„Никој освен оние што ја искусиле не можат да ја замислат привлечноста на науката…во научната потрага постои постојана жед за откритија и чудење.“
Виктор Франкештајн
Цитатот од романот на Мери Шели, „Франкештајн“, зборува за силната привлечност на науката и за постојаното чувство на откритие што таа го носи. Токму оваа опсесија со научниот напредок стои зад создавањето на суштеството од книгата, кое не мораме веднаш да го наречеме „чудовиште“. Меѓу оваа фиктивна творба и современата вештачка интелигенција постои јасна врска. Приказната на Мери Шели за модерниот Прометеј не е врзана исклучиво за времето кога е создадена, туку има универзална вредност. Родена од научните стремежи на Викторијанскиот период и од имагинацијата на една многу млада, извонредно интелигентна девојка, книгата содржи и постмодерни и футуристички идеи. Тоа е време кога научната фантастика и технолошкиот напредок рапидно се развивале. Теоријата на Дарвин ја довела во прашање силата на религијата и традиционалните верувања за создавањето на светот, а романот на Шели ја користи токму оваа колективна загриженост: научник кој „си игра Бог“, создавајќи суштество со способности поголеми од човечките. Затоа романот е можеби уште поактуелен денес, два века подоцна.
Прашањата што Шели ги отвора за создавање на вештачко суштество многу нè потсетуваат на дебатите околу современата вештачка општа интелигенција и стравот од неа. Таа ги разгледува моралните и етичките последици од постоењето на умно битие создадено од човек, многу пред современите истражувачи на оваа тема. Во воведот на романот Шели го опишува својот кошмар што ја инспирирал – мртво тело кое почнува да покажува знаци на живот благодарение на некаква „моќна машина“. Овој мотив на вештачки оживеано тело денес е постојан дел од поп-културата.
Можно е да постои иднина во која ВИ ќе има свест и интелектуални способности многу поголеми од човечките. Интересно е што Шели го предвидува ова пред да постои машинско учење: суштеството на Франкенштајн самостојно учи јазик и комуникација, набљудувајќи едно семејство преку пукнатина во ѕидот. Тој функционира речиси како алгоритам што брзо акумулира знаење.
Романот исто така ја обработува идејата дека небрежното создавање интелигентно суштество може да доведе до катастрофални последици – страв што денес често се поврзува со развојот на вештачката интелигенција. Некои веруваат дека моментот кога ВИ ќе ја достигне човечката интелигенција ќе биде краток и дека, веднаш потоа, машината ќе продолжи да учи со брзина што го надминува човекот. Слично на тоа, суштеството во романот учи и напредува многу побрзо од човек.
ВИ, исто како и суштеството на Франкенштајн, бара внимание и насочено воспитување. Тоа е технологија во развој, и ако се остави без надзор, многу лесно може да се „испреврти“. Во романот, суштеството му вели на Виктор дека било добро и човечно, но дека несреќата и одбивањето го претвориле во злосторник. Овој став покажува дека интелигентната творба не е по природа добра или зла; нејзиниот карактер зависи од начинот на кој е создадена, третирана и водена. Истото важи и за ВИ.
Затоа е важно развојот на вештачката интелигенција да биде етички и одговорен, со посебно внимание на проблеми како алгоритамска пристрасност и дискриминација? Иако не знаеме како точно ќе изгледа нашата иднина под влијание на ВИ, литературата – како делото на Шели – ни дава можност да размислиме за можните сценарија уште пред тие да се случат. Таа ни помага да учиме од минатото и да ги разгледаме последиците од нашите сегашни технолошки избори.
Интересно е што МИТ Медија лаб создаде сопствена „Шели“, ВИ што пишува хорор-приказни инспирирани од стилот на Мери Шели. Обучена на илјадници хорор-текстови, оваа ВИ споделува продолженија на приказни на Твитер, а корисниците можат да соработуваат со неа. Еден од нејзините текстови опишува морничаво сценарио со бебе и метален звук на скалите. Има одредена поетичност во тоа што Мери Шели, преку овој технолошки експеримент, повторно оживува како далечен „роднина“ на современата ВИ – наследничка на нејзиниот оригинален фиктивен создател.
извор
Види претходно: Како се разликува новиот филм „Франкештајн“ од книгата?