш се и изневеруваш секого. Смртта на Иван Иљич. Мртви, расказ. Мртви, филм. Тонио факинг Крегер. Нежното гребење на ќебето. Навестувањето на муграта во прозорецот. Првата „четворка" од Станица кон Лиман, во 4,30.
Крцкава пилешка кожичка. Кајгана со млад кромид. Прекумурска гибаница. Добри весници во царството на м.ф. ладовина. Горчината на пивото, слатката киселост на вишната, лутоста на пиперката. Ајвар без домати, риба без коски, турско без шеќер. Лук во маслиново масло, ќебап во грне, ќебапи во Ниш. Лигњи на жар, тавче гравче. Еден на еден.
Чехов, Селинџер, Кундера, Мостар, Севдах, Реунион. Џампинг, Џек, Флеш. Мингус, Ах, Ум.
Чувството на грев, чувството на ризик, чувството дека си жив жив жив. Сини утра. Онаа снага и бистрина кога ќе ти помине мамурлакот. Бадем во бело чоколадо. Звук на вежбање пијано во Кондина улица. Возење точак на ветер. Јато гуски крај патот, во јули или август. Сончогледи зад нив. Од Опово до Боѓан, па назад. Декаденцијата на Палиќ. Вила Лујза! Апстрактниот експресионизам на унгарскиот. Крејзи чоколом, јунајтед киванок. Звукот на ноќниот експрес. Умаг - Умаго, Пиран-Пирано, Ловран-Лоренцо. Мазно камче-амајлија, кој долго те чувал, па те загубил, и што ли ќе те чува сега? Нацрт на еден дом, бивш. Младина во поштенско сандаче, во петок, осумдесетите. Jst grem gor na Škofl'co, čeprou sm tam že biu. Шарени панкери на улиците. Дожд во октомври на островите.
Зелена гранка со тага на жолто овошје. Летна вонвременост, леплива и заносна. Радио на тераса, и некоја од Оние песни, без повод, за ништо, онака, затоа што така треба. У-кањето на утката, цвркотот на лилјакот, таму накај брегот. Есенска депресија, брзински удавена одвнатре. Шлапкањето на тркалата на мокриот асфалт кај Бановина. Cars Hiss By My Window. Светлината на полноќната лампа, Радио Нови Сад. Впрочем, Нови Сад.
Компактно зрнце ориз помеѓу забите, како јадро на космосот пред експлозија. Боровина, мокро, наутро. Четири часа сон, а потоа очи ширум отворени; јанѕа, тага за нешто што не било. Проѕирно пијанство од вино теран. Желбата да го одржиш засекогаш, ти треба. Зошто ти треба? Светот боли. Светот сака. Го сакаш светот. Не, никој не го сака светот, преголем е за сакање.
Дали е тоа сè? Никако. Списокот се заокружува кога веќе те нема, целосен е дури без тебе. Во полош случај - ако умреш за време на живот. Немој да умреш, нема да умрам. Не за време на животот, дури после. Диши длабоко, вдиши го светот, почни да грешиш, веднаш.