Пред некој ден се шетам со другар ми Сенад по Гетерборг.
Од импресивните скалила над Götaplatsen, фонтаната врамена со зданијата на Уметничкиот музеј, Градскиот театар и гетерборшката Филхармонија, се спуштаме низ широката Kungsportsavenyen, градска артерија со скапи дуќани и згодни мали ресторани, па се шмугнуваме во споредна улица, за да си го најдеме автомобилот на паркинг.
А до паркингот, во самото срце на градот, се растворил големиот Exercisheden - добри пет-шест хектари дел прекриени со вистинска, дел со вештачка трева: тука, во девет навечер, на две помали и на дури четири големи фудбалски игралишта, поделени во десетина помали, стотина големи и мали Швеѓани и Швеѓанки трчаат по топка.
Обични рекреативци и оние малку посериозни - нив ги препознавате по вистинските судии со свирче - заедно со момчиња и девојчиња во дресови на Ибраимовиќ, со речиси медитеранска врева весело го разбиваат протестантскиот мир во најстрогиот центар на градот.
За некој кој доаѓа од уредената капиталистичка Хрватска сцената е сосема надреална. Пет-шест хектари веројатно највредна и најскапа земја во Шведска таа смешна држава ги одвоила за децата, рекреативците и нивното сосема неразбирливо и уште пососем непрофитабилно хоби, наместо за некаков згоден, милијарди шведски пари вреден џиновски деловно-станбено-паркиралишен комплекс со пентхауси за неолиберални коњокрадци, станови за нивните менаџери и дуќани за стока.
А Сенад се смее: не сум, секако, првиот на кого таква замисла му паднала на ум. Пред некоја година еден бизнисмен не само што дошол на истата идеја, туку и го купил тоа земјиште, ги платил архитектите и ги добил сите потребни дозволи. Багерите, меѓутоа, никогаш не го заорале Exercisheden.
Во Шведска, имено - тој дел не го разбрав баш најдобро - пости изгледа некаков „offentlig", нешто што кај нас би се превело како „јавност", необичен граѓански институт кој е над законот, договорот и слободниот пазар, и кој им овозможува на граѓаните да попиздат кога некој им го одзема заедничкиот простор и го продава на најдобриот понудувач.
Во заостанатата, социјалистичка Шведска, тоа, имено, се вика „јавно добро". Кај нас, во уредената капиталистичка Хрватска, таа појава се вика „анти-бизнис клима".
Шведските туристи кои заедно со мене некој ден подоцна од гетеборшкиот аеродром одлетеа на југ, во потопли краишта, можеа да видат како тоа изгледа во пријатната медитеранска, бизнис клима на уредениот капитализам. Шетајќи низ Сплит по првото пролетно капење, можеа така на Бавчици, во самото срце на Сплит, да ги видат граѓаните и децата со транспаренти и неразбирливи натписи, како протестираат пред необичен жичен кафез со илјада квадрати вештачка трева, во кој дебелки рекретивци трчаат по топка. И за миг сцената би им се видела необично позната. Но, јасно, само за миг.
Би дознале потоа шведските туристи дека граѓаните тука не протестираат заради тоа што некој сака да им го одземе заедничкиот, јавен простор, туку заради тоа што некој тоа одамна им го одзел.
Би дознале така дека во центарот на Сплит, рекреативците термин за своето хоби му плаќаат на приватник, кој со вештачка трева покрил и со жица оградил - школско игралиште!
Би дознале, имено, дека теренот во време на антибизнис социјализмот им припаѓал на учениците на основното училиште Владо Багат, денешно Појишан, и на сите жители на маалото, сè додека пред десетина години директорот на училиштето под сомнителни околности не му ја дал концесијата за игралиштето на приватен бизнисмен.
„Сомнителните околности" притоа во целата приказна за шведскиот намерник би биле најмалку важни - секако, помалку важни од неверојатниот факт дека во уредениот капитализам воопшто постои институт на концесија на школско игралиште.
За некој кој доаѓа од заостаната, социјалистичка Шведска сцената, имено, е сосема надреална: илјада квадрати бетон пред основно училиште смешната хрватска држава одвоила за ситен, шупачки бизнис во кој рекреативците му плаќаат на приватник, а приватникот на директорот на школото, додека учениците од школото - на кои, треба на збунетите Швеѓани уште еднаш да им се повтори - тоа игралиште им припаѓа - трчаат по топка по маалски паркиралишта или барем таму кадешто има уште слободен бетон!
Ќе дознаат на крај шведските туристи дека случајот од Појишан не е исклучок, туку дека тоа во Сплит и во уредената капиталистичка Хрватска е пракса, дека сите школски игралишта и сали се под концесии, и дека нешто како нивниот Exercisheden во хрватскиот капитализам не постои. Ќе видат, вистина, подоцна при прошетката низ градот нешто многу слично, неколку хектари трева близу старото градско јадро, во самото срце на Сплит, Стари плац, бившиот стадион на локалниот фудбалски клуб, можеби сте чуле некогаш одамна за Хајдук.
Но домородците меѓутоа наскоро би им објасниле што би се случило кога некому му паднало на памет тие неколку хектари градско земјиште - веројатно највредното и најскапото во Хрватска - наместо за некаков џиновски деловно-станбено-паркиралиштен комплекс со пентхауси за неолиберални коњокрадци, станови за нивните менаџери и дуќани за стока, да го уреди како „заеднички простор" и да го огради за децата и за рекреативците, за во девет навечер да трчаат по топка: веќе и оној кому такво нешто би му паднало на памет, а камоли оној кој такво нешто би потпишал, би завршил на психијатриско набљудување.
Во уредената капиталистичка Хрватска тоа, имено, се вика „антибизнис клима". Во заостанатата, социјалистичка Шведска, тоа - сфативте - се вика „јавно добро". Затоа, еве, Швеѓаните играат фудбал во центарот на градот, а Хрватите во Реал и во Барселона.
Швеѓани, будали.
Автор: Борис Дежуловиќ (Слободна Далмација)