Патна карта на Римската Империја:

Сите патишта воделе до - Цариград

Многу од денешните сообраќајни артерии низ Европа се изградени врз патиштата изградени од Римјаните. Анализа на досега најтемелното дигитално мапирање на патната карта од пред 2.000 години покажува дека Рим всушност бил далеку од главниот коридор во античката сообраќајна мрежа. Многу поважни јазли биле Византион, Антиохија, Коринт и Анкира.

Археолози од Универзитетот во Архус дигитално мапирале и анализирале речиси 300.000 километри римски патишта низ територијата на поранешната Империја. Обемот на трудот им овозможил на истражувачите да ги проверат, наместо само да ги повторуваат, некои од најстарите претпоставки и митови за тоа како Рим ја создал и поврзал својата империја.

Првиот мит што паднал е и најпознатиот. Изразот „Сите патишта водат до Рим“ е погрешен опис на копнената сообраќајна мрежа на Империјата.

Римскиот патен систем опфаќал вкупно 10.516 крајни точки и раскрсници поврзани со 14.901 патна делница. Археолозите пресметале кои делници биле најефикасните, земајќи ги предвид проценетото време на патување и конфигурацијата на теренот. Рим бил од огромно политичко значење, но географски е далеку од најпрометните копнени патишта што ја поврзувале Европа со Балканот, Анадолија и источниот Медитеран. 

Апенинскиот Полуостров претставува еден вид додаток на патната мрежа, а Рим е во неговата средина, објаснува Том Бругманс, еден од авторите на студијата.

Главната раскрсница бил Византион (подоцна Константинопол, а денес Истанбул), поради стратегиската положба на Босфорот, бидејќи ги поврзувал европскиот и азискиот дел. Како важни сообраќајни јазли биле издвоени и Антиохија, Коринт и Анкира (денешна Анкара).

Најважниот копнен коридор ја следел северноафриканската и левантинската крајбрежна линија, минувал покрај Антиохија и Анкира, преминувал во Европа кај Византион и продолжувал до долината на реката По, сè до Франција, вели Бругманс.

Ситуацијата со поморските патишта била сосема поинаква. Во тој поглед, Рим немал конкуренција. Во поголемиот дел од антиката, транспортот на тежок товар по воден пат бил поевтин и полесен отколку по копно. Рим во голема мера зависел од поморскиот сообраќај во Средоземјето, дури од Александрија, за да се достават огромните количества жито за околу 1 милион жители на главниот град.

Само делумно е точна и другата изрека дека Римјаните граделе патишта прави како копје. Инженерите навистина претпочитале прави патишта, но по секоја цена. Патиштата биле поправи во низините на северозападна Европа, Северна Африка, долината на реката По и централна Анадолија. Во планинските предели биле кривулести, што е сосема логично. На Алпите ги користеле долините и планински превои, но исто така засекувале карпи, граделе тераси и потпорни ѕидови, а во исклучителни случаи, копале и тунели.

Анализата покажала дека мрежата била изненадувачки погодна за сообраќај. Околу 271.000 километри од мапираната мрежа – повеќе од 90% – имале наклон помал од 16%, што се смета за крајна граница што може да ја совладаат запрежните коли.

Дел од римската мрежа е зачуван на денешните патишта. Сепак, Европа не се ограничила само на тоа едноставно да ги асфалтира. На некои места било практично да се градат патишта врз античките римски траси бидејќи географските услови останале непроменети. Планински превој што бил добар во римско време е добар и денес.

Со ширењето на градовите и индустријата, модерните патни мрежи станале многу погусти во северна Италија, Британија и околу реките Рајна и Меза. Париз, Брисел и Мадрид исто така станале многу поважни транспортни јазли отколку во римско време. Во меѓувреме, се намалила некогашната важност на патиштата во регионите што биле главни центри на римскиот свет – вклучувајќи делови од Грција, Анадолија и Северна Африка.

24 септември 2026 - 13:41