Швеѓаните ќе прегласуваат поради изборна измама?

Истрага за измама може да го промени победникот на парламентарните избори во Шведска. Натурализиран сомалиски имигрант кој освоил пратеничко место како кандидат на левицата е осомничен дека им плаќал на гласачи и им делел ливчиња на кои веќе е заокружено неговото име. Ако биде потврдена измамата, Швеѓаните првпат во историјата ќе мораат да прегласуваат.

Иако Изборната комисија на Шведска на 19 септември ги прогласи за официјални бројките од парламентарните избори одржани пред две недели, резултатите не се дефинитивни. Националната единица за борба против корупција завчера отвори прелиминарна истрага за сомнежи за нерегуларности во градот Борленге во изборниот округ Даларна. 

Се истражуваат сомнежи дека гласачи од ранливи средини биле организирано носени на гласачките места и им биле делени гласачки ливчиња кои веќе биле однапред означени за кандидатот на Левичарската партија (Vänsterpartiet), Мохамед Абдукардир Али.
Кандидатот со сомалиско потекло добил шведско државјанство во февруари годинава, откако претходно барањето му било одбиено поради долгови. Бил деветти на листата и освоил 648 лични гласови, доволно за да освои пратеничко место.

Националното антикопрупциско биро ги истражува тврдењата дека Али уште на 1 септември, во периодот на предвремено гласање, им делел пополнети ливчиња на гласачи со сомалиско потекло. Локални медиуми, кои се повикуваат на извори запознаени со истрагата, пишуваат дека Али бил забележан и снимен како превезува гласачи до гласачките места и подигнува пари од банкомат. Делото за кое постои сомнеж е „недозволено влијание врз гласањето“.

Прелиминарната истрага била затворена пред денот на изборите поради недостиг на докази, но повторно е отворена откако до обвинителите стигнале нови информации. Никој не е официјално известен дека е осомничен.

Кандидатот ги демантира обвинувањата, но се повлече од политичките активности додека трае истрагата, што значи дека нема да го преземе своето пратеничко место на почетокот на мандатот.

Ако се утврди дека имало системски фалсификат кој влијаел врз крајниот резултат, независниот Одбор за преглед на изборите има законско право да нареди повторно пребројување на гласовите или целосно повторување на изборите во рамките на округот Даларна.

Евентуалното прегласување може да го промени мнозинството во Парламентот. Според официјалните резултати, левата опозиција предводена од Социјалдемократите освои тесно мнозинство од 176 пратенички места, наспроти 173 за десничарскиот блок.

Округот Даларна носи вкупно 11 пратенички места. Ако на повтореното гласање десницата успее да преземе две места од левицата, националното мнозинство би се сменило во корист на десничарскиот блок (175 наспроти 174), што би му овозможило на досегашниот премиер Улф Кристерсон да остане на власт.

Одлука за регионално прегласување, според шведскиот закон, мора да се спроведе во рок од три месеци од првичните избори - односно најдоцна до средината на декември. Ова би бил првпат во историјата на Шведска да се прегласува на парламентарни избори.

На повтореното гласање ќе се почне од нула. Малку е веројатно дека ќе се промени односот на силите меѓу двата блока на национално ниво, бидејќи се очекува луѓето да гласаат за друга партија од истиот блок, а не да преминат на спротивниот. Но, постои можност за поинаков исход, објаснува Никлас Болин, професор по политички науки на Универзитетот Мид Шведен.

24 септември 2026 - 09:04