Сиротиот Јохан Кеплер, еден од најголемите астрономи на сите времиња, човекот кој ги составил законите на планетарните движења, гениј и математичар, во 1611 решил дека му треба жена. Претходната г-ѓа Кеплер умрела од унгарска треска, па со дробни деца и многу садови за миење, тој немал друго чаре освен повторно да се жени.
Но тој не би бил Кеплер доколку не составел систем и за ова - решил да интервјуира 11 жени, притоа водејќи детални белешки, особено за мааните на кандидатките. На првата на пример „ѝ смрдел здивот". Втората била растена во луксуз и сакала скапи работи. Третата веќе била верена, а четвртата била фина за око, висока и атлетски градена. Но Кеплер сакал да ја провери и петтата, затоа што му било кажано дека таа е скромна, трудољубива и дека ќе ги сака неговите деца. Толку се мислел што бр. 4 и бр. 5 се откажале, оставајќи го со број 6, која делувала страшно, затоа што била огромна. Седмата била ок, но и неа ја оставил долго да чека, па и таа го откачила. Осмата не му се бендисала премногу, но затоа пак за мајка и мислел дека е „добра личност". Деветата била болникава, десетата дури и за човек со ниски критериуми немала добра телесна форма, а последната, бр. 11, била премлада. Тотално исцрпен сфатил дека од многу бирање ја утнал работа.
Она што му требало на Кеплер било всушност оптимална стратегија, која не би гарантирала успех, но би ги максимизирала изгледите за задоволувачки резултат. И изгледа математиката има таква формула. Таа може да се користи и за избор на жена, но и за маж, партнер на матурска, вработен, автомеханичар. Во шеесетите таа е наречена „Кеплеровиот проблем", а потоа името е променето во „Проблемот на секретарката".
Правилата се едноставни:
Почнувате со ситуација во која имате фиксиран број опции, правите список - кој потоа не го менувате - и го интервјуирате секој кандидат, еден по еден. На крај од секое интервју мора да одлучите дали е тоа вистинскиот кандидат односно кандидатка. Во моментот кога некому ќе му ја понудите работата, играта завршува. Ако до последниот кандидат не сте ја понудиле позицијата никому, тој или таа автоматски станува вработениот (односно жената, мажот, секретарката).
Кој е најдобриот начин да се донесе ваква одлука? Според математичарите, најдобар тоа е да се интервјуираат првите 36,8 проценти од кандидатите. Во моментот кога ќе наидете на кандидат кој е подобар од таа прва група - бирајте го него!
Зошто 36,8 проценти? Тоа има врска со број или константа која математичарите ја нарекуваат „е", а чија инверзна вредност 1/е=0,368 или 36,8 проценти (кој сака повеќе за тоа тука ). Очигледно оваа формула се има покажано како корисна во различни ситуации, и иако не гарантира стопроцентно задоволство, дава математички најдобри шанси да бидете задоволни.
Што ќе се случело да ја искористил Кеплер оваа формула? Неговата грешка била што тој не ја понудил позицијата на никого од првите 36,8 проценти, што во неговиот случај значело да ја зграпчи првата која му изгледала подобра од првите четири, и да не ја пушта. Самоутешувајќи се со тоа дека секое понатамошно чекање можело само да му ги намали шансите за подобар избор. Така, кога роднините и пријателите ќе ви советуваат „да не бидете маанџии" послушајте ги. Направете список со ограничен број кандидати и пресметајте колку е 36,8 посто од нив. Ви посакуваме среќа, со надеж дека тоа не се толку многу луѓе што за да ги тестирате ќе ви треба цел живот.
п.с. Глуп Кеплер, 11-тата му била премлада.