Вашиот WiFi може да ве види

На стандардните домашни WiFi-рутери не им се потребни камери ниту сензори од поврзани смарт уреди за да детектира кога некој се движи низ домот. Ги следи сигналите што се одбиваат од телата. Со едноставна анализа на овие сигнали, може да се идентификуваат луѓето и да се мапираат нивната околина и навиките, без оглед дали некој уред е поврзан на мрежата.

Со набљудување на ширењето на радио-брановите може да се создаде прецизна слика од околината на рутерот и од присутните лица, вели професорот Торстен Штруфе од Институтот за информациска безбедност на Универзитетот во Карлсруе.

Оваа можност рутерите ја имаат од септември 2025 година, кога Институтот на инженери по електротехника и електроника (IEEE) го ратификуваше стандардот 802.11bf за WiFi-сензорика. Тоа не е ниту импровизирано решение ниту е опција, туку е стандард за општа употреба.

Доволно е во околината да има какви било уреди поврзани на WiFi. Ова функционира слично како обична камера, со разлика што за препознавањето се користат радио-бранови наместо светлосни бранови, додава Штруфе.

Неговиот колега Јулијан Тод предупредува дека ова претставува потенцијално сериозен ризик по приватноста, бидејќи WiFi-мрежите се веќе широко распространети во домовите, канцелариите, рестораните и јавните простори.

Оваа технологија го претвора секој рутер во потенцијално средство за надзор. Ако редовно минувате покрај кафуле што користи WiFi-мрежа, може да бидете идентификувани без да го забележите тоа, а потоа и препознаени – на пример, од јавни агенции или компании, вели Тод.

Во моментов постојат поедноставни начини на кои разузнавачките служби или сајбер-криминалците можат да ги следат луѓето - на пример преку системите за видео-надзор (CCTV) или вмрежените видео-ѕвончиња. Сепак, сеприсутните безжични мрежи би можеле да прераснат во речиси сеопфатна инфраструктура за надзор бидејќи се невидливи и не будат сомнеж

Претходните пристапи за детектирање луѓе преку безжични сигнали се потпираа на специјална опрема или на посложени мерења. Некои техники користат LIDAR-сензори, кои го мерат растојанието преку емитување светлина и анализа на одбиениот сигнал.

Други пристапи засновани на WiFi користат „информации за состојбата на каналот“ (CSI) - мерења што покажуваат како безжичниот радио-сигнал се менува додека се движи низ просторот и се одбива од ѕидовите, мебелот, луѓето и другите предмети. 

Новата техника не бара никаков специјализиран хардвер. Доволен е стандарден WiFi рутер. Поврзаните уреди постојано испраќаат информации назад до рутерот за да помогнат во оптимизирањето на безжичната комуникација. Овие сигнали, познати како „beamforming“ (BFI), се пренесуваат без енкрипција, што значи дека секој што се наоѓа во домет може потенцијално да ги прочита.

Со анализа на тие информации, системот може да генерира слики од луѓе од повеќе агли. Сликите потоа може да се искористат за утврдување на идентитетот на лицето. Откако моделот за машинско учење ќе се обучи да препознава поединци, процесот на идентификација трае само неколку секунди.

На тестирање на техниката на 197 лица, истражувачите од Карлсруе постигнале точност на идентификација од речиси 100%.

Технологијата е моќна, но истовремено носи ризици за нашите основни права, особено за приватноста, нагласува Штруфе.

Бидејќи безжичните мрежи се веќе распространети, истражувачите сметаат дека заштитата на приватноста треба да биде вградена во мерките и механизмите од идниот стандард на IEEE.

4 септември 2026 - 13:56