Индустријалец, политичар, визионер: кој бил Емерик Блум?

Постојат личности чие значење не може да се смести во една професија или во една област. Таков бил Емерик Блум, инженер, индустријалец, визионер и општествено ангажиран интелектуалец, човек кој верувал дека еден град се гради не само со фабрики, патишта и електрични мрежи, туку и со култура, знаење и јавен живот. Денес најчесто се памети како човекот кој од мал инженерски колектив создал огромен стопански систем, но неговата приказна започнува многу порано, во кругот на млади сараевски уметници и интелектуалци кои во пресрет на Втората светска војна го основале Колегиум Артистикум.

Разгледувајќи ја програмата на овогодинешниот Македокс, помеѓу купот интересни наслови забележавме и еден посветен на многу интересен лик за којшто до сега немавме слушнато - Емерик Блум. Филмот повеќе се концентрира на неговата улога на индустријалец во повоена Југославија, како човек кој од фирма со 70 работници го формирал претпријатието Електроинвест со 50.000 вработени. Но има и други битни детали, меѓу кои и неговото содружништво со ликови како диригентот Оскар Данон и писателот Меша Селимовиќ.

Но, одиме од почеток.

Роден во Сараево во 1911 година, во работничко еврејско семејство, Блум студирал електротехника во Прага, каде што се запознал со европските интелектуални и уметнички текови. Кога се вратил во Сараево, бил дел од генерација млади луѓе со големи планови и со желба да создадат поинакво општество. Европа во тоа време веќе се соочувала со растот на фашизмот, а политичката атмосфера во Кралството Југославија станувала сè понетрпелива кон слободната мисла.

Токму во таков контекст, во 1939 година, се појавил Колегиум Артистикум. Бил замислен како културно здружение во кое се среќавале различни уметнички и интелектуални дисциплини. Во неговото основање и организирање учествувал и Емерик, заедно со уметници, музичари, архитекти и писатели како Оскар Данон и Меша Селимовиќ и други.

Колегиум Артистикум бил многу повеќе од обично уметничко здружение. Во Сараево донел современи европски уметнички идеи, но истовремено се обидувал да ги поврзе со локалната културна традиција. На изложбите и приредбите се среќавале ликовната уметност, музиката, театарот, литературата и архитектурата. Уметноста требало да излезе од тесниот круг на елитната публика и да стане дел од јавниот живот на градот.

Колегиумот имал и јасна антифашистичка ориентација. Во времето кога во Европа се ширеле авторитарните и фашистичките движења, неговите членови се залагале за слободна уметност, критичко мислење и култура достапна за пошироката јавност. Организирале изложби, концерти, предавања и други културни настани, и со самото свое постоење претставувале спротивставување на атмосферата на нетрпеливост и политичка репресија. Властите во 1940 година го забраниле здружението, а дел од неговите членови биле затворани.

За Блум, набргу потоа следувале најтешките години од животот. Во текот на Втората светска војна бил уапсен од усташките власти и поминал низ логорскиот систем, вклучувајќи го и Јасеновац. Како инженер бил ангажиран на одржување на електричната централа. Во 1944 година успеал да побегне и се приклучил на Народноослободителната борба.

Она што особено го издвојува Блум е фактот што по војната не останал заробен во сопственото трауматично искуство. Наместо тоа, својата енергија ја насочил кон создавање. Во 1951 година бил поставен за директор на Електропроект, а под негово раководство претпријатието постепено прераснало во Енергoинвест, еден од најзначајните југословенски индустриски системи. Кога Блум заминал од компанијата, во неа работеле десетици илјади луѓе.

Но, големината на Енергоинвест не била само во бројот на вработените. Блум имал визија за домашно инженерско знаење и за земја која нема само да купува туѓа технологија, туку ќе создава сопствена. Испраќал инженери и стручњаци на усовршување во странство и вложувал во создавањето генерации висококвалификувани кадри. Енергоинвест така станал компанија што проектирала и градела сложени индустриски објекти и работела во различни делови на светот.

За неговиот начин на работа се раскажувале бројни анегдоти. Бил познат по тоа што барал дисциплина, одговорност и максимална посветеност, но и по способноста да препознава можности таму каде што другите не ги гледале. Бил страствен ловец и својот интерес за ловот понекогаш го користел и за воспоставување деловни контакти за време на патувањата. Некои од трошоците поврзани со овие патувања предизвикувале критики, но со текот на времето се покажало дека многу од контактите биле значајни за ширењето на деловната мрежа на компанијата.

Во 1981 година Блум станал градоначалник на Сараево. Тоа било време кога градот се подготвувал за Зимските олимписки игри во 1984 година, еден од најзначајните моменти во неговата модерна историја. Блум бил дел од организацијата на Олимпијадата, но поради болеста не успеал целосно да го дочека периодот во кој Сараево го покажал своето лице пред целиот свет. Починал во 1984 година, само неколку месеци по Олимписките игри.

Филмот за Блум во режија на Јасмила Жбаниќ ќе биде прикажан на Македокс, на 23.08. (недела) во 20:30 во Куршули ан.

13 август 2026 - 11:15