Соколов е веќе една недела на домашно лекување, откако го оперираше коленото после повредата која ја влечеше од крајот на минатата сезона во дресот на Гостивар.
Тој беше дел од нивниот тим изминатата сезона 2024/2025, каде со своето големо искуство помогна клубот да избори опстанок во првата лига.

39 годишниот Соколов е еден од нашите играчи со најдолга кошаркарска кариера. До сега брои неверојатни 24 сезони.
Перо Блажевски на пример, кој играше до 42 години, има 23. Во НБА оваа сезона Леброн Џејмс стана рекордер исто така со 23.
Кариерата ја почна во 2001/2002 во скопскиот клуб Балкан Стил и тоа на само 15 годишна возраст.

Богатата биографија му брои вкупно 14 клубови, меѓу кои МЗТ Скопје и Работнички, како и две меѓународни искуства во Босна и Украина.
Најголемите успеси ги постигна со Еуроникел со кој стана два пати шампион на Македонија, како и во Купот, а славеше трофеј и во Балканската БИБЛ лига, која ја круниса со МВП признание во сезоната 2010/2011.
Двојна круна има и со МЗТ, сезона 2018/2019, а останатите трофеи му се Куп на Македонија со Работнички и Карпош Соколи и Супер Куп со Струмица.

Славниот кочанчанец го носеше дресот на Македонија на четири Евробаскети (2009, 2011, 2013 и 2015), а неговото име ќе остане запечатено во најголемиот успех на нашиот репрезентативен спорт.
Тоа е историското полуфинале на ЕП 2011 и пласманот на четврто место, кое и после 14 години ни создава морници кога ќе го споменеме.
За најмладите, Македонија на тоа Европско во четвртфинале го урна домаќинот Литванија и направи сензација која беше хит број 1. Во полуфинале загуби од силната Шпанија, против која водеше на полувреме.

За Дарко Соколов, кој играше за репрезентација во периодот 2005-2019, има и еден занимлив податок. На домашен терен нема ниту еден пораз на официјален натпревар.
И покрај возраста и повредата за која му е потребна неколку месечна пауза, Соколов во телефонски разговорор ни изјави дека гори од желба повторно да го фати баскетот в рака.
За помладите генерации, тоа би било инспирација, дека годините се само бројка, која се надминува со желбата и страста за кошарка.
За него, кам бекот следната година би бил круна на едно долго и успешно патување, заокружено во јубилеј од 25 сезони.







