Во Грција неодамна излезе „Итака“, новиот мемоар на поранешниот премиер, Алексис Ципрас. Во книгата, која доживеа четири изданија уште пред да влезе во официјална продажба, тој се навраќа на подемот на Сириза – од мала партија во 2009 година до победничка сила во 2015 година. Токму во тој период, заедно со Варуфакис, тој беше вклучен во жестоки преговори со европските кредитори, при што постоеше реален ризик Грција да излезе од еврозоната. Иако самиот тврди дека никогаш навистина не размислувал за „Грекзит“, признава дека опасноста постоела и дека некои европски политичари, особено германскиот министер Волфганг Шојбле, го сметале тоа за реална опција.
По референдумот во јули 2015 година, кога Грците ги одбија условите за финансиска помош, Ципрас на крајот реши да го прифати новиот пакет мерки и така ја задржа земјата во еврозоната. Истата есен повторно беше избран.
Односите со Варуфакис дефинитивно се влошиле кога тој му го презентирал својот „План Б“, што подразбирало воведување паралелна валута во форма на ваучери. Ципрас опишува дека бил шокиран од идејата. Според него, Варуфакис со своето однесување станал товар за владата и за европските партнери, па затоа бил отстранет од функцијата. Тој признава дека не го проценил добро како личност и вели дека Варуфакис бил „повеќе славна фигура отколку економист“.
Варуфакис, пак, запрашан за коментар за книгата вели дека не ја прочитал книгата и цинично додава дека „ќе чека филмска верзија“. Тој тврди дека Ципрас се обидува да се оправда за својата „капитулација“ пред кредиторите и дека книгата ја претставува неговата вина како наивност.
Во мемоарите Ципрас опишува и обид да добие финансиска поддршка од Москва. На средба со Владимир Путин во 2015 година побарал Русија да купи грчки државни обврзници, но Путин одбил и му препорачал да постигне договор со Европа.
Во октомври 2025 година, Ципрас поднесе оставка од пратеничкото место и ја напушти Сириза, а грчката јавност шпекулира дека сега можеби подготвува нов политички проект, па оттаму и штелувањето на датумот на излегувањето на книгата.
Што се однесува до спомнувањето на Македонија, чешлајќи ги грчките медиуми успеавме само да сфатиме дека тоа секако е значаен мотив, при што Преспанскиот договор е опишан како „херојски и одлучен чин“. Опишувајќи колку било ризично занимавањето со „македонското прашање“, тој се потсетува како пратеник од Сириза го прашал - „Дали владата ќе падне за едно проклето име?“. Наводно ова било дел од неговата стратегија на вадење на Грција од економската криза, но и нејзино претворање во „столб на мирот и соработката во регионот“.