Здраво Трендо,
Одамна се спремам да пишам нешто во врска со кампањава за здрава исхрана. Еве ваљда тече веќе неколку месеци, затоа што секој пат по грешка кога ќе го упалам телевизорот на некој македонски канал, обавезно ме начекува некоја од рекламите од таа кампања. Како секој одговорен граѓанин ќе си ја изгледам пропагандата до крај за момент потоа, не знам зошто, да ми се јави неодолив порив да искочам на штрајк со прејадување, затоа што штрајк со глад не би ја доловил поентата, нели ... Значи зимам све она мрсно, благо, зејтиносано и брашнасто од по дома: свински ребра, буреци, тулумби, шарски плескавици, кока кола, помфрит, калапот за куглоф (да ми се најде), пуномасно овчо сирење, нутела, пици ... абе секојдневна храна, ништо посебно, и идам пред некоја институција непрекинато да јадам се додека црниот дроб не ми рече:„Другар, ние тука мора да се поздравиме. Жалам, али јебига од сега па натаму си оставен сам на себе ... Поздрав, Џиги ". Причината зошто се уште на вести не сте чуле за мене и мојов изреволтиран потег, не е дека на Сител слабо им оди математика, него следнава:
Имено, прееска ја гледам најверојатно најновата реклама од споменатата кампања, не можам да ја најдам на интернет (не дека многу се потрудив), ама се случува следното. Наизменично се споредуваат две дневни менија, едно на вообичаена храна (онаа што ќе ја зимам на протест), и избалансирана здрава храна за речиси ист број на калории. Тема на споредбата е вкупната сума на потрошени пари за едното и за другото мени. Дадени се по три примери од секое мени. Најпрво според нездравото мени дневно еден одговорен граѓанин ги трошиве следниве суми: 471 ден. за 2164 калории, или 442 ден. за 2176 калории, или пак 483 ден. за 1634 калории. Спротивно на ова истиот тој одговорен граѓанин би можел дневно да ги трошиве следниве суми за здраво избалансирано мени: 454 ден. за 2164 калории, или 386 ден. за 2187 калории, или пак 438 ден. за 1668 калории. Бенг! Ми зуи у уши ко да паднала граната у дневна. Па дали се овие нормални бре?! Зошто?! Еве зошто ...
Вадам лист и молив и пресметувам, три понудени различни менија на здрава избалансирана храна, евидентно поефтина од нездравата варијанта, 454 ден, 386 ден. и 438 ден. Просек на овие три суми е 426 ден. ((454+386+438)/3 = просек, ако чита некој од Сител случајно), горе доле 30 дена во месец значи 426·30 = 12 780 ден. ... месечно за еден човек ... за храна. Очекувам владина кампања да црпи информации од завод за статистика. Од тука четиричлено семејство месечно треба да оделува 4·12780 = 51 120 ден. Ако земеме дека двата родитела земаат просечна плата во Р.Македонија која според Државниот завод за статистика за претходната година е околу 21 300 ден. (нето). Значи 2·21300 = 42 600 ден. месечен буџет.
Ват?!?! Па што јадат овие бе? На нив им фалат 8 520 ден. само да се прехранат здраво според понудениов план, камо ли пак за поскапа нездрава исхрана. И тоа така насмеано како воопшто и да нема други трошоци месечно. ЕВН, Телеком, Макпетрол и Водовод частат нон стоп, у кафана од каса не можеш да ги тргнеш. И сега некој би си помислил може имаат мали деца ... па растаат деца бре, не се чивава! Оди па нахрани студент со 1634 калории. Али ајде просечно семејство се, ќе се снајдат, нели они го држат просекот.
Во комшии исто така „живее" (ќе се навратам на ова) четиричлено семејство. Двата родители земаат минимална плата која според Државниот завод за статистика е 9 590 ден. Фамилијарен месечен буџет 2·9590 = 19 180 ден. Разликата помеѓу потребниот износ за месечно здраво, и нели поефтино, да се прехранат и фамилијарниот буџет е 51 120 – 19 180 = 31 940 ден. Технички некој кој заработува минимална плата не може сам да се прехрани. Што, по ѓаволите!? Луѓево можат да напишат книга за тоа како преживуваат со нездравава исхрана, а животот и фактот дека децата им се најсреќни у Европа (или беше пошироко...) ќе чуеме на телевизија ... не кажувам која ... на сите(л).
И сега тука негде се надевам дека може имаат лоши информации, лоши извори, нели не значи дека ако е владина кампања истата мора да има точни информации, што е пак длабоко загрижувачки на сосема друго ниво. Или можеби и покрај тоа што сум машински инженер слабо ми оди математика, па ми избегала некоја нула, се дешава. Или пак можеби економијава е за мене несфатлива област, не знам. Искрено се надевам дека е такво нешто во прашање, некоја банална грешка меѓу редови, затоа што сите го преживеавме јануари некако со истите пари, од негде храна доаѓа! Општо познато е дека за празници сите се дебелеат, класика! Но ако се ова што го напишав е во ред тогаш се што ми преостанува е да испишам парола „Дали сте вие нормални бре?!", отварам фрижидерот и сета нездрава храна ја пакувам и идам пред Влада на штрајк со прејадување до смрт.
Немам јас ништо против здрава исхрана, ниту пак против било каква исхрана кога сме на таа тема, но страшно ме револтира кога некој ми продава американски приказни за нездрава исхрана и прекумерна тежина кога луѓево едвај успеваат месецот да го преживеат и да стават каква било храна у фрижидер и негде низ кујна. Ете тоа е главно приказната за моето доживување на кампањава за здрава исхрана.
П.С. Продавам калап за куглоф. Некни го најдов, ваљда од '83 некористен. Многу убав.
Поздрав,
Стефан