После толку време, кампањи, подигање свесности и верби во напредноста на новите генерации, поразителна е статијата на Индипендент која обелоденува дека токму помладите девојки и жени се оние кои се туфкаат за одење на гинеколог. Не во Сирија, не во Пакистан, туку во Англија, среде Европа.
Алармантна студија од британската организација Ovarian Cancer Action открива дека девојките меѓу 18 и 24 години четири пати помалку се подготвени да одат на лекар во врска со своето сексуално здравје отколку оние на возраст меѓу 55 и 64 години. ЧЕТИРИ ПАТИ!
А во статистиката има и бетер податоци: 57 проценти од помладите жени рекле дека попрво би гуглале некој проблем отколку за него да побараат медицинска помош. Речиси половина од жените (48%) признале дека се уплашени да бидат интимно прегледани. Сличен удел (44%) имаат оние кои велат дека се срамат да зборуваат за теми од сексуалното здравје.
Една третина од овие помладиве викаат дека би им било срам гласно да го изговорат зборот "вагина" пред доктор. Истиот тој збор им е незгоден само на 11 проценти од оние меѓу 55 и 64 години.
Ваквото срамуење и снебивање може да има опасни последици.
"Рак на матка повеќе се јавува кај постари, но го има и кај помлади жени. Клучен фактор во битката против него е времето и раното откривање на проблемот," потсетува гинеколошки онколог од една лондонска болница велејќи дека една од обвските на докторите е да ги охрабруваат девојките да зборуваат за вакви теми и проблеми.
Како е можно среде денешната европска и западна култура која не е обременета со табуа околу сексуалноста, токму младите да имаат фрка со тоа, дури и со изговарање на збор кој се однесува на нивното тело? Можно е една од причините да биде тоа што со младоста доаѓа очекувањето "таму долу" да биде сè во ред. А не секогаш е.
Во Велика Британија од рак на матка умира жена на секои два часа. Изговарањето на "срамниот" збор не може никого да убие ама снебивањето да се изговори, може да доведе до голема беља.
Олабавете се.
В-А-Г-И-Н-А.