Иако знам колку нервира кога некој од страна, особено високи странски политичари, слепо и неморално ги обвинуваат двете страни подеднакво, и нашава левица и нашата десница мене деновиве подеднакво ми се гадат. Левичарите се расфрлаат со зборот "фашисти" со иста леснотија со која десницата се расфрла со зборот "предавници".
Ваквите претерувања ја потценуваат демократијата. Завојуваните страни во оваа дебата би можеле лесно да ги сменат улогите: има нешто "фашистичко" и во хипер-критичните либерали кога ги замолчуваат нивните критичари со етикетата "фашисти"; a и хипер- патриотските конзервативци ја "издаваат" демократијата постојано прогласувајќи "предавници".
Дебатите не можат постојано да изгледаат како деликатен валцер ама па и не мора секогаш да се претвораат во кафеански тепачки. Не мора да се заколат едни со други за да се сетиме дека имаме заедничка судбина или можеби делиме некои исти вредности. Не треба којзнае што за да видиме дека нашата озлобеност не само што ги храбри нашите непријатели туку ја деморализира нашата земја. И не треба да стане норма да се поминат 364 дена во постојано меѓусебно пеливанење, со еден ден пауза за некој верски празник.
Дури и во поживи демократии, насилничкото замолчување наидува на осуда а волку голема поларизација е деструктивна. Кратковидоста на двата екстрема е пресмешна: целејќи кон ЕУ, десницата сака да ги раскринка странските влади кои ги финансираат невладините организации, левицата сака да ги раскринка домашните приватни донатори. Вистинската транспарентност би подразбирала целосно обелоденување на сите донации, без разлика на изворот, без разлика на политичката инклинација. И уште нешто многу поважно, во најлошите свои варијанти, левицата ја минимизира вредноста на лојалноста а ја цени транспарентноста само кога се однесува на други, а десницата е слепа за било чии други маки и се бори против нетолеранцијата само кога својата страна трпи.
Зборовите како фашисти и предавници, или обвинувањата дека некои се однесуваат како комуњари или нацисти, повремено наоѓаат свое место во политичките муабети - но само кога некои постапки навистина ги заслужуваат овие тешки обвинувања. Инаку, потегнувањето на овие аналогии така лесно, трапаво и лефтерно, непотребно ја разгоруваат политичката дебата истовремено затскривајќи го вистинското зло кај овие режими. Тие кои своите критичари ги нарекуваат фашисти, нема да ги препознаат оние вистинските.
Во меѓувреме, ваквата хистерија која води кон одвишно демонизирање нè оттргнува од вистинските теми и проблеми, го поделува граѓанството и не оддалечува од било каков креативен компромис. Ни треба она што во верските списи се вика богоугодност (тиферет) - чесност, чест, почит, хармонија, баланс, интеграција и барање на вистинскиот пат. Ни треба тоа и како на држава и како на граѓани.
крај.
***********************
* Автор на овој текст е Гил Трој, објавен е во Хафингтон пост. И нема никаква врска со Македонија, туку со политичката ситуација во Израел.
Амејзинг, нели.
п.с. оваа верзија е делумно скратена и лесно едитирана, чисто заради (драмска и политичка) поента. Освен насловот кој е многу наш а е во согласност со нашата испизденост од глупоќата и сиромаштијата на овдешната "дебатна сцена".