Како се разликува новиот филм „Франкенштајн“ од книгата?

Новата адаптација на Гиљермо дел Торо повторно ја оживува приказната за еден од најпознатите митови во светската книжевност — „Франкенштајн, или современиот Прометеј“ на Мери Шели. Тоа е едно од најчесто адаптираните во филмската историја, од Борис Карлоф и Мел Брукс до Џин Вајлдер и Кенет Брана, а наскоро се очекува и нова верзија од „Невестата на Франкештајн“ на Маги Гиленхол. 

За новата верзија на „Франкештајн“ на Гиљермо дел Торо пишувавме во август оваа година, во контекст на она што беше најинтересно на Венецијанскиот филмски фестивал. Од неодамна достапен на Нетфликс, тој го запазува духот на оригиналното дело на Мери Шели, но и се разликува во повеќе клучни точки. 

Најпрвин, книгата е завршена во 1818, а филмот почнува со назнака дека станува збор за 1857 - неколку години по смртта на авторката. Ваквото поместување за педесетина години овозможува да се вметнат елементи поблиски до нашето време, на пример доктор Виктор Франкештајн (го игра Оскар Ајзак) да користи електрична струја при оживувањето на неговата творба, „суштеството“ (Џејкоб Елроди). 

Виктор во филмот расте со строг татко-хирург кој го обучува да ја продолжи семејната професија. Смртта на мајката за време на породувањето со неговиот помлад брат Вилијам го поттикнува да се заинтересира за тоа како да се победи конечноста и да се оживеат мртвите. Во романот, пак, Шели го прикажува Виктор како среќно дете кое самостојно се запознава со науката, фасциниран од делата на алхемичари и филозофи како Агрипа и Парацелзиус. Смртта на неговата мајка (од шарлах) доаѓа многу подоцна и не е директен поттик за создавањето на чудовиштето.

Дел Торо воведува нов лик – Харландер (го игра Кристоф Волц), богат трговец со оружје кој ги финансира експериментите на Франкенштајн. Тој, болен од сифилис, сака неговиот мозок по смртта да биде вграден во телото на чудовиштето. Овој лик целосно менува дел од структурата на приказната. Исто така, Елизабета (ја игра Миа Гот) во филмот е свршеница на Вилијам и дел од љубовен триаголник, додека во оригиналниот роман таа е братучетка и вереница на самиот Виктор.

Во романот на Шели, чудовиштето е чувствително, интелигентно и со способност за говор и размислување. Тоа копнее по друштво и станува насилно само кога е одбиено. Во филмот на дел Торо, суштеството, барем на почетокот е поедноставно – подетинесто и со насилни изливи предизвикани од самooдбрана или несвесност за сопствената сила. Дел Торо, верен на својата тематика, повторно ја нагласува чудовишноста на луѓето и човечноста на „чудовиштето“.

Филмот го следи основниот тек на првите два дела од романот, но испушта важни настани и ликови – меѓу нив Џастин Мориц (неправедно осудена за убиство) и Сафи (која во романот му помага на чудовиштето да научи да зборува). Најголемата промена е завршницата, но за ова ќе ве оставиме да го погледнете филмот. Генерално, дел Торо го задржува хуманистичкиот дух на делото, но го преобликува во емоционално посуптилна верзија, каде што и чудовиштето и неговиот создавач се прикажани не како апсолутно зли, туку како трагични жртви на сопствените страсти и стравови.

10 ноември 2025 - 07:51