Македонија одигра одлични квалификации се до последното коло кога прво во 45 минути прими голови колку што не прими на сите досегашни натпревари во групата.
Селекторот Милевски одбра формација 3-5-2, од почеток во последниот ред беа Стојчевски и Велковски како стартери наместо Алиоски и Никола Серафимов.
Велшаните тргнаа јуришно и се заканија уште на истекот на 2' минута кога Брукс шутираше над голот на Димитриевски.

Во 17' минута домаќинот доби сомнителен пенал кој од повеќе агли делуваше како класичен обид за глума на Брукс кој без контакт со Андреј Стојчевски како сам да се сопна и падна. Главниот судија досуди пенал а ВАР не се гледаше.
Вилсон беше прецизен за 1-0 а после само пар минути следуваше прав огномет: најпрвин Брукс постигна гол за 2-0 а две минути после него Бојан Миовски на врвна асистенција на Дарко Велковски намали за 2-1.
И тоа беше единствено добро што македонските фудбалери го искреираа во првиот дел.
Велшаните не се откажаа од офанзивен, напаѓачки фудбал и тоа им донесе уште поголемо водство. Бренан Џонсон со ефектен гол од далечина го однесе домаќинот на 3-1 а Столе Димитриевски беше немоќен.

Во вториот дел на истекот на 59' минута Велшаните ја изиграа најдобрата акција на натпреварот кога Вилсон со пета додаде а Даниел Џејмс шутираше немилосрдно и зголеми на 4-1.
До крајот патот до мрежата на Димитриевски преку очајната одбрана на Македонија го најдоа уште и Вилсон со маестрален слободен удар со лева нога за 5-1, истиот играч стрелаше и за 6-1 со гол од пенал.
Резервниот фудбалер Бродхед во 88' минута ги постави конечните 7-1. Дебакл каков што Македонија не доживеала уште од онаа катастрофа со Англија на „Вембли“ во претходниот циклус квалификации.

Во четврток од 13 часот Македонија ќе го дознае првиот ривал во полуфиналето од баражот за пласман на Светско првенство како и евентуален противник во сонуваното финале на доигрувањето.
Македонија во полуфиналето ќе игра со противник од првиот шешир, тоа се Италија, Турција, Данска или Украина. Првиот натпревар Македонија сигурно го игра на гости, а за евентуално финале домаќинот ќе биде одреден со ждрепка.
Шешир 1: Италија, Данска, Турција, Украина
Шешир 2: Полска, Велс, Чешка, Словачка
Шешир 3: Ирска, Албанија, БиХ, Косово
Шешир 4: Романија, Шведска, Македонија, Северна Ирска
Ждрепката за баражот за СП 2026 е закажана на 20 ноември, со почеток од 13:00 часот.
Баражот се игра во март 2026-та година.