Рачак: Анатомија на една измама на ЦИА

Минаа 25 години од „масакр во Рачак“ (Косово), настан кој преку ноќ ја смени перцепцијата на западната јавност во посакуван правец на Вашингтон и НАТО и ја постави сцената за подоцнежното  бомбардирање на Југославија, без дозвола од ОН. Истражувачкиот новинар Кит Кларенберг прави екстензивна реконструкција на тие настани за да не се заборави и за да не можат до бескрај да ја повторуваат истата скрипта. Го пренесуваме во целост.

Пишува: Кит Кларенберг (Greyzone, Global Delinquents)

На 15-ти јануари се одбележа 25-годишнината од наводниот масакр во Рачак, Косово. Наводните масовни убиства на албански цивили од страна на локалните безбедносни сили беа решавачка каписла за нелегалното 78-дневно бомбардирање на Белград во текот на март - мај 1999 година, и последователната окупација на покраината, која опстојува и денес. Како што своевремено забележа „Вашингтон пост“, овој инцидент „ја трансформираше западната политика за Балканот како што тоа ретко умеат да го направат поединечни настани“.

Централна точка на потенцијалот на Рачак e маркетиншката шашма организирана на 16-ти јануари од ветеранот оперативец на американската длабока држава, Вилијам Вокер, тогаш шеф на мисијата за верификација на Косово (КВМ) на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Тој ги одведе западните новинари и европските претставници на ридот во близина на селото, до местото каде што лежеа мртви косовски Албанци во цивилна облека, кои очигледно невооружени ладнокрвно биле ликвидирани од југословенската полиција.

Веќе на првата прес-конференција Вокер бомбастично изјави:

„Од она што лично го видов, нема да се двоумам да го опишам настанот како масакр, злосторство против човештвото, ниту пак ќе се колебам да ги обвинам за одговорност владините безбедносни сили. [Југословенската] влада мора да ги извади имињата на сите вклучени во полициските и [воените] операции [во Рачак]…кој ги дал наредбите, кој ги извршил тие наредби“.

Вокер предупреди дека ќе има страшни последици доколку за 24 часа Југославија не дозволи меѓународни набљудувачи да ја посетат локацијата и да го „истражат ова злосторство“. Сликите од страшното откритие и личниот впечаток на Вокер веднаш го обиколија светот преку меинстрим медиумите и резултат на тоа беше што дотогаш воздржаните граѓани и влади од Запад побараа да се преземе акција против Белград. Така се поставија темелите за криминалниот воздушен напад на НАТО два и пол месеци подоцна.

Како што ќе видиме, речиси сè што западните политичари, експерти и новинари кажаа за „масакрот“ во Рачак беше дрска лага. Во голема мера заборавена денес, оваа епизода останува многу значајна. Тоа е опиплив, шокантен пример за тоа како искривената, манипулирана, ако не и целосно измислена пропаганда може да се користи како оружје од империјалните сили во служба на војната. Релевантноста на Рачак за секој конфликт поттикнат од НАТО во минатото, сегашноста и иднината не може да биде ниту поочигледна, ниту повеќе актуелна.

„Да се имаат пријатели Срби“

До јануари 1999 година, југословенските власти веќе неколку години се бореа против акциите на ослободителната војска на Косово (ОВК). Екстремистичка група поврзана со Ал Каеда, вооружена, финансирана и обучена од ЦИА и МИ6, во обид да се изгради „Голема Албанија“ - иредентистички проект што ја обединува Тирана со територии во Србија, Македонија, Грција и Црна Гора и Србија.

Клучот беше максимизирање на цивилните жртви, така што војната на Белград со ОВК може да биде претставена пред западната публика како селективен етно-геноцид врз невини цивили. Еден борец за независност на косовските Албанци, неповрзан со ОВК, објасни за Би-Би-Си во март 2000 година:

„Колку повеќе цивили се убиени, толку поголеми се шансите за меѓународна интервенција, а ОВК секако го сфаќа тоа тоа“. Еден странски дипломат еднаш ми рече: „Ако не се помине квотата од пет илјади загинаи, никогаш нема да имаш некој постојано присутен на Косово од странската дипломатија“.

ОВК киднапираше и убиваше српски цивили и пројугословенски Албанци, често земајќи им органи за да ја финансира својата терористичка кампања. Како што тогашниот британски секретар за одбрана Џефри Робертсон призна во парламентот во март 1999 година:

„До Рачак, ОВК беше одговорна за повеќе смртни случаи во Косово отколку југословенските власти“.

Шефот на ОВК Хашим Тачи, подоцна обвинет за воени злосторства, две години подоцна забележа дека „камен падна од нашите срца“ кога Вокер „без двоумење“ го нарече Рачак „масакр на цивили“.

