рецензија на албумот на Штулиќ

Тешко е да снимиш добар албум додека жена ти спие на спрат

Драго ми е што и понатаму си свири за душа. За жал, притоа се снима, снимките ги објавува, а само наглув може тоа да го нарече нов албум.

Голем уметник, а несериозни снимки. Тоа е веројатно најдобриот коментар на „Гозба", новиот „албум" на Бранимир Штулиќ. Коментарот го има оставено еден читател на Т-портал, под текст кој повикува на слушање на тоа дело на Штулиќ. Слични текстчиња објавија речиси сите портали од државите од бивша Југославија.

Многумина се воздржуваа од оценки, само констатираа дека Штулиќ, ете, има нов албум. Само ретките се осмелија да го дадат нивниот суд. Така, на пример, Јутарњи лист објасни дека Гозба „на прво слушање носи блузерски верзии на стари парчиња и нешто нови, а инструменталите често се среќаваат на овој нов музички материјал" и заклучува дека во „интимистичката атмосфера на блузот и домашниот етно мелос познавачите ќе препознаат доста од стариот Џони и сигурно ќе уживаат во сите 48 минути и 33 секунди нови песни". Белградскиот Б92 она што го работи Штулиќ го нарече „музичка револуција". Останатите главно го нарекуваа легенда, даваа попис не песните и линк до Јутјуб каналот на Бранимир Штулиќ.

Албумот до денес (значи, за само три дена) го слушнале повеќе од 54 илјади луѓе. Тоа го вели статистиката. Всушност станува збор за луѓето кои ПОЧНАЛЕ да го слушаат. За жал, нема достапна статистика која би покажала колкумина од нив издржале до крај.

Тоа ми појде од уво дури од втор пат. При првиот обид за слушање запнав веќе на третата песна, кога упорниот Штулиќ со своето соло ме наговори да ја изгасам снимката. До тогаш го отслушав инструменталот „Хладан вјетар пољем пири" и „Наизглед лијепа". Во обата случаи препорачувам некои порани изведби, за првата да речеме на Звонко Богдан, а за втората од Бранимир Штулиќ. Само триесетина години помлад. Таа трета песна, „Што си Лено наголемо", ме натера во бегство. Комбинацијата на македонскиот мелос со унгарски призвук, сосе раштиманата гитара и не е некоја среќа. Најлошо е што Штулиќ оваа, а и сите останати песни, ги облагородува со солирање на гитара. Можеби најдобро би било ако ова се спореди со некакво пргаво момче кое малку-малку па истрчува на теренот, им ја зема топката на своите врсници кои се обидуваат да играат фудбал, ја пука во голот, моча по голманот, па бега за да не го фатат. Самиот крај е апсолутно неслушлив.

Два дена подоцна му дадов нова шанса. Стоички издржав до крај, и покрај благата главоболка која се јави веќе некаде на четвртата песна, „Волим те кад причаш", една од неговите легендарни. И тука убива проклетото солирање кое повеќе личи на барање тонови по гитарата. Кој сака да ужива во оваа песна нека си ја пушти „Филигрански плочници".

Дури некаде на „Кипо" ми се пристори дека работите ќе легнат на своето место, но тука повторно се замеша она соло и ја разби магијата. Сепак Кипо ми е некако најдрага во овој обид на Штулиќ. Како прво, тој сите песни ги пее со едвај третина сила. Потсетува на човек кој самиот се снима во соба, внимавајќи да не ги разбуди соседите. Звуши баш како описот на Сергеј Трифуновиќ кој пред доста години со некое друштво му се бапнал на врата, а овој веднаш ги предупредил да бидат тивки затоа што жена му спие на спратот. „Јебига, мораш да бидеш внимателен кон оној кој те храни", објаснил тогаш Штулиќ.

„Кипо" се пее баш така, за да не се разбуди заспаниот спијач. Освен тоа, дел од таа песна можеби најдобро го опишува она што на Штулиќ му се случува денес, додека тивко ги снима тие свои песнички: „Чини му се да га гитара не слуша/он би да она сама свира". Кипо на Штулиќ има топли и влажни очи и „ние ги слушаме неговите плочи".

Ние навистина денес ги слушаме неговите плочи. Добро, ЦД-иња, mp3, или како што веќе се викаат. Ги слушаат и некои нови клинци иако не со оној жар, што е разбирливо. Бранимир Штулиќ е веројатно најдоброто што и се случило на хрватската рок сцена кога и да е. Ако има правда, Штулиќ масно ќе го наплати она што другите го заработуваат на име на неговиот музички гениј. Драго ми е што и понатаму си свири за душа. За жал, притоа се снима, снимките ги објавува, а само наглув може тоа да го нарече нов албум.

автор: Саша Вејновиќ

Последно:
Џони Штулиќ - Тоа не е албум, тоа е Јутјуб!

5 август 2013 - 15:53