Мигот во кој сфатив каков човек е Предраг Луциќ беше сосема случаен.
Мислам дека беше 2008. Тогаш уште живеев во Сплит. Предраг и јас се враќавме од Горановата пролет, манифестација која таа година се одржа во Вараждин. По нас на сплитската автобуска станица дојде возачот од Ферал и со себе донесе свежо испечатен број од тој легендарен весник. Тоа, како што се покажа подоцна, всушност беше еден од последните броеви. Возачот возеше кон Сплит 3 каде живеев. Предраг веднаш се фати да го прегледува весникот. Гледајќи го колку детално го загледува, забележав дека очите некако посебно му сјаат. Беше тоа оној искрен, момчешки сјај, чиста неизвалкана страст и љубов кон објект во кој тоа момче се огледува. Истиот таков поглед го имав и сам додека го листав првиот број на Колапс.
Страста на Предраг Луциќ кон весниците и работата со која се бави е куриозитет на овие простори. Кога кај возрасен го видов тој момчешки поглед, таа искрена љубов, сфатив колку рокенрол беше целата таа приказна за Ферал Трибјун. Ферал, всушност, е еден од најбитните рокенрол проекти на сите времиња на овие простори. Бунт во чист облик, жестоко рокање и ролање, придвижено од страна на неколку клинци од сплитските улици. Едноставно, опасно добра приказна.
КОГА РОБИ К. БЕШЕ ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕ
Да почнеме од почеток. Ред е. Онаму каде беше самиот нуклеус на Ферал. Колку што знам тоа е интересен период за кој луѓето и не знаат многу.
Уф, треба да се вратиме речиси триесет години наназад, меѓу праисториските поими како 'младински печат'. Знаеш, некогаш на странските новинари, кога ги пукаше приказната за медиумите и слободите, моравме на долго и на широко да им објаснуваме што е тоа младински печат. И не сум сигурен дека баш разбраа. Мислам дека тоа денес и на овие постјугословенски деца, на кои тоа наше минато им е туѓо и неразбирливо, треба да им се објаснува на долго и на широко, ако воопшто ги интересира. Тоа беше некое време кога на страна од овие службени медиуми, државните, под директна или индиректна контрола на Партијата, Социјалистичкиот сојуз итн., постоеа и младински весници, кои, грубо кажано, ги покрена режимот. Но тоа денес на луѓето кои размислуваат во чисто капиталистички термини никако не може да им биде јасно, како тоа функционираше.
Елем, имаше куп весници на Сојузот на социјалистичката младина, како Полет во Загреб, Омладинска искра во Сплит, НОН во Белград, во Сарајево Наши дани, во Љубљана исто Младина, која во целата таа низа остави некоја најдлабока трага, и која најмногу ги покрена работите во новинарството, па е чесно и што ден-денес постои...
Чекај, ти прво работеше во Омладинска искра?
Не. Остави ме сега мене..Ти зборувам на долго и на широко затоа што освен тие младински весници во Сплит постоеше и еден факултетски весник кој се викаше ФЕСБ, на Факултетот за машинство, електротехника и бродоградба. Тој весник, кога прв пат го видов и се воодушевив, го уредуваа Виктор Иванчиќ и Велимир Маринковиќ. И тој нивен ФЕСБ всушност е јадрото на Ферал. Виктор и Веле заедно го работеа факултетскиот весник кој беше подобар, подрзок, новинарско-занаетчиски појак од голем број поизвикани младински весници на републичко или сојузно ниво.
За среќа во тоа време, кое сите го сметаат за монолитно сиво и мислат дека не било можно ништо поинакво, а бунтот е секогаш можен ако го посакуваш, за среќа беше можно да постои и таков весник, кој беше контрашки настроен и критичен и кон моќните луѓе на факсот, но и кон она вон факсот и кон состојбата во државата. И беше можно таков весник да ја добие наградата Седум секретари на СКОЈ. Звучи страшно, а? Денес би морал да им објаснувам на децата што значи тоа...
Тоа беше најбитната награда за младинско делување.
