Франц Захер на само 16 години го смислува рецептот за еден од најфамозните рецепти на светот иако се работи за едноставна измислица од путер, јајца, брашно, шеќер, црна чоколада и џем од кајсии.
Приказната започнува во 1832 година кога австрискиот аристократ и дипломат Клеменс Венцел Фурст фон Метерних (накратко: Клеменс) посакал специјална торта за роденден, а неговиот главен готвач се испоразболел, па немало кој да го покрие освен младиот Захер.
На роденденската забава тортата не минува спектакуларно, но Захер продолжува да го усовршува рецептот цели 12 години пред да се осмели да отвори своја слаткарница, по што тортата бргу доживува локална слава. Но за европската слава е заслужен неговиот најстар син Едуард, кој работејќи во прочуената виенска слаткарница Демел, дополнително го штима вкусот за да ги задоволи и најпрефинетите аристократски пицајзли.
Захер во 1876 година отвораат престижен хотел со нивното име и тортата како нивен најсилен адут. Неколку децении подоцна бизнисот им пропаѓа, па хотелот добива нови сопственици, а Едуард Захер му го предава семејниот рецепт на Демел, како дел од аранжманот за отплаќање на своите долгови. Оттогаш Демел имаат ексклузивно право да продаваат „оригинална Едуард Захер торта“. Но новите сопственици на хотелот (семејството Гуртлер), пак, навреме заштитувајќи го името, имаат право да продаваат „оригинална Захер торта“ (тоа е онаа со печатот).
До вакво решение дошле со вонсудски договор откако им збоктисало со децении да се влечат по судови во процеси што изобилувале со расправи за најситни детали: дали џемот оди во еден или два слоја, дали се става пред печење или по него и слично.
Во секој случај, никако не може Захер торта без шеќер. Не е ова Штип, па да може пастрмалија без пастрма.