Букбокс гледанка: Серијата „Одисеја“ на РАИ од 1968 или го заборавивме Беким Фехмиу

Освен медиумите на албански јазик во регионот, ретко кој се сети во контекст на интересот за новата верзија на „Одисеја“, на една легендарна од 1968, во осум продолженија емитувана на РАИ (достапна со превод онлајн). Во продукција која сигурно била огромна за тоа време и со прилично прецизно следење на хомеровиот еп, главната улога ја добива човек кој навистина личи како да е од древниот медитерански свет. Беким Фехмиу со својата појава, глас и воздржана „кулоќа“ се покажал како идеален избор. 

Малкумина актери од просторот на поранешна Југославија успеале да стигнат до самиот врв на европската и светската кинематографија како Беким Фехмиу. Роден во Сараево, израснат во Призрен и школуван во Белград, тој во текот на својата кариера станал еден од ретките актери од Источна Европа кои успеале да ја пробијат културната и политичката граница што тогаш го делела Истокот од Западот. Иако зад себе оставил голем број филмски и театарски улоги, една од нив засекогаш го одбележала неговото место во историјата на телевизијата: Одисеј во легендарната италијанска серија на РАИ од 1968 година.

Беким Фехмиу е роден во 1936 година во Сараево, во албанско семејство. Детството и младоста ги поминал во Призрен, а подоцна заминал во Белград, каде што во 1956 година се запишал на Академијата за театарска уметност. Четири години подоцна станал постојан член на Југословенскиот драмски театар. Во 1967 година доаѓа улогата која му го отвора патот кон меѓународната кариера. Во филмот „Собирачи пердуви“ на Александар Петровиќ, Фехмиу го игра Бели Бора, а филмот ја освојува Големата награда на фестивалот во Кан. Неговата интерпретација привлекува големо внимание и наеднаш актерот од Белград станува интересен за европските продуценти.

Само една година подоцна следува „Одисеја“.

Серијата била голем телевизиски потфат за своето време - меѓународна копродукција на Италија, Франција, Западна Германија и Југославија, снимена во осум епизоди и во боја. Сцените во студио се снимале во Рим, а голем дел од надворешните сцени биле снимени во Југославија, чии предели можеле убедливо да ја доловат медитеранската и балканската атмосфера на Хомеровиот свет.

Интересно е што продуцентот Дино Де Лаурентис не сакал Одисеј да го игра актер кој веќе бил премногу познат на италијанската публика. Барал лице кое ќе може да изгледа како вистински човек од древниот медитерански свет, а не како современа филмска ѕвезда маскирана во антички костим. Фехмиу со својата појава, глас и воздржана „кулоќа“ се покажал како идеален избор.

Неговиот Одисеј не е само херој. Тој е уморен човек, сопруг и татко кој со години се обидува да се врати дома. Особено впечатлив е неговиот однос со Пенелопа, која ја игра големата грчка актерка Ирена Папас. Анегдотите велат дека помеѓу нив се развил „таен јазик“ на сетот, наводно и заради нејзиното арванитско (албанско-грчко) потекло. 

Зад серијата стои и неверојатна приказна за продукцијата. Секоја од осумте епизоди започнува со гласот на еден од најголемите италијански поети на дваесеттиот век, Џузепе Унгарети, кој чита стихови од Хомеровата Одисеја, на некој начин имитирајќи ги древните раскажувачи. Зад најпознатата епизода, онаа со Киклопот Полифем, стоел Марио Бава, една од најважните фигури на италијанскиот хорор. Во Одисеја добил можност да создаде нешто сосема поинакво од своите хорор филмови, но неговото искуство со фантастичното и морничавото било совршено за пештерата на Полифем. За специјалните ефекти бил ангажиран и Карло Рамбалди, кој подоцна ќе стане светски познат како автор на некои од најпознатите филмски суштества, меѓу кои и И-ти.

За разлика од верзијата на Нолан во која дури и најголемите убавици како Шарлиз Терон се прикажани во поскромно светло, во италијанската критериум за добива женска улога сигурно била убавината и манекенската става. Така, Наусикаја ја игра тогаш 18-годишната Барбара Бах, која неколку години подоцна ќе стане позната како една од Бондовите девојки, а потоа и како сопруга на Ринго Стар. 

По успехот на Одисеја, кариерата на Фехмиу продолжила во Италија и во други европски кинематографии. Работел со големи имиња како Дино де Лаурентис, Џон Хјустон, Ава Гарднер, Дирк Богард, Шарл Азнавур и Клаудија Кардинале. Во еден период бил практично единствениот актер од Источна Европа кој успевал да добива големи улоги во западните продукции без да ја напушти својата културна и јазична припадност. Во 2020 Коха пренесе интервју направено од „Радиокориере“ во 1968 во кое Фехмиу ги сумира своите впечатоци од снимањето. На прашањето какви сирени преферира, тој одговара „Ги сакам сите сирени, освен оние воените“.

И покрај успешната кариера надвор, дома му било тешко да се вклопи. Во Белград се откажал од статусот на постојан член на ЈДП (изјавил дека бил дискриминиран) и станал слободен уметник, а во подоцнежните години неговиот однос кон политичките и општествените случувања станувал сè покритичен.

Во 1987 година ја одиграл последната театарска улога, заминувајќи демонстративно од изведбата на претставата „Мадам Колонтаи“. Последната филмска улога ја имал во филмот „Џингис Кан“ на Кен Анакин во 1992 година. Потоа постепено се повлекол од актерството.

Неговото повлекување не било едноставно заминување од професијата. Распадот на Југославија, војните, уништувањето на градови како Вуковар и Дубровник, опсадата на Сараево, војната во Косово и бомбардирањето на Југославија длабоко го погодиле. Неговиот син Уликс (Одисеј) подоцна пишувал дека татко му ги напуштил зборовите, и дека актерот кој цел живот живеел од нив на крајот ги претворил во тишина како форма на протест.

Во 1985 година ги завршил своите мемоари, но книгата била објавена дури во 2001 година, под наслов „Брилијантно и страшно“. Насловот добро го опишува и неговиот живот: кариера исполнета со извонредни можности, но и со историски околности кои човекот често не може да ги контролира туку е раководен од „боговите“.

Во 2010 Фехмиу бил пронајден мртов во својот стан во Белград. Официјалните извештаи велат дека извршил самоубиство. Имал 74 години. Можеби го сторил тоа затоа што знаел дека никогаш веќе нема да може да се врати дома - каде и да било тоа.

Тука целата серија со превод, но и со брилијантни коментари на некој што го правел (или го дополнувал) титлот, кои објаснуваат детали, даваат историски податоци, но понекогаш и хумористично коментираат („таа и таа се родила од 'прцање' на бог со смртничка“:). Гледањето бара малку трпение за генерации навикнати на брзи холивудски монтажи, па дури и ние на неколку пати убрзавме кога Беким гледаше во нас со тоа тапиот и меланхоличен поглед подолго од три секунди, закопан во место со нискиот но цврст стас и тенките ноџиња, дур се сеќава на своите авантури или го смислува го следниот итар план. Оттаму, гледањето на серијата не е само интересно од аспект на самата тема туку и на целиот културолошки контекст во кој е создавана.

Илина, Букбокс

14 август 2026 - 09:20