Не, туку за творештвото на младите. Тие Седум секретари, да кажеме, ги има добиено Марко Брецељ за неговиот прв албум „Коктел". Ја имаат добиено и Панкрти, колку што се сеќавам, Леб и сол..Значи тоа не беше награда за младинци кои искажуваат приврзаност кон системот, туку баш контра. Беше тоа всушност награда во чие жири беа луѓе кои признаваа некои поинакви облици на свирење, пишување, актерство и сето останато. И тие го препознаа она што Виктор и Веле го работеа тогаш.
А јас на ФЕСБ налетав пред наградата, кога се вратив од војска и се обидував да го покренам списанието Албатрос. Тоа требаше да биде списание, како што се викаше тогаш, за општествени и културни теми. Но тој пилот број, кој беше спремен за прелом, никогаш не излезе. Демек немаше пари, а Логос требаше да биде издавач...
Од тој период на Албатрос датираат некои познанства и пријателства кои се покажаа трајни и клучни во мојот живот. Тогаш ги запознав Виктор и Веле. Исто и Војо Шиндолиќ, преку повикот за соработка во списание кое никогаш не излезе. Тогаш прв пат го контактирав и Арсен Дедиќ кој, без оглед што ние бевме ноунејмс во јавна смисла, ми испрати прилог кој му го барав за Албатрос. Тоа беа преводи на песни на Окуџава.
Елем, една од темите која мене ми изгледаше згодна за тој прв број беше феноменот на ФЕСБ. Тогаш весникот уште ја немаше добиено наградата, но беше феномен. Излегуваше под мотото „Имате ли родители? Зошто не ги напуштите?". И меѓу ликовите се појавуваше и извесен Роби К., кој тогаш уште беше 2-ро а, за по неколку години да го пуштат во 3-то а, во кое е и денес. Албатрос, значи, никогаш не излезе, па ни таа приказна за ФЕСБ. Но за среќа излегуваше ФЕСБ, и Виктор по некое време ме повика да напишам некој текст, затоа што весникот беше отворен и за автори кои не студираа на тој факултет. Значи и за мене кој студирав наутика.
Потоа отидов на режија во Белград, тоа беше '84та, и дознав дека ФЕСБ ја добил наградата 7 секретари на СКОЈ. Тогаш немаше интернет, мобилни, и вестите малку поспоро патуваа, но подобро се памтеа. Така до мене допатува едно поголемо писмо од Виктор, каде меѓу другото ми јавуваше и за наградата и за тоа дека Неделна Далмација него и Веле, како ударен тандем на ФЕСБ, ги повикала да гостуваат на претпоследната страница, која веќе тогаш се викаше Ферал, и која на почетокот ја уредуваше Чичо Сењановиќ. Но бидејќи тој бргу се разијде со тогашното уредништво, рубриката одеше од рака во рака, и во Неделна всушност размислуваа дали да ја укинат, затоа што никој посебно не се интересираше за неа.
БЕЗГРЕШНО ЗАЧНУВАЊЕ НА ФЕРАЛ
Тоа беше сатирична рубрика?
Да. Е, тогаш всушност Зоран Ерцег, тогашниот помошник уредник на Неделна Далмација, сфати дека е тоа ФЕСБ и наградата беше повод да ги повика во Ферал да направат свој „The best of FESB". Тука, заедно со ликот на Роби К., беа и оние Освалди и уште некои форми кои се задржаа и во подоцните фази на Ферал. Тоа кај читателите на Неделна Далмација супер помина и редакцијата на Виктор и Веле им понуди постојана соработка, од недела во недела да го работат Ферал.
Тие, секако, беа во паника како ќе го напишат сето тоа, како што подоцна бевме во паника кога минавме на две страници, па на четири, па како ќе направиме двонеделник, па неделник..Но, ете, секогаш ни успеваше. Виктор значи во тоа писмо ме повика, ако ми падне на памет нешто за Ферал слободно да му го испратам. Така почнав повремено да испраќам прилози, и да уживам во Ферал и како читател и како автор...
Кои беа тие прилози, дали веќе тогаш имаше некои од твоите познати форми како препевите на популарните мелодии?
Подоцна, тоа дојде подоцна. Првите пародиски песни во Ферал ги работеше Виктор. Ма тука имаше безброј форми. И од тоа после и се создаде оној штос дека Ферал е форма на сите форми.
Имаше тука пародизирање на разноразни новински рубрики, кои со време влегоа во „Вести од иднината", па ги правевме оние невкусни спојувалки, со комбинирање на „неспоиви" наслови и наднаслови, имаше заебанции со стрипови, најпрвин со Алан Форд, па подоцна и со Талични Том, Астерикс, Умпа-Па, Конан, каде монтиравме свои текстови...