Олеснувањето на Тачи е разбирливо. Покрај оправдување на претстојната „интервенција“ на НАТО во полза на ОВК, Вокер  фундаментално погрешно ги претстави сцените во Рачак за да ги отстрани сите сугестии дека жртви биле бунтовници на ОВК убиени во жестоки борби со југословенските сили, или можеби дури и цивили од косовски Албанци убиени од Тачи и неговите, за пропагандни цели. Како шеф на Косовската верификациона мисија, Вокер беше на позиција да ја знае вистината.

КВМ е основана во ноември 1998 година, за да го следи придржувањето на Југославија до примирјето со ОВК, договорено од ОН. Според условите, Белград требаше да ги повлече своите воени сили од Косово. Истовремено, не беа наметнати никакви обврски на ОВК, која го искористи отсуството на армијата за да продолжи да дивее низ покраината. КВМ немаше надлежност да обезбеди терористичката група да не напаѓа или насилно да реагира на локалните власти.  Нејзината единствена улога беше да следи дали Југославија ќе однесува како што треба.

Рачак беше стратешки витална гледна точка од која ОВК можеше да напаѓа цели на планинскиот венец покрај главниот автопат што ја поврзува Приштина со другите градови и населени места. Беа поставени стрелачки гнезда за пукање од високо кон официјалните возила на властите, со надеж дека полицијата и безбедносните служби ќе се вовлечат во директна битка.

ОВК превентивно ископа огромни ровови околу селото за оваа цел. Во извештај на КВМ се забележува дека биле извршени бројни провокативни дејства околу Рачак, за да се привлече внимание од југословенските власти. Ова вклучуваше пукање од заседа на полициски конвој, кој рани неколку албански цивили во блиското такси, киднапирање „голем број косовски Срби“ и апсења Албанци за „злосторства“ како што се „пријателски односи со Србите“.

Згора на тоа, според извештајот на КВМ, ОВК го искористила дури и погребот на жртвите од Рачак - на кој присуствуваше и Вокер - на 11-ти февруари 1999 година, за да „уапси“ девет присутни Албанци. Нивните „злосторства“ вклучуваат „имање брат кој соработува со полиција; пиење со Срби; има српски пријатели...“. Како тие завршија, не е јасно. Но, во обвинението од 2005 година против тогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај и неговиот заменик, Идриз Балај, ОВК се товари за брутално мачење, осакатување и убивање неподобни Албанци.

„Наместена сцена“

Што се случи во Рачак? Медиумите на англиски јазик не беа заинтересирани за детали, третирајќи ја изјавата на Вокер како евангелие. Обвинението на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија против Слободан Милошевиќ, издадено во мај 1999 година, се однесуваше на „45 невооружени косовски Албанци“ убиени во селото. Два месеца претходно, американскиот претседател Бил Клинтон на прес-конференција ги наведе причините што реши да направи пекол на небото над Белград, без овластување на ОН:

„Треба да се потсетиме што се случи во селото Рачак во јануари. Невини мажи, жени и деца, одведени од нивните домови во дол, принудени да клекнат во калта, изрешетани. Не поради нешто што направиле, туку поради тоа што биле... Не се залажувајте, ако ние и нашите сојузници немаме волја да дејствуваме, ќе има уште масакри... Во справувањето со агресорите на Балканот, двоумењето е давање дозвола за убивање“.

Странските новинари раскажаа многу поинаква приказна. Југословенските власти отворено рекоа дека спроведуваат „контратерористичка“ операција во Рачак на 15-ти јануари, како одговор на тоа што ОВК една недела претходно уби четворица полицајци. Ги поканија меѓународните медиуми да сведочат. Екипата на Асошиетед прес прифати - француските новинари ги прегледаа нивните снимки, ги интервјуираа. Ле Фигаро пет дена подоцна објави дека полицијата влегла во „празно село... пред да се заплетка во жестока битка“:

„Пукањето беше интензивно, беше пукано од рововите на ОВК. Борбите нагло се засилија на ридовите над селото... герилците на ОВК, опколени, очајно се обидуваа да се пробијат. Голем број од нив и успеаја, како што призна самата полиција“.

И Ле Монд слично објави дека Рачак било напуштено од „практично сите“ негови цивилни жители во тоа време. Под контрола на ОВК, во селото димеле само два оџака. Кога југословенските безбедносни сили влегле во селото, тоа било „речиси напуштено“:

„Тие напредуваа низ улиците под оган на борците [на ОВК] кои лежеа во заседа во шумата над селото. Размената на оган продолжи во текот на целата операција...Главните борби се водеа во шумата...

Наоѓајќи се под жесток оган, полицијата конечно се повлекува од Рачак. 24 часа подоцна, ОВК ја информира КВМ дека во Рачак може да се најдат десетици мртви цивили.

