Во изборната единица околу паркот Герлицер во центарот на Берлин партијата Левица освои импресивни 63,1% отсто од гласовите за партиски листи. Два часа возење на југозапад, во изборната единица 35 во Хале-Нојштат, десничарската партија Алтернатива за Германија освои 41,7%.
Контрастот помеѓу овие блиски и навидум слични урбани средини пред се е последица на миграцијата. Анализа на истражувачката група „Вален“ покажува дека 51% од анкетираните муслимани во Берлин гласале за Левица. Партијата освои 25,7% од гласовите, што говори за нејзиниот непропорционално висок рејтинг во муслиманската заедница во споредба со другите општествени групи. Од друга страна, за Христијанско-демократската унија гласале 30% од анкетираните католици и 27% од протестантите, додека на ниво на градот ЦДУ освои 18,8% од гласовите.
Според проценките, во Берлин живеат околу 400.000 муслимани. Кон крајот на јуни 2025 година, 41,7% од регистрираните жители веќе имале мигрантско потекло - било да се странци или германски државјани. За споредба, во Саксонија-Анхалт живееле 11% луѓе со мигрантски корени и меѓу 9% и 11% во Мекленбург-Западна Померанија. На национално ниво има околу 30%.
Новите заедници го менуваат тонот, па и јазикот на кој партиите придобиваат гласачи. Во берлинските населби со повеќе мигранти – Нојкелн, Вединг и Мите – партиите Левица и BSW спроти регионалните избори водеа кампањи и на арапски и на турски јазик. Арапската заедница беше особено важна, бидејќи тоа се главно странци што стекнале државјанство во изминатите неколку години и првпат имаат право на глас. Статистички податоци за Берлин покажуваат значителен пораст на натурализирани лица: од 9.041 во 2023 година на 21.811 во 2024 година и 39.041 лани.
Не заборавајте да мислите на Бога и не заборавајте да гласате за сојузот на Сара Вагенкнехт и Михаел Лидерс на 20 септември, порача Лидерс, кој течно зборува арапски.
На изборната ноќ, водечката кандидатка на левицата, Елиф Ералп, им се огласи на гласачите на турски јазик. Во таа насока тргнаа и етаблираните партии. Социјалдемократите го понудија својот изборен манифест на арапски, турски, полски и англиски јазик.
Сепак, би било погрешно да се претпостави дека Левица освоила најмногу гласови само поради мигрантите. Партијата во Берлин не ги мобилизираше само мигрантите, туку првенствено младите луѓе. Најголемата поддршка ја доби од оние што претходно не гласале. Главната тема во кампањата беше „вечниот“ проблем со домувањето, пишува Ленарт Цилке од Ostdeutsche Allgemeine Zeitung.
Успехот на Левицата во Берлин е резултат на спојување на различни групи - млади академски граѓани и студенти, мигрантски заедници и постари гласачи од поранешен Источен Берлин. Таква „коалиција“ не постои во Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија. Во овие рурални средини во првите години по обединувањето на Германија доминирала левичарската партија ПДС и го препуштила приматот на десничарската АфД.
Додека Партијата на левицата победува на изборите во Берлин, таа е меѓу губитниците во Мекленбург-Западна Померанија... Во Саксонија-Анхалт, партијата дури го постигна и својот најлош резултат во историјата со 8,6%, забележува Тагесшау.
******
Види и: Мерц одбива да го прифати крајот