Едноставно, мене тој Ферал и на далечина почна сè повеќе да ми значи, без оглед дали сум пратил прилог и, ако сум, дали ќе биде објавен. Мене тој читателски ме веселеше. Знаеш, јас во Белград едвај чекав ден кога доаѓаше Неделна Далмација. А и инаку бев новински манијак од мали нозе. Но таа Неделна со Ферал, тоа секогаш ми беше посебно весело.
Тоа што си новинарски манијак подоцна се покажа корисно со оглед на некои рубрики кои произлегоа од тој фриковски пристап кон читањето весници, како Greatest Shits.
Па да, тоа е сè последица. Јас сум едноставно навлечен на весници и тоа е неизлечиво. Иако после толку години човек би требало да се чувствува затруен...Веројано и сум, но не е на мене самиот да си пишувам дијагноза.
ДА СЕ СЕТИМЕ НА БОРО
Ајде наброј некои од ликовите кои се мотаа околу Ферал во тоа време.
Всушност, тука беа Виктор и Веле. Имаше повремени соработници, но тие двајца беа главните креатори и го влечеа најголемиот товар, се додека Веле не одлучи да го зафрши факултетот и да се бави со професијата, а не со новинарство. Мене пишувањето за Ферал почна сè повеќе да ме привлекува, па станав најпостојан соработник. Знаеш, таа приказна околу Ферал стана баш опасно добра. Многу бргу реагираа структурите: од оние партиски комесари по весниците кои тоа го черечат од идеолошка гледна точка, па до јавните тужители, органите на репресија, кои покренуваа куп постапки против Виктор и Веле. Имаше сослушувања, истраги, водење постапки поради исмејување на сите текови на самоуправниот социјализам, братството и единството, придобивките на револуцијата, навреди на државните функционери како Претседателството на СФРЈ итн.
Но, ако ги разгледуваш весниците од тој период за тоа нема ништо. Не се пишуваше за тоа. Беше нормално што тоа се случува и беше нормално да не се пишува за тоа. А тие процеси беа заебани, им го загорчуваа животот. Виктор не можеше да оди во војска, да го мине воениот рок дур беше помлад, затоа што правилото беше дека додека ти трае казнена постапка не можеш да одиш во војска. И тогаш кога конечно отиде, беше по потполковниот најстариот во својата воена пошта. Во тоа време студирав театарска режија, но со време Ферал сè повеќе ми легна.
Уживав на академијата работејќи со актерите мали претстави, театарски вежби, дружејќи се со сјајни луѓе, но посебно уживање ми беше да дојдам дома и тројцата да го работиме Ферал. Кога дојде време Виктор конечно да го пуштат во војска се постави прашањето што со Ферал? Бев при крај на факсот, не морав да одам на предавања, бев во некакво чекање околу дипломската претстава. Значи, имав време да се бавам со Ферал, но ми изгледаше дека нема да можам сам да го превземам тоа на себе кога Виктор ќе појде војска. На крај краишта тоа немаше да има никаква смисла, затоа што Ферал секогаш беше синтеза на енергија, не беше мономански. Напросто, ми требаше некој.
Виктор се сети на Боро Дежуловиќ кој тогаш работеше во Омладинска искра, исто така не мислејќи дека некогаш ќе заврши во весник. Работеше една заебантска страница, се викаше Ле Спизд - специјален прилог на Искра за слободно време. Тоа го работеа тој и Ренато Стефановиќ. Имаше допирни точки со Ферал, се гледаше дека тука некој многу добро пишува. Тогаш на Виктор му падна на памет да оди да разговара со Боро па да седнеме и да видиме дали ние би си одговарале и дали ќе можеме да се нафатиме. И така, се најдовме на пијачка. Ниту Боро имаше некое посебно мислење за мене, ниту јас за него, но ајде, ќе пробаме, таков беше договорот. Почнавме да работиме заедно, но сè се случи толку бргу, мислам дека веќе со третиот или четвртиот број кој го правевме заедно го инспириравме јавниот тужител да го забрани весникот заради Ферал...
Автор: Марко Томаш.
Целото (мега) интервју тука.