Како југословенските власти влечеле „невини мажи, жени и деца“ од нивните домови во главно напуштено село окупирано од непријателот, а потоа ги „терале“ да клечат пред егзекуцијата, додека на нив било немилосрдно пукано од ОВК, не е јасно. Ова сценарио и буквално е нереално, меѓу другото и затоа што меѓу загинатите немаше ниту жени, ниту деца.

Морничавите слики од место она настанот кои КОХА Диторе ги имаше пред да пристигнат Вокер и другите, исклучиво прикажуваат мажи во борбена возраст. Постојат силни основи да се верува дека сцената била и подоцна манипулирана. Една од жртвите на сликата, очигледно застрелана во глава, носеше кече кога КВМ го посети местото. Кече немаше на сликите на Коха.

Слободан Милошевиќ на судењето во Хаг ја испрашуваше за сцената во Рачак личнaта асистентка на Вокер, Карол Древиенкиевич: „Како е можно некој да биде погоден во глава а да му остане кечето? Милошевиќ додаде „форензичарите велат дека од таков истрел [и] рана, очите ќе ви излезат, а камоли капа да не ви биде мрдната од главата“. Запрашана дали помислувала дека „ова би можело да биде наместена сцена за телевизиски цели“, Древиенкевич призна дека „секако тоа беше една од мислите што ми поминаа низ главата додека се качував по ридот“. Милошевиќ ја испитуваше и дали знаела дека Рачак „е опкружен со ровови и бункери“ на ОВК. Таа потврди дека минале низ големи импровизирани воени инсталации и ровови за да стигнат до местото на „масакрот“. Со други зборови, тоа било територија на ОВК.

„Многу комплицирано“

Југословенската полиција пристигна во Рачак за да ги собере телата за форензичко вештачење во Приштина, задача што беше исклучително тешка поради милитантите на ОВК кои цело време пукаа кон нив. Откако телата беа извлечени, Белград покани белоруски и ЕУ специјалисти да спроведат своја обдукција на телата. Брисел испрати тим од Финска, предводен од стоматолог Хелен Ранта, од Универзитетот во Хелсинки. Југословенските и белоруските патолози идентификуваа остатоци од барут на речиси секое испитувано тело, што сугерира дека се борци на ОВК, убиени во борба. Финските истражители не ги ставија на располагање своите наоди, но на 17 март 1999 година, Ранта свика прес-конференција во Приштина за она што се случило во Рачак. Под будниот поглед на Вокер, таа започна со нагласување дека она што ќе го каже е само нејзин „личен став“, а не официјална позиција на ЕУ.

Ранта речиси целосно ги одобри тврдењата на Вокер, цитирајќи информации добиени од КВМ како факти. Сепак, малку оддалечувајќи се од посакуваниот наратив, таа призна дека во Рачак биле пронајдени само 22 тела - сите машки, ниту жени, ниту деца. Сепак, таа тврди дека телата „најверојатно биле застрелани таму каде што биле пронајдени“.

Ранта призна дека истрагата на нејзиниот тим била „многу комплицирана“ бидејќи истражувала тела во мртовечница во Приштина една недела од проценетото време на смртта, притоа немајќи никаков увид во чувањето на телата. Таа призна дека „она што се случило или не се случило со телата било „тешко да се утврди со апсолутна сигурност“. Така, нејзините наоди не можеа дефинитивно да одредат „дали имало битка или дали жртвите умреле под некои други околности“.

Се разбира, западните медиуми не ги спомнаа овие проблематични  детали. После тоа, Ранта откри дека непосредно пред пресот, приватно се сретнала со Вокер, што за неа било „многу непријатно искуство“. Тој агресивно ја притискал недвосмислено да ги обвини југословенските власти за масакрот а сите убиени ги карактеризира како невооружени цивили. Кога одбила, Вокер драматично скршил неколку моливи  и ги фрлил на масата пред неа.

Вокер не беше обичен дипломат, туку клучен американски оперативец на првата линија на смртоносните валкани војни на Роналд Реган во Латинска Америка во 1980-тите. Беше интересен за официјалните истраги за озлогласената Афера Иран/Контра, како амбасадор во Ел Салвадор на крајот на таа крвава деценија, кога лично го скриваше колежот на језуитски свештеници од одредите на смртта спонзорирани од Вашингтон.

За тоа ќе каже:

„Во времиња на големи емоции и голем гнев, се случуваат такви работи“.

Во март 2000 година, Тајмс обелодени како ЦИА навлегла во КВМ за да „[развие] врски со ОВК“ и на своите прокси војници им давала „прирачници за воена обука и теренски совети за борба против југословенската армија и српската полиција“. Европејците во ОБСЕ постојано биле под лупа за нивната лојалност кон Вокер.

„Финално предупредување“

Вокер беше избран да ја води Мисијата од тогашната државна секретарка Медлин Олбрајт и рутински неа ѝ рапортирал.

Кога ја информирале што нашол во Рачак, Олбрајт весело прокоментирала:

„Пролетта дојде рано.“

Долго посакуваното бомбардирање на Белград од Вашингтон конечно би можело да биде стартувано, поради наводната неопходност да се спречат понатамошни масакри на цивили од страна на југословенските власти, ако не и тотален геноцид на сите косовски Албанци.

Требаше да се изведе само уште една егзибиција.

Бидејќи уништувањето на Југославија од страна на НАТО немаше овластување од Советот за безбедност на ОН - што го правеше бомбардирањето целосно нелегално - неопходно беше да се создаде лажен впечаток дека „меѓународната заедница“ се обидела да ја реши кризата во Косово преку дипломатски средства. Така, на 30-ти јануари 1999 година, генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана, испрати  „конечно предупредување“ до Милошевиќ, повикувајќи го него и претставниците на неговата влада во Рамбује, Франција, на „мировна конференција“ со раководството на ОВК, веќе следната недела.

Делегацијата на Југославија на конференцијата беше многу разновидна, со претставници на сите поголеми етнички групи на Косово: Албанци, Бошњаци, Роми, Турци и други. Србите беа малцинство. Американците биле збунети од ова и јавно оваа делегација сепак ја нарекуваа како „Србите“. Олбрајт покажа одбивен став кон претставниците на несрпските националности a нејзините луѓе не покажаа никаков интерес за ниту еден од аргументите или позициите на југословенската делегација.

Официјалните претставници на Стејт департментот подготвија широк опсег на предлози кои подразбираа и целосна НАТО окупација на Југославија и целосна политичка и економска независност на Косово, што значи целосно отцепување. Белград имаше избор да прифати нешто што не може да прифати или да биде бомбардиран. 

Персоналот и возилата на НАТО да уживаат „слободен и неограничен пристап“ насекаде во земјата, вклучувајќи го воздушниот простор и територијалните води. На НАТО да му биде дозволено да командува со „секоја област или објекти“ што ги посакува во Југославија, ако му требаат за поддршка, обука и операции, и да му се дозволи користење на аеродроми, патишта, железници и пристаништа без плаќање такси, патарини или давачки“. Ако на воената алијанса би ѝ затребала измена на некоја локална инфраструктура, Белград треба да ја плати сметката. Во меѓувреме, персоналот на НАТО би бил имун од апсење или кривично гонење доколку изврши какво било кривично дело.

Тоа беше договор што ниту една влада во светот не би можела да го прифати. Токму тоа беше поентата, подоцна признаваа американските официјални лица. Помошникот на Олбрајт, Џејмс Рубин, една година подоцна објасни:

„Јавно моравме да ставaме до знаење дека бараме договор... приватно знаевме дека шансите Србите да се согласат се многу мали“.

Милошевиќ формално ја отфрли понижувачката понуда на НАТО.

Тврдејќи дека се исцрпени сите дипломатски патишта и со обновување на јавниот фокус на „масакрот“ во Рачак, нападот на НАТО врз Југославија беше објавен пет ден подоцна (на 19 март 1999 година) колку да им се даде фора на ОБСЕ да избегаат. Првата недела од бомбардирањето беше фокусирана исклучиво на Белград и областите на Југославија надвор од Косово. Ако воената алијанса навистина имаше намера да спречи планиран геноцид од Милошевиќ на Косово, прилично чудно е што му дадоа грејс-период од 12 дена да изврши таков геноцид.

До ден денес, криминалната деструкција на Југославија од страна на НАТО, на Запад уште се третира како праведна „хуманитарна интервенција“, која спречи нов холокауст. За време на бомбардирањето навистина имаше масовен егзодус на косовските Албанци. Како што призна за „Гардијан“ во јуни 1999 година оперативец на ОВК, „советите на ОВК, а не српските депортации“ биле главен мотивирачки фактор.

Политикологот Бабак Бахадор напиша книга за пропагандната вредност на Рачак, објаснувајќи како „неочекуваните и емотивни фотографии“ објавени во медиумите можат брзо да отворат политички „прозорци на можности“ за западните сили. ЦИА и Пентагон добро го знаат тоа па рутински ги користаат ваквите прикази за таква цел. Со оглед на тоа што Империјата тајно влијае на содржината на холивудските филмови, донекаде е изненадувачки што бомбардирањето на НАТО на Југославија не се пресели и на филмска лента.

Можеби е така затоа што фактите за Рачак се многу јасни, дури и ако се добро криени. Тоа што НАТО уништи независна земја врз основа на лажна пропаганда за ѕверства и измама, во која сите западни новинари, групи за човекови права и политичари беа интимни соучесници, едноставно е неприфатливо.

За да не може тоа уште еднаш дa им помине.

* извор

16 јануари 2025 - 14:55