Долго пред основањето на Обединетите нации, Х. Џ. Велс замислуваше светска држава, тврдејќи дека технолошката меѓузависност и деструктивноста на модерната војна ќе го направат неодржлив стариот систем на суверени држави-ривали.
Појавата на нуклеарното оружје придонесе таквите предвидувања да изгледаат итно. Алберт Ајнштајн стана еден од најистакнатите повоени застапници за светска влада, предупредувајќи дека „не постои [друга] можност за контрола на атомската бомба“. Мнолгу подоцна, Џон Кенеди во 1961 година го опиша ОН како „нашата последна најдобра надеж“.
Овие надежи навлегоа и во популарната култура од средината на векот. Во романите на Филип К. Дик, моќни ОН со сопствена војска, ја надгледуваат меѓупланетарната колонизација. Ѕвездени патеки го прифатија концептот на планетарна федерација.
Без разлика дали станува збор за утопија или кошмар, светската влада изгледаше неизбежна, а Обединетите нации изгледаа како нејзин почеток. Денес, ОН изгледаат многу поинаку. Годишното Генерално собрание сè уште привлекува светски лидери, но „светската влада“ изгледа како далечен сон.
Но, тоа не е толку лоша работа. Кога Обединетите нации се обидуваат длабоко да навлезат во начинот на кој се управува со поединечните суверени држави – што е и суштината на вистинската „светска влада“, како што ја замислувале ексцентричните визионери од средината на векот – отпорот кон нивниот авторитет расте, а исходите во реалниот свет често се катастрофални.

Некои од најпознатите моменти во историјата на организацијата се епизоди на политички театар. Хрушчов удираше по масата во Генералното собрание, советскиот и американскиот амбасадор се соочија за време на Кубанската криза... Самиот спектакл е дел од дипломатијата. Генералното собрание и Советот за безбедност им нудат на државите форум каде што можат да изнесуваат ставови, да презентираат докази, да ги осудуваат противниците, да формираат коалиции и да комуницираат пред глобалната јавност.
Соочувањето на амбасадорите Стивенсон и Зорин не ја реши Кубанската криза, но му овозможи на Вашингтон простор јавно да ги изнесе своите аргументи против Кремљ, додека вистинското прашање остана на преговори меѓу суверени влади. Она што изгледа како слабост на Обединетите нации – нивната зависност од аргументи наместо од примена на принуда – е всушност една од работите за кои биле создадени да ги овозможат.
ОН најдобро функционираат кога делуваат како форум за државите, а не како повисок авторитет над нив. Некои од нивните најзначајни достигнувања не произлегле од управувањето со државите, туку од помагањето тие да договорат правила што ќе ги регулираат нивните меѓусебни односи.

Оваа поскромна улога е помалку драматична од светската влада што ја замислувале Велс или Ајнштајн. Една институција не мора да го управува светот за да служи на одредена цел. Обединетите нации им обезбедуваат на државите место за преговарање, воспоставување заеднички правила, следење на договорите, објавување на прекршувањата и апели до светската јавност.
Обединетите нации можеби не се почетокот на светската држава што ја замислувале Велс, Ајнштајн и Дик. Нејзиното потрајно достигнување може да биде токму спротивното: создавање свет од суверени држави некако поспособен да функционира.