Сјајната партија на Нено Димитријевиќ кој го урна големиот Олимпијакос

Грчката кошаркарска лига е посилна од кога и да е. Дури 4 клуба конкурираат за тронот со оглед на тоа што на Олимпијакос и Панатинаикос од сезонава во борба за титулата им се приклучија и солунските Арис и ПАОК кои имаат богати сопственици. Арис во саботата убедливо го растури европскиот шампион Олимпијакос 100:78 и ова беше првпат после цели 7 години Олимпијакос да изгуби во домашното првенство а тоа да не е од Панатинаикос.

Предводени од Ненад Димитријевиќ (28) кој блесна со 19 поени (4/6 за два, 3/7 за три и 2/3 слободни фрлања), шест асистенции, два скока и една одземена топка, и од неговиот ортак на бековска позиција Мет Морган (21 поени), Арис пред своите навивачи во преполна сала го урна големиот Олимпијакос.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Stoiximan (@stoiximan)

Арис од клупата го води легендата на грчката кошарка Василис Спанулис кој во рок од само неколку дена прво го совлада Панатинаикос а сега и Олимпијакос. Ова е воедно и првпат после далечната сезона 1999/2000 Арис да ги победи во иста сезона и Панатинаикос и Олимпијакос.

Интересно кога Нено како младо и малку познато момче замина да игра во шпанска Бадалона во сезоната 2019/2020, таму соработуваше со поискусниот Никос Зизис, легенда на грчката кошарка кој сега е генерален менаџер на Арис и на чие лично барање Димитријевиќ потпиша со солунскиот клуб.

Според сајтот 3stepsbasketball, Нено Димитријевиќ во лигата е заслужен за 27,2 поени во просек од вкупните поени на Арис по натпревар (просек од 86 поени по натпревар). Оваа бројка ги опфаќа поените кои сам ги постигнува но и поени кои се како резултат на негови асистенции, пишува грчки Спортал.

Сето ова македонскиот репрезентативец го постигнува со мошне висока ефикасност на шут (64,5% TS, 63%eFG) користејќи притоа разни методи. Ненад им создава сериозни проблеми на ривалите со својата игра од полудистанца, а исто така е голем предизвик за противничките одбрани и кога шутира од линијата за три поени од 6,75 метри.

Нено не е само поентер во традиционална смисла на зборот, напротив, поседува исклучителна способност во дел од секундата да донесе одлука - дали има поголеми шанси да поентира сам или така што ќе му асистира на соиграчот. Во Еврокуп изнудува по пет фаули по натпревар а таму досега погоди 34/36 слободни фрлања.

Standings provided by Sofascore
16 ноември 2026 - 